Обредна хирургија (Бруно Бетелхајм)

Кастрација

Без разлика дали меѓу кастрацијата и обрежувањето постои некоја внатрешна врска или не, тие се толку тесно поврзани, што расправањето за пубертетските обреди мора да ја разгледува и кастрацијата. Кастрацијата како институција се појавила релативно доцна во историјата, меѓу релативно развиените народи. Кастрираниот ја извршувал оваа операција за да ја задоволи семоќната фигура на мајката или за да личи повеќе на неа.

Историските прикази ни кажуваат малку за тоа дали и колку кастрацијата била вообичаена во рамките на заедниците пред појавата на писмото. Брове и други сметаат дека овој обичај веројатно потекнува од Хититите и дека прво се проширил на семитските, а потоа и на другите азиски и европски цивилизации. Слично на другите автори, вбројувајќи ја тука и Вајгерт-Фовинкел, Брове ја истакнува вообичаеноста на кастрирањето кај свештениците на мајчинските божества како дел од нивниот обред. Во споредба со овие обредни кастрирања во служба на женското божество, кастрирањето како казна наметнато на мажи од страна на други мажи, од верски причини или по пат на закон, претставува релативно доцна институција. Во средниот век била дел од законот за одмазда, без посебни сексуални конотации. Кај Германците во тој период кастрирањето претставувало казна за богохулни дела, но само како дел од сечењето на целото тело.

Меѓутоа, кастрирањето се јавува многу порано во борба или во војна, како данок кој победениот непријател му го плаќа на победникот. Во Египет овој облик на одмазда бил познат и во верската и во војничката практика; за тоа сведочи вечната борба меѓу Хорус