Книги

Дамир Каракаш: Писателот природно е во конфликт со околината

Дамир Каракаш е еден од оние писатели за кои не знаете дали имаат подобра биографија или библиографија. Детството го минува растејќи во селска средина во регионот Лика во Хрватска. Во младешките години студира агрономија, право и новинарство во Загреб, а потоа живее во повеќе светски метрополи, од кои најмногу, седум години, се задржува во Париз, каде што заработува свирејќи хармоника на улица. Денес, пак, по излозите на париските книжарници можат да се најдат неговите книги, што и не е чудо за овој човек, кој живее за и од книжевноста, кој вели дека книжевноста е неговата религија и верува дека читањето книги ќе го спаси светот.

Најнова вест е дека ја доби наградата „Меша Селимовиќ“ за твојот последен роман, во оригиналOkretište“. Кога во конкуренција за некоја награда би биле сите твои книги, а ти во жири, дали овој роман би ја добил наградата? 😊

Некои велат дека квалитетот на писателот се гледа според тоа каква му е последната книга; јас во поглед на тоа прашање не би се изјаснувал, туку тоа би им го препуштил на другите, а најдобар, секако, е судот на времето – тој ќе покаже колку се добри некои книги. За себе можам да кажам само дека мислам оти сум подобар писател од сите книги што ги имам напишано и дека тоа е тоа што ме води напред; многу работам и се држам до она што го има кажано Пушкин, дека работата е талент, а кога во книжевноста ќе помислиш дека си гениј, веднаш се враќаш наназад. Секако, морам и веднаш да кажам дека денес имаме многу луѓе што објавуваат книги, но дека мора да направиме дистинкција меѓу произведувач на текст и писател, оти има многу малку вистински писатели. Денес секој што има лаптоп мисли дека е писател, а занимавањето со книжевност за мене е религија или, подобро кажано, судбина, а не некаков начин да го исполнам моето слободно време или да се сликам по весници. Пишувајќи се обидувам да ја исполнам мојата судбина и намерно велам се обидувам, затоа што пишувањето и е обид да се постигне невозможното.

Кога во текот на твоето пишување стана толку свесен за јазикот, за неговото значење, и за стилот, начинот на пишувањето како поважен од самата приказна? И како го развиваше твојот стил низ годините?

Во пишувањето отсекогаш стојам зад тоа дека треба да се пишува така што на зборовите да им биде тесно, а на мислите широко; не сакам дрдорење, изнасилена полифоничност, извештачена хаотичност на стилот… Кога сме кај стилот, во моментов ми паѓа на ум ритамот во Сеќавањето на шумата, во кој освен некои од моите основни алатки за ритмичност, двете точки, точка запирка, многу ми беше важно и болното срце на детето. Инаку, мој книжевен фаворит отсекогаш биле врвни стилисти (Хандке, Киш…). Но, сметам дека стилот мора да му биде подреден на текстот, а не да биде цел самиот за себе, затоа што иматe прекрасни стилски романи, ама здодевни, а здодевноста е смрт за уметноста. Исто така, во пишувањето користам и машина за пишување, бидејќи на неа мислата поинаку се структурира, компјутерот повикува на брзина а машината за пишување не и кога на неа ќе го исчукам зборот „крик“ речиси можам да го слушнам крикот.

Детството го имаш поминато на село, а во животот си живеел во повеќе главни градови и светски метрополи, меѓу кои најдолго во Париз. Што е тоа што го има селото, а го нема градот и обратно?

