Јунг за добар викендашки штимунг
Во времето додека студирав, „Човекот и неговите симболи“ беше книга до која тешко се доаѓаше. Ја немаше никој од студентите во генерацијата, а ни професорите. Ја имаше единствено во НУБ, на српски, од каде што можевме да ја симнеме само до нивниот фотокопир и да ја фотокопираме по прилично поскапа цена отколку во некоја друга фотокопирница. Како и да е, со скромниот студентски џепарац збогатен со пренамена на буџетот за храна и со здружени сили со колегите кои сакаа да читаат, успевавме да копираме и прекопираме и вакви ретки книги.
И, годинава, ете ти ја на македонски. Голем формат, со сите оригинални илустрации и со прекрасни корици, ѕирка од по излози. За некој како мене кого го тепа носталгија по студентските денови и времињата кога книгите што сакав да ги држам в раце ми беа недостапни а јас желна како сунѓер да впијам сè што ќе ми се причинеше интересно – ете одлична можност да се земе под рака Јунг.
Најклучното од Јунг
Фасцинантен е степенот до кој Јунг проникнува во човековата психа. Пред некое време ја читав и неговата автобиографија, која е најнеобичната книга од тој тип на којашто сум наишла – раскажување на својот живот преку навидум рандом сеќавања, соништа и мисли од текот на целиот живот (како што и се вика книгата), односно раскажување на својот живот преку својата истражувачко-интроспекциска работа.
Неговото истражување на човекот и неговите симболи, всушност, е истражување на човековото несвесно. А тоа не е исто што и потсвесното на Фројд – нашите потиснати желби кои знаат да избијат на површина во одредено време, на одреден начин и во одредена форма. Несвесното е дел од животот на индивидуата кој е секогаш тука, во неа и со неа, целосно рамноправен со свесното како во поглед на носењето одлуки за справување со животните проблеми и ситуации, така и во поглед на целокупниот став кон животот. А формата во којашто несвесното на човекот (или неговата несвесна душа, како што знае да го нарече Јунг) најживописно испливува на површина и преку која имаме најдиректен допир со него се: соништата. Тие, пак, се директна и лична порака до сонувачот, која е кодирана (преку симболични слики) на начин на којшто само тој би умеел да ја откодира и имаат смисла само за него и за никој друг.
Тука е и неговото дефинирање на архетиповите, архаични остатоци, праисконски симболични слики кои се манифестација на нашите загубени или избледени инстинкти како колектив, односно се дел од нашето колективно несвесно. И ако личните комплекси не создаваат ништо друго освен предрасуди, архетиповите создаваат митови, религии и филозофии што влијаат на цели нации и историски епохи.
Бонус тривија
Иако повеќето од неговите идеи ми беа познати, освежувачки ми дојде да ги прочитам одново. Прераскажаните соништа на пациентите и толкувањата за нив, пак, секогаш ми се уживанција за читање. А тука се и некои работи од папката „тривијалности“ кои ги дознав за првпат и кои по толку години ми го дообоија контекстот околу ова капитално дело.
Имено, нешто што не сум знаела е дека книгата е напишана со цел да се популаризираат сознанијата до кои дошол Јунг во текот на целата своја кариера. Всушност, новинарот Џон Фриман бил виновникот за нејзиното настанување. По едно телевизиско интервју со него, тој успеал да го убеди Јунг дека на светот му е потребна книга во која неговите сложени идеи од областа на психологијата и психоанализата ќе бидат претставени на едноставен начин за да може да ги разбере секој просечен читател. Бидејќи само така луѓето би можеле да откријат дека за некои проблеми што ги имаат постојат решенија и дека тие се кријат во сознанијата на оваа наука. Јунг ја сфатил важноста на таквата мисија и последната година од својот живот ја посветил на пишувањето на оваа книга.
Интересно е и тоа што Јунг умира во 1961 година, откако го завршил својот дел, а книгата излегува во 1964-та, откако неговите соработници ќе ја комплетираат содржината. Тоа беше уште нешто што сега ми дојде како ново – дека всушност целата книга не е негово дело, иако, сепак, таа е претставување на неговите животни сознанија од областа на психоанализата.
Книгава ја исчитав пред неколку месеци и се спремав уште тогаш да пишувам за неа, ама никако да седнев. И еве денес, од нигде-никаде, нешто ме натера. Не ми се сони (иако ако размислам, деновиве ми се од тие кога засилено сонувам), ами туку-така си ја извлеков од пресно прередената библиотека и почнав да штракам. Можеби, ми прифалила подлабока интроспекција периодов, поради купот работни обврски и желбата да ги исчистам заборавајќи дека на човек понекогаш му е неопходно да седне и сериозно да си помуабети со своите мисли. На само. Евентуално да пушти во друштво плус уште само некоја добра пијачка.
Современиот човек ја плаќа цената поради извонредниот недостиг од интроспекција. Тој е слеп за фактот дека, и покрај целата своја рационалност и делотворност, со него владеат „сили“ што се надвор од негова контрола. Неговите богови и демони воопшто не исчезнале; само добиле нови имиња. Тие го пуштаат да трча без одмор, со нејасни грижи, психолошки компликации и ненаситна потреба за пилули, алкохол, тутун, храна – а, пред сè, со многу неврози.
од „Човекот и неговите симболи“
Муабетот ми е, на сите ни треба понекогаш да го земеме де в рака, де под рака Јунг. Ни треба да се потсетиме колку сме длабоки како битија и колку малку време си посветуваме себеси и на своите најдлабоки несигурности. А, како што вели Јунг: „Задачата на соништата е да се обидат повторно да ја вратат нашата психолошка рамнотежа со произведување на соновна граѓа која ќе воспостави одново, на суптилен начин, целосен психички еквилибриум.“
П.С.: Чепкајќи низ компјутерот деновите додека ја читав книгата, случајно видов дека сум превела еден дел од неа во времето кога сум ја читала за првпат. Јас од 19 и јас од 34 години се сретнаа во тие редови и радосно си признаа дека преводот од гореспомената фотокопија на српски е полош од тој во книгата (нормално!), ама врши работа за некој да се навлече на Јунг. Читнете – делот се вика Лекување на расцепот.
Наташа Атанасова
...