Книги

Калина Малеска: Истражувам како ги доживуваме нашите избори

За Калина Малеска пишувањето е истражување. Низ годините таа ги истражува можностите на различните книжевни видови и жанрови, ги истражува потребите на книжевните дела за возрасни и за деца, а во најновиот роман насловен „Светот што го избрав“, кој излезе минатата недела во „Или-или“, ги истражува нашите избори.

Животот тече, времето минува, а како се чувствуваме во сопствената кожа зависи од тоа колку сме задоволни од нашите постапки и одлуки. Дали да се излезе од токсичниот брак и да се живее во сутерен што личи на мрачна пештера од приказните, дали да се прифати работен ангажман кој однапред делува извалкано и полн корупција но кој сепак нуди можност да се направат промени на подобро, дали да се молчи пред налетот на насилно изразените ставови од сите страни или да се влезе во војна и да се каже своето мислење? Дилемите со кои се соочува Леона додека го читаме романот стануваат и наши, а наше останува дали ќе му дозволиме на нејзиното будење барем малку да нè зарази.

Раскази (1998), роман (2006), раскази (2008), драма (2010), роман (2014), раскази (2016), две книги за деца (2018, 2021), раскази (2021) и роман (2024). Навистина забавно изгледа твоето шетање меѓу книжевните видови и жанрови досега. Како го доживуваш ти?

А почнав со поезија во основно училиште и, иако никогаш не сум објавила збирка поезија, и сега повремено ќе напишам по некоја песна. Ги сакам експериментирањата во книжевноста, во секоја смисла, и жанровски и во однос на техники, гледни точки, фокус, темпо на дејство. Таквите различни постапки ми помагаат да утврдам кој пристап најдобро функционира за некоја тема. Тоа е исто така начин да се избегне премногу повторување и да се откријат нови начини на изразување и кај себе и во книжевноста општо. Расказите се предизвик зашто налагаат нешто да се искаже на мал простор, што значи бараат многу концизност, фокус, селекција. Драмата како жанр ми е најтешка бидејќи не дозволува никакви објаснувања од некој посредник, наратор, ниту навлегувања во описи, мисли, па сите нијанси на расположението и сите идеи треба да се доловат само преку зборовите на ликовите, без да се протолкуваат тие зборови. Детските книги се исто така посебен вид пишување, при кој повеќе размислувам за публиката што потенцијално ќе ги чита отколку кога пишувам за возрасни. Романот е жанр што најмногу обзема, бидејќи за целото време додека го пишувам живеам со ликовите и приказната, како да се дел од некоја паралелна реалност која е постојано присутна во мојот живот. Истражувањето на сите овие различни начини на пишување ми е важно и интересно и секој жанр ми открива нешто што потоа го внесувам како сознание во другите жанрови.

„Светот што го избрав“, насловот на твојот нов роман, на прва упатува на изборите. Тие се навидум едноставни, но во суштина многу комплексни точки во нашите животи кои го определуваат неговиот правец и му даваат или одземаат смисла. Зошто ти ја избра оваа тема?

Така е, и тоа, меѓу другото, е и причината што ја одбрав оваа тема – тоа што изборите се комплексни точки од нашите животи кои се значајни зашто го одредуваат понатамошниот тек. Сакав да истражувам како ги доживуваме нашите избори, некогаш незабележително се движиме кон нешто, а некогаш сме соочени со големи дилеми кога станува збор за работи за кои не сме сигурни како да постапиме. Пред неколку години се погоди неколку романи што ги прочитав едно по друго да зборуваат за ликови кои се незадоволни од својот живот, трагаат по нешто друго, но на крајот сфаќаат дека сето тоа е лажно, и се враќаат на својот живот, кој од таа подоцнежна перспектива повеќе го ценат. Тоа ме поттикна да размислувам за една сосема спротивна тема – да ја истражам можноста за невраќање на поранешниот живот, туку за прифаќање на сите избори како дел од развојот на личноста.

Ја погледнувам пајаковата мрежа во аголот што трепетливо сјае при допирот со оние зраци што успеваат да се пробијат низ крошната на јаворот и да навлезат испрекинати низ мрежата на прозорците. Како дете, на терасата од нашата куќа ги набљудував инсектите заглавени во пајаковите мрежи и, додека се двоумев дали да ги спасам, веќе беше доцна – пајаците секогаш беа побрзи од моите акции. Следниот пат! се тешев, следниот пат јас ќе бидам побрза. Затоа мразев кога мајка ми или тетка ми ќе ги исчистеа пајажините и ќе ми ја одземеа потенцијалната можност да помогнам. Никогаш не бев побрза.
– „Светот што го избрав“, стр. 47 –

Леона, главниот лик во романот, издавачот во најавата на Фејсбук го нарече „еден од највпечатливите и најавтентични женски ликови во современата македонска литература“. Станува збор за една жена со голема свест за работите во себе и околу себе, но со мала храброст за кажување на она што го мисли во животот. Ја гледаш ли како претставничка на една цела генерација хранета со апатија?