Сè си има свои предности и мани; еве да речеме моите родители се неписмени, никогаш не прочитале ниедна моја книга, ни сега не знаат со што всушност се занимавам, но сето тоа може да има предности затоа што на некој начин сум ослободен од притисокот дека тие ќе го читаат тоа, а тој притисок го имаат многу мои колеги чии родители се интелектуалци. Кога се појавив на книжевната карта на регионот, еден тогашен познат книжевен критичар рече дека сум напишал книга која е камен-темелник на селскиот андерграунд, па можам да се сметам и за зачетник на тој селски андерграунд, затоа што и селото си има свое подземје, и тоа како, но и многу онакви мрачни места што треба да се осветлат. Инаку, Толстој, кој моментално ми е најдраг писател, а неговите книги ги читав и како дете во планина, чувајќи ја стоката, рекол: ако знаеш да го опишеш своето село, ќе знаеш да го опишеш и светот. Тие руски класици некој човек во моето село ги имаше ставано во полскиот клозет, јас таму ги читав а потоа ги крадев и ги носев в шума, па на шега велам дека полскиот клозет беше мојата прва библиотека.

„Сеќавањето на шумата“ е роман со раскази базирани на случки од детството, од твоето растење на село, во хрватската област Лика. Во повеќе наврати велиш дека секој писател има право само еднаш да напише книга за детството. Што беше пресудно за да го најдеш вистинскиот глас за раскажувањето од страна на дете-раскажувач да делува убедливо?

Детството е важен период за секоја личност, затоа што тогаш создаваме слика за светот, но да се пишуваат романи за детството воопшто не е лесно, бидејќи треба да се влезе во тој интимен свет на чувства и чувствителност, па тие кријат многу замки, од дополнителна памет до пронаоѓање на вистинскиот тон и глас на раскажувачот, така што важно беше и искуството. Меша Селимовиќ еднаш има кажано дека секој писател најпрвин треба да има педесет години па да почне да пишува. Во оваа книга многу беше важна шумата како лик и начинот на кој е вклучена во раскажувањето на приказната, а кога сме кај сеќавањето – не може да му се верува, ние го повикуваме и несвесно го менуваме нашето минато, па со тоа создаваме нови светови. Има многу слоеви во тој роман, на пример споредбата на тогашниот живот во Лика и денешниот капитализам. Имено, не е исто да се биде неспособен во Лика и на некое друго место, зашто човекот во Лика вреди отприлика толку колку што може да работи, а тој притисок на утилитарноста и функционалноста е присутен и во денешниот свет, во капитализмот, само критериумите се поинакви, па без проблем можеме да ги споредиме примитивниот селски живот и капитализмот. Бидејќи, како што тој селски живот бара сила, а сè друго се смета за помалку важно, ништовно, непотребно, брз врска, така и денес капитализмот ги отфрла сите оние кои не ги прифаќаат тие негови сурови вредности.

Кога некој домашен автор ќе влезе во лектирата, тоа е некој вид признание само по себе, кое верувам дека и тебе те прави горд. „Сеќавањето на шумата“ стана дел од лектирата за трета година средно во Хрватска. Писателот кога ќе ја објави книгата, веќе нема влијание врз тоа како ќе се доживее, ама кога станува збор за деца, за тинејџери кои ќе ја читаат, имаш ли желба да ја доживеат на некој особен начин?

Кога бев млад писател, некои писатели што тогаш ми беа важни велеа дека кога писателот ќе влезе во лектирата тоа значи дека пропаднал; веројатно сега нема да пропаднам 😊. Кога ќе ја завршите книгата, таа има свој самостоен живот и не можете да влијаете на тоа како некој ќе ја перципира; јас, да речеме, пишувам книги какви што и самиот би сакал да читам, па ако некој ги сака во ред, ако не исто е во ред. Но, мораме да знаеме, како што постојат добри и лоши писатели, така постојат и добри и лоши читатели, а тука под лоши читатели мислам на оние кои книгите само ги консумираат, како брза храна, како луѓето што доаѓаат во кино па со двете раце грабаат од пуканките, ги пикаат в уста и голтањето на пуканките повеќе ги интересира од филмскиот екран. Инаку, јас повеќе сакам да читам отколку да пишувам; за мене читањето квалитетни книги е најубавата глетка на човековото постоење, затоа што книгата е база, сè почнува од неа и кога нема да ја има книгата, нема да има веќе ни светлина. Луѓето денес многу малку читаат, па кога шетам во очи им ја гледам секоја непрочитана книга. А некои писатели денес толку многу пишуваат што немаат време ни своето да го прочитаат.

