Лечење на расцепот (Карл Густав Јунг)

Нашиот ум создаде нов свет кој владее со природата и го наполни со чудовишни машини. Тие се толку очигледно корисни што воопшто не гледаме можност за ослободување од нив или од нашата зависност од нив. Човекот е присилен да ги следи авантуристичките поттици на својот научен и инвентивен дух и да си се восхитува себеси поради своите сјајни достигнувања. Истовремено, неговиот гениј покажува кобна склоност кон измислување нешта што стануваат сè поопасни, бидејќи претставуваат сè посовршени средства за масивно самоубиство.

Имајќи го предвид забрзаниот пораст на светското население, човекот веќе почнува да бара патишта и начини за зауздување на таа нагла поплава. Но, природата може да ги претекне сите наши обиди, свртувајќи се против човекот и неговиот сопствен творечки дух. Атомската бомба, на пример, ефикасно би го запрела пренаселувањето. И покрај нашето гордо владеење со природата, сè уште сме нејзини жртви, бидејќи дури немаме ни научено да го контролираме сопствениот карактер. Полека, но како што се чини, неизбежно, ја предизвикуваме пропаста.

Нема повеќе никакви богови кои можеме да ги преколнуваме да ни помогнат. Големите светски религии патат од сè поголема слабокрвност, со оглед на тоа што корисните божества побегнале од шумите, реките, планините и животните, а боговите-луѓе се скриле во несвесното. Се залажуваме мислејќи дека таму срамежливо живуркаат меѓу остатоците на нашето минато. Со нашиот сегашен живот владее Разумот, што е наша најголема и најтрагична илузија. Со помош на разумот – така се уверуваме самите себеси – „ја освоивме природата“.

Но, тоа е само парола, бидејќи т. н. освојување на природата нè победува со природниот факт на пренаселеноста и така на нашите неволји им се придружува психолошката неспособност да ги создадеме потребните политички договори. И понатаму е целосно природно луѓето да спорат и да се борат за превласт еден над друг.

Значи, како сме ја „освоиле природата“?

Бидејќи секоја промена мора да почне од некаде, поединецот е тој што ќе ја искуси и ќе ја спроведе. Промената навистина мора да почне од поединецот; тоа може да биде кој било од нас. Никој не може да си дозволи да гледа околу себе и да чека некој друг да го направи тоа што нему самиот му е одбивно за правење. А со оглед на тоа што изгледа дека никој не знае што треба да прави, можеби би било добро секој од нас да се праша случајно неговото или нејзиното несвесно да не знае нешто што може да ни помогне. Судејќи по сè, сигурно дека свесниот дух во врска со тоа не може да направи ништо корисно. Човекот денес е болно свесен за тоа дека ни неговите големи религии, ни неговите различни философии не ги нудат оние силни поттикнувачки идеи што би му ја дале сигурноста неопходна за соочување со денешната состојба на светот.

Знам што ќе кажат будистите: сè би било во ред, само кога луѓето би сакале да тргнат кон „возвишената осумкратна лента“ на dharma (учењето, законот) и навистина би се спознале себеси. Христијанинот ќе ни рече дека би имале подобар свет само кога луѓето би верувале во Бога. Рационалистот тврди дека сите наши проблеми би биле решливи, само кога луѓето би биле интелегентни и разумни. Лошо е што ниеден од нив не успева да ни ги реши тие проблеми.

Христијаните често се прашуваат зошто Бог не им се обраќа со зборови, како што веруваат дека тоа некогаш го правел. Кога и да слушнам такво прашање, помислувам на рабинот што го прашале за причината поради која Бог во дамнина често му се прикажувал на народот, а денес никој не го гледа. На тоа прашање рабинот одговорил: „Денес веќе никој не може да се поклони доволно длабоко“.

Одговорот го погодува она вистинското. Ние сме толку обземени со нашата субјективна свест што го имаме заборавено стариот факт дека Бог, главно, говори по пат на соништа и привиденија. Будистот го отфрла светот на несвесните фантазии како нескорисна илузија, христијанинот ја става својата црква и Библијата помеѓу себе и своето несвесно, а рационалниот интелектуалец сè уште не знае дека свеста не е неговата цела психа. Тоа незнаење денес упорно трае и покрај фактот што повеќе од 70 години несвесното е основен научен поим, без кој е невозможно какво било сериозно психолошко истражување.