Би рекла дека на почетокот навистина има мала храброст, но ова беше една од точките на кои сакав да се сосредоточам во романот: освен големата свест за себе и светот околу себе, ликот да развие свест и за потребата да пронајде во себе поголема храброст. Можеби, поради нејзината неактивност, особено на почетокот на романот, оддава впечаток и на апатија, но мојата намера беше да создадам лик што се бори со своите слабости и ги надминува, што ја победува апатијата и има неуморна волја да се менува и себеси и својата околина.

Значајно место во романот зазема работата на комисијата за учебници, која изгледа де како циркус, де како „Македонија во мало“. Имајќи предвид дека си дел од образовниот систем, морам да те прашам, имаш ли некое конкретно искуство што ти беше поттик за овој дел од романот?

Конкретната комисија во романот е фикционализирана, но сум имала искуства со неколку комисии во кои се дискутирало за слични теми. Тие судири на различни гледишта може да бидат многу интересни, особено ако не се настапува со некакви задни намери, туку со свои гледишта и аргументи. Да, тоа може да биде хаотично, некогаш личните гледишта се подоминантни од аргументите, членовите на одборот во романот се често неусогласени, а понекогаш и излегуваат од темите за кои треба да се дискутира, но тоа го доживував некако како релативно очекувана човечка состојба. Нивните дискусии ги гледам и од критички аспект, но и како потребен судир на ставови што може и да е продуктивен.

Си помислувам на Ранко, слабото срамежливо момче. Имаше тогаш една игра меѓу машките да му го притиснат некому стомакот – или градите, не знам, никогаш не можев да го изгледам ритуалот внимателно – и да видат дали ќе издржи да не се онесвести при испуштање на воздухот. Повеќето ученици навиваа. Некои гледаа и се надеваа дека нема да станат објект на експериментот на проверка дали ќе се онесвестат. Зошто – се прашував во себе, зошто го правите тоа, си велев. И секогаш се надевав дека ќе го прекинат ритуалот откако само ќе ја исплашат својата жртва, пред да му го притиснат стомакот, или градите. Никогаш не го прекинуваа.
– „Светот што го избрав“, стр. 9 –

Леона, другарка ѝ Весна, ќерка ѝ Клеа, тетка ѝ, двете девојчиња Елена и Вера… женските ликови се стожерот на романот, околу кои гравитираат машките, и женскиот глас ни ја пласира приказната. Прилично обратно од концентрацијата на моќта во стварноста, нели?

Мислам дека книжевноста е важна, меѓу многу други причини, и поради можноста за субверзија на стварноста и инверзија на тие односи на моќ. Ако во стварноста концентрацијата на моќ е на едно место, тоа може да се поткопа со поставување на поинакви односи во некое книжевно дело. Во романите во минатото, женските ликови се најчесто прикажани низ машка перспектива, која традиционално доминирала. Во овој случај, сакав да раскажам приказна пласирана од женски глас, кој сакав да звучи искрено и автентично, па во таа смисла да не биде некаков стереотип, туку да биде свесна и за своите слабости и самокритична. Низ тоа искуство, свој удел имаат ликовите со кои најмногу доаѓа или во минатото доаѓала во контакт и кои во најголем дел се женски ликови. Бидејќи Леона е лик кој постепено се ослободува од некои стеги, во романот има и спротивставеност, се надевам суптилно прикажана, меѓу минатото и сегашноста, во која сè повеќе доаѓа до израз нејзиниот глас. И тука во приказната влегуваат и машките ликови, кои исто така сакав да ги изградам како комплексни, повеќедимензионални ликови, и тоа, да ги прикажам како што се видени од перспектива на женскиот глас на протагонистката.

Утре е промоцијата на романот. Како се чувствуваш и кои (не)славни луѓе би сакала да ги видиш во публика?

Не сум размислувала за тоа. Некако овие денови се фокусирам на тоа промоцијата да помине во убава атмосфера, иако тоа не зависи од мене или не зависи само од мене.


Фотографија: Наташа Атанасова

Наташа Атанасова

...

КОМЕНТАРИ

  • Сакав да раскажам приказна преку женски глас свесен за своите слабости - УМНО.МК

    […] Прочитајте го целото интервју на Блен.мк. […]

    Одговори

Што мислиш ти?