Критичарите често зборуваат за симболизмот во твоите дела (шумата, изметот, мечката итн.). Како некој што долго работи на своите текстови, што спие и станува со нив и постојано размислува на нив, дали си свесен за таа симболичка вредност на зборовите при пишувањето?

Размислувам за сè, со моите текстови си легнувам да спијам и се будам со нив; би рекол дека сум посветен на книжевноста, живеам само од книжевноста и не прифаќам никакви компромиси. Постојано истражувам, затоа книгите никогаш не ми се исти и не сакам извежбани прозни форми – ама сето тоа се случува повеќе интуитивно, во барањето на таа музика на зборовите која секогаш ме привлекувала во книжевноста.

Во претпоследниот роман „Прослава“ се занимаваш со историјата на луѓето од твојот крај и романот ти навлече непријатели и закани. Како што често бидува, веројатно многу од тие луѓе не го ни прочитале ама доволно е некој што го сметаат за попаметен да ја потпали прачката и тие да се почувствуваат како и самиот Мио од романот и да тргнат во „одбрана“ на своето?

Поради романот „Прослава“ четири години не сум бил во родниот крај, заканите и нападите беа страшни. Но, не се грижам поради тоа; мислам дека природната позиција на писателот и е да биде во конфликт со околината. Јас пишувам за работите за кои чувствувам страст , бидејќи без тоа не можеш да напишеш ни најобично писмо до претседателот на куќниот совет. Романот со кој се зафатив за мене беше полн со предизвици, затоа што во прв план ставив некој што ѝ припаѓал на војската на ѓаволот, како и моите дедовци во Втората светска војна; се обидов да влезам во лавиринтите на свеста на таа личност, која како и кај Достоевски, во исто време е и жртва и насилник. Го тематизирав усташкото наследство на мојот крај, на средината, семејството; како што кажав, двајцата мои дедовци биле усташи и сето тоа воопшто не е лесно, затоа што пишувајќи се спуштам во пештерата во која е ѓаволот, а тој ѓавол го знае моето име, имам и многу малку куршуми и секој куршум мора да погоди во срцето на ѓаволот за да успеам во мојата намера. Инаку, сметам дека секогаш најпрвин мораме да исчистиме пред нашиот праг, а потоа да гледаме во дворовите на другите и притоа мислам на целиот Балкан, зашто ако ги игнорираме злосторствата од минатото, отвораме пат за злосторствата во иднина. Наскоро почнува да се снима филм според „Прослава“, во режија на Бруно Анковиќ, а во проектот помогна и полскиот оскаровец Павел Павликовски.

Од каде потребата за ритамот и за поезијата во твојата проза? За твоите чести две точки и точка запирка?

Ритамот во книжевноста е многу важен, тука ми помага тоа што еве веќе полни педесет години свирам хармоника, а поезијата – па, романите се хоризонтални затоа што јазикот така се структурира, а поезијата се исправува па ни овозможува да дојдеме до најоддалечените работи – ама, како што вели Андриќ, внимателно со неа зашто е како сол во јадењето, малку не чини, премногу не чини.

Според една твоја објава на Фејсбук, турнејата по поранешната држава годинава ја заокружуваш со Скопје, со твоето гостување на фестивалот Про-за Балкан. Кога последен пат си бил тука и што очекуваш од доаѓањето?

Па, се шегувам дека неодамна имав појака турнеја по бивша Југа од „Бјело Дугме“ на врвот на својата слава и навистина поминав од Љубљана, па сега до Скопје и секаде беше прекрасно. Инаку, ја познавам и ја ценам македонската книжевност, а последен пат бев во Македонија пред дваесетина години и драго ми е што повторно ќе го видам Скопје.


Фотографија: Тоне Стојко

 

Наташа Атанасова

...