Шкртки

Да се биде млад значи да се…

(осврт кон книгата „За младоста“ од Лин Скобер со илустрации на Лиса Аисато; превод од норвешки: Искра Бадева; издавач „Чудна шума“, 2024 г.)

Трескав врати. Раскажував неверојатни, неверојатно лажни приказни за тоа каде и со кого одам и што правиме, за кои и тогаш се чудев како е можно да ми поминуваат. Јадев благо во бесконечни количини и имав исто толку агресија во себе, ама за среќа фанатично тренирав ракомет, па и од двете се празнев таму.

Имав бескрајна потреба да се спротиставам на сè што ќе дојдеше од возрасните – забраните да ги гледам како предизвик за прекршување, а советите како глупости за заобиколување.

Не се отворав на никого, освен на дневникот, кој кога ја фатив мајка ми како го чита, експлодирав како темпирана бомба и го фрлив во ќумбето. И, денес, по повеќе од 20 години од тој период на адолесценција, читајќи ја книгата „За младоста“, почнаа да ми се враќаат сите овие слики и сфатив дека текстовите од дневникот што веќе ги нема можеби ќе личеа на овие што ги читам сега.

Не е лесно да минуваш низ период на пресврт, промени, реновирање.

 Затоа што така најчесто се чувствуваш кога влегуваш во младоста. Како некој да ти го заменил мебелот во собата без твое знаење, без твое барање.

(„За младоста“, стр. 6)

За првото повторно раѓање по раѓањето

Книгата „За младоста“ од норвешката глумица, пејачка, комичарка и писателка Лин Скобер е збирка од 31 монолог – од млади, за младоста 😊.

Како што кажува таа во предговорот, имала можност млади луѓе во периодот на адолесценција да ѝ дозволат да биде покрај нив, да се дружи со нив, да влезе во нивните соби и да може со нив да разговара. Да ѝ се отворат за работите што ги мачат и за соништата што ги имаат во оваа најтешка фаза од созревањето на луѓето.

Избирајќи ја раскажувачката форма на монологот, приказните на овие млади луѓе Скобер ни ги пренесува во прво лице еднина, со што ја задржува интимноста на чувствителните исповеди и создава атмосфера на глас под рефлектор од кој не можеме да ги тргнеме ушите.

Никој не ги учи пеперутките да излезат од своите кожурци. Тие само се истркалуваат надвор, како веќе да знаат како да го направат тоа, замавнуваат со крилјата и изгледаат проклето добро.

(„За младоста“, стр. 36)

Да се биде млад значи да се…

Адолесценцијата е и возбудлива, и убава, и забавна, но и проблематична, чудна и тешка. Скабер разговарала со срамежливи и храбри млади луѓе, исплашени, кршливи и тажни, осамени и освестени, среќни и заљубени, момци и девојки, со различна сексуалност и сексуална ориентација, Норвежани и доселеници, добро ситуирани и сиромашни…

Нивните приказни опфаќаат широк дијапазон на теми:

  • односот со родителите и со останатите членови на потесното и поширокото семејство;
  • физичките промени низ кои поминуваат во периодот на адолесценцијата и ниската самодоверба;
  • потребата за игра, за љубов, за преминување на границите што ги поставуваат возрасните;
  • загубата на родител и неминовното предвремено созревање;
  • носењето со разделбата на родителите;
  • проблемите со вклопувањето во средината;
  • насилството и врсничкото насилство;
  • класните разлики;
  • моќта на другарството;
  • односот кон животната средина;
  • влијанието на социјалните мрежи;
  • расчекорот меѓу желбите и реалноста…

Притоа, во сите приказни гледаме низ очите на младите, ја имаме нивната перспектива, нивните чувства и размислувања, нивните болки и страдања, кои сите заедно, сепак, зборуваат за една голема тема, а тоа е што значи да си млад.

