Ида Млакар Чрнич: Книжевноста за деца мора да им биде важна на сите
Ида Млакар Чрнич е словенечка писателка за деца, која предминатата недела беше во Скопје, како гостинка на книжевниот и творечки фестивал за деца и млади „YES фестивал“. Авторката на прекрасната сликовница „Овде, во близина, живее едно девојче“, за којашто пишував пред некое време, е авторка чии книги за деца во Словенија пред некоја година ги имаат добиено сите првачиња во Словенија.
Книжевноста за деца, таа прилично потценета а во суштина толку важна гранка на книжевноста, беше главниот мотив за разговорот со неа.
Кој е Вашиот најголем мотив да пишувате за деца?
По професија сум библиотекар и работев во локалната библиотека во Љубљана како библиопедагог. Така, многу се среќавав со деца, од претшколска возраст па до тинејџери, и многу разговарав со нив, и за словенечката и за преводната литература за деца и млади. А кога работиш таква работа, нормално е по некое време да почувствуваш повик и самиот да напишеш нешто за децата.
Така, почнав да пишувам серија приказни за две прасиња Биби и Густи, кои говорат за чувствата: за лутината, стравот, љубовта, жалоста… Децата честопати не ги препознаваат овие свои чувства и затоа сакав преку приказна со нив да зборувам за тоа како да се надминат лутината и гневот, како да се прекинат тагата и стравот, што е среќата или како да се надминат предрасудите. Но, тие приказни беа наменети за малите деца од претшколска возраст до прво одделение. За поголемите деца сакав ликови кои ќе ги поставам во некои пореалистични животни ситуации, бидејќи тие сакаат да се идентификуваат со групата свои врсници. Децата растат со бајки и со приказни за животни, па потоа тежнеат кон реализам.
Кога станува збор за вашиот креативен процес на пишување, што обично Ви доаѓа прво – темата или приказната?
Морам да кажам дека јас секогаш поаѓам од некое чувство, односно од сеќавање на некое чувство за кое знам дека треба да разговарам со децата. Чувството е на почетокот, тоа е прво. Потоа околу него може да настане некоја реалистична приказна, со тоа што таа е многу лирски изразена. Со тој лиричен момент во прв план доаѓа играта со јазикот и јазикот како таков, како алатка за пишување, а приказната е на второ место.
Како обично паѓа одлуката за тоа кој ќе ги илустрира Вашите книги – дали додека пишувате веќе замислувате кој би го извадил на виделина во најдобри линии и бои светот на Вашето дело или издавачот е тој што прв размислува на темата?
Во најголем број случаи издавачот предложува илустратор и ме прашува дали се согласувам и дали сум задоволна со изборот. Неколку пати се има случувано да го замолам издавачот да избере некој друг илустратор, бидејќи тој што го препорачале првично не ми „легнал“. Сметам дека ликовното раскажување мора да се спои со приказната што сум ја испратила во издавачката куќа.
Дали и како Вашето родителство влијаеше врз Вашиот развој како писателка за деца?
Имам две деца, два сина, кои сега имаат 30 и 35 години, самостојни се и живеат сами. Кога беа помлади тие беа мојата првата критика, така што јас и ден-денес им давам да ги прочитаат моите приказни и да ми кажат што мислат за тоа како се напишани. Но, тоа сум го правела не само со нив, туку и со децата во библиотеката, кои често ми бараа да им читам некоја моја приказна. Така што, редовно имав повратни информации за тоа како тие ги доживуваат приказните, каде сум била можеби малку нејасна или пресимболична, каде им е тешко нешто да сфатат. Кога пишуваш за деца, потребно е да ја имаш пред себе целната публика за да го тестираш делото.
Дали сметате дека при пишувањето сликовници потребно е да пишувате истовремено и за родителите, а не само за децата? Барем таков ми беше впечатокот додека ја читав „Овде, во близина, живее едно девојче“.
Сликовницата е посебен книжевен медиум. Таа не е наменета само за децата, туку и за возрасните. Затоа, кога пишувам сликовници, секогаш ги имам предвид и возрасните, кои се посредници за пренос на приказната, ликовите и темите кон децата. Јас сакам возрасните да разговараат со децата за тоа што е напишано, да се обидат да дознаат како едните и другите ја разбираат приказната, затоа што родителите можеби ја разбираат на еден начин, а децата на друг. А низ разговорот тие се зближуваат и се разбираат.
За оваа сликовница, од многу родители слушнав дека додека им ја читале на децата, тие плачеле, додека децата поинаку ја доживуваат…
Тоа е така затоа што родителите имаат повеќе такви искуства, кога не биле забележувани, слушани или не биле признаени во различни ситуации, па ги препознаваат овие чувства. Децата можеби имаат помалку такви искуства, иако не сите – и децата имаат такви ситуации. Но, децата гледаат на животот на пооптимистичен начин, тие препознаваат дека раскажувачката на приказната се менува, дека доживува некоја преобразба и дека таа приказна нема негативен, мачен крај. Има тука надеж дека може да се надминат нашите предрасуди, дека работите може да се сменат. А девојчето кое ја раскажува приказната, тоа го сфаќа гледајќи ги цртежите на другото девојче – ја препознава нејзината уметност, нејзиниот талент и гледаме дека уметноста е таа што успева да ги урне ѕидовите меѓу врсниците. Кога девојчето што раскажува на крајот вели „Не сакам веќе да бидам принцеза“, сфаќаме дека тоа доживеало промена. Јас сакам да порачам дека сите тие тажни и мачни чувства можат да се надминат со уметноста. Таа е моќна сила која влијае на нашиот карактер, нè соочува со себе и со другите и ги топи нашите предрасуди.
Колку е важна детската книжевност за развојот на една култура и на едно општество и кој треба да биде најсвесен за тоа?
Сите! Сите што имаме деца, што работиме со деца, што пишуваме за деца… писатели, воспитувачи, учители, ментори, книжари, библиотекари… Мора да се работи во сите алки во овој синџир, затоа што првиот допир на човекот со книжевност е со книжевноста за деца. Затоа, на сите мора да им биде важно детето да се среќава со добра книжевност за деца, добри автори, добри илустратори, добри преведувачи, добри издавачи, добри библиотеки и добри книжари кои ги промовираат добрите книги – овој цел книжевен синџир од авторот до продавачот мора да дејствува компактно, заеднички за иста цел – книжевноста за деца да биде поквалитетна. Дополнително, треба да имаме и квалитетна критика за книжевност за деца, која знае да одбере што е добро за децата, што не е, што е кич, затоа што тоа го има премногу! Во овој синџир книжевната критика е неопходна за да насочува, да биде компас на воспитувачите, наставниците, родителите и да помага до децата да стигнува најдоброто.
Уште нешто! И кај нас книжевноста за деца не се третира како вистинска книжевност, се смета за некое пониско скалило на книжевноста, а не е така. Во книжевноста за деца и млади е можно сè – може да се зборува за сè на овој свет! Јас мислам дека со децата треба да се зборува за сè, на начин што е соодветен за нив, а не да ги чуваме како под стаклено ѕвоно. А тоа е можно само кога зборуваме за чувства и низ чувства. Затоа што, за разлика од возрасните од кои некои се а некои не се, децата се емоционално интелигентни и со лесно може да се разговара и на тешки теми. Разговарајќи со нив на тој начин, ние ги третираме како подеднакво важни, какви што и се и какви што сакаат да се видат себеси.
Насловна фотографија: Наташа Атанасова
Наташа Атанасова
...