Ние не можеме повеќе да поднесеме да бидеме семоќни како Бог до таа мера, што самите пресудуваме за тоа дали природните појави се вредни или не. Ние не ја засноваме нашата ботаника на старинската поделба на корисни и бескорисни билки, ниту својата зоологија на наивната разлика меѓу опасни и неопасни животни. Но, сè уште самозадоволно тврдиме дека свеста има смисла, а несвесното е бесмислено. Во науката таквото тврдење би се исмеало. На пример, микробите, дали тие имаат или немаат смисла?

Не можеме да очекуваме некој, што никогаш не гледал под микроскоп, да биде стручњак за микроби; на ист начин, оној што никогаш сериозно не ги проучувал природните симболи не може меродавно да суди за нив. Меѓутоа, општото потценување на човековата душа е толку големо што во неа не сакале два пати да погледнат ни големите религии, ни философиите, ни научниот рационализам.

И покрај фактот што католичката црква го признава појавувањето на somnia a Deo missa (сон од Божја милост), повеќето нејзини мислители не настојуваат сериозно да ги сфатат соништата. Се сомневам дека постои некоја протестантска расправа или доктрина што би се спуштила толку ниско за да признае дека во сон може да се слушне vox Dei (гласот Божји). Но, ако теологот навистина верува во Бога, кој му дава право да тврди дека Бог не може да се изрази во соништата?

Јас повеќе од половина век ги проучував природните симболи и дојдов до заклучок дека соништата и нивните симболи не се бесмислени. Напротив, соништата им даваат навистина интересни известувања на оние што се трудат да ги сфатат нивните симболи. Навистина, резултатите имаат мала поврзаност со таквите земни работи како што се купувањето и продажбата. Но, смислата на животот не се објаснува исцрпно со нечиј работен живот, ниту длабокиот копнеж на човечкото срце не се задоволува со сметка во банка.

Во раздобјето на човековата историја, во кое целата расположлива енергија се троши на истражување на природата, многу малку внимание се посветува на суштината на човекот, а тоа е неговата психа – иако многу истржувања влегуваат во нејзините свесни функции. Но, навистина сложениот и непознат дел од духот, оној во кој се создаваат симболите, всушност е неистражен. И, иако тој дел секоја ноќ ни праќа сигнали, се чини речиси неверојатно што одгатнувањето на тие пораки, со исклучок на многу мал број луѓе, на сите им изгледа здодевно за да се занимаваат со него. За најмоќното оружје на човекот, за неговата психа, се размислува незначително, во неа често отворено се сомневаме и ја презираме. „Тоа е само психолошки“ пречесто значи: тоа е ништо.

Од каде, всушност, потекнува таа голема предрасуда? Очигледно, ние сме биле толку зафатени со прашањето за она што самите го мислиме, што сме заборавиле да се прашаме што несвесната психа мисли за нас. Идеите на Зигмунд Фројд кај многу луѓе го зацврстија презирот кон психата. Пред него, таа само се превидуваше и се занемаруваше; сега стана место на морално негодување.

Тоа морално стојалиште сигурно е еднострано и неправедно. Тоа дури не е поврзано ни со познатите факти. Нашето реално знаење за несвесното покажува дека тоа е природен феномен и дека, како и Природата, во најмала рака е неутрално. Тоа ги содржи сите видови човекова природа – ведри и мрачни, убави и грди, добри и зли, умни и глупави. Проучувањето на поединечното, како и колективниот симболизам, е голема задача што сè уште не е совладана. Но, конечно е начната. Првите резултати охрабруваат и се чини дека нè упатуваат кон одговорот на многу досега неодговорени прашања на денешното човештво.


Насловна фотографија на Ron Lach од Pexels

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

КОМЕНТАРИ

  • Јунг за добар предвикендашки штимунг - Блен.мк

    […] П.С.: Чепкајќи низ компјутерот деновите додека ја читав книгата, случајно видов дека сум превел еден дел од неа во времето кога сум ја читала за првпат. Јас од 19 и јас од 34 години се сретнаа во овој превод и радосно си признаа дека преводот од гореспомената фотокопија на српски е полош од тој во книгата (нормално!), ама врши работа за некој да се навлече на Јунг. Читнете – делот се вика Лекување на расцепот. […]

    Одговори

Што мислиш ти?