Од овие приказни би сакала да истакнам неколку кои особено ми се врежаа:

  • За Петар, кого мајка му го вика Петар Пан, момчето што има 15 години во телото, а 7 и пол во срцето. Тој размислува за своето дрвено коњче Стела, кое уште му е мило и во тајност си го јава и се прашува како луѓето, едноставно, прифаќаат дека е готово да се биде дете. Кој одлучува за тоа? Оваа приказна ме потсети на видеото за натпреварот за јавање дрвени коњчиња за возрасни што се појави пред околу една година на социјалните мрежи и на лавината реакции од возрасни дека овие детинести луѓе не се нормални, реакции кои Петар во овој кршлив период ги антиципира и затоа тажно решава Стела конечно да ја однесе во подрумот.
  • За девојката што раскажува како на другарка ѝ Хајди родителите ѝ купиле најскапа опрема за сноубординг за роденден, додека таа од баба ѝ во име на мајка ѝ која не е секогаш трезна за роденден има добиено евтини слушалки, кои сепак си ја вршат работата. Децата на училиште упорно се воспитуваат во духот на еднаквоста (на што се троши „ненормално многу време“, како што вели таа) за кога ќе дојде денот за скијање, наеднаш на сјајниот снег да излезат на виделина оние што можат да скијаат по ски-патеките со својата опрема и оние што „преферираат“ санкање на ритчето зад училиштето. Но, и оние, другарите, како Хајди, кои иако знаат дека не се сите деца исти, решаваат да го прескокнат дефилирањето со скапата опрема и да санкаат со ќеса околу газот со најдобрата другарка.
  • За искрениот одговор што ѝ го дава девојката на мајка си која упорно и упорно ја прашува зошто не сака да дојде со родителите на викендичката и што би правела ако остане дома. Девојката почнува да плете приказна што може да се случи – да отиде кај другарките, да им се јави дека ќе заспиваат, а потоа да излезат и да шетаат до доцна низ град, да запознае кул постар дечко во кој ќе се заљуби на прв поглед, ќе се бакнуваат, ќе отидат на забава на другиот крај од градот во два по полноќ, ќе се бањаат во базен, ќе сфатат дека немаат пари за превоз и ќе преспијат на клупа, ќе се разбуди доцна и ќе дојде дома, но битно кога тие ќе се вратат, нема да имаат поим што правела. По што, како што вели „затоа што не знам да замолчам“ за искреноста е наградена со – престој на викендичката со родителите цел викенд.

Монолозите се испреплетени и со кратки, моќни искази од млади, кои функционираат како мини приказни:

Има многу моќ во тоа да се биде возрасен. Мојот професор по физичко постојано го употребува тоа. Мисли дека е подобар од нас, но тој е само постар.

(„За младоста“, стр. 43)

Мило ми е што јас имам анксиозност. Моите пријателки не би го издржале тоа.

(„За младоста“, стр. 59)

Дополнително, книгата е збогатена со магичните илустрации на Лиса Аисато, кои се посебни приказни за приказните:

Кој вели дека мора? Кој одлучува за тоа? Не ја сакам оваа младост. Мислам дека ќе ѝ биде подобро кај некој друг. Стои и ме гледа како англиски, дебел булдог, со лиги што излегуваат од устата и очи полни со исчекување ‘Може ли да одиме на прошетка’?

(„За младоста“, стр. 220)

Кој(а) сум јас?

Во периодот кога го живеат „своето повторно раѓање по раѓањето“, од сите овие приказни е јасно дека на младите им е потребно и самите да го сфатат процесот на премин од деца во возрасни луѓе за да можат сами да стигнат до својот одговор на идентитетското прашање: „кој(а) сум јас“, одговор со кој ќе можат да се носат и да го прифатат.

Потрагата по идентитетот можеби е потрага однапред осудена на неуспех, но е неопходна за секој што ја чувствува како потреба. Таа потреба најчесто се јавува во периоди на криза на идентитетот – периоди токму такви каква што е адолесценцијата, кога секој млад човек се наоѓа во сивата зона помеѓу двата силни идентитета: дете и возрасен и се чувствува привлечено од срцето или присилено од околината да ја одбере едната или другата страна како свој единствен идентитет.

Можеби најилустративен пример за оваа растргнатост во оваа прекрасна книга за млади, но и за возрасни кои би сакале подобро да ги разберат младите, е младото момче кое сонува да биде ѓубреџија но знае дека тоа е невозможно зашто татко му, просто, сака да биде нешто во костум.

 

Наташа Атанасова

...

Leave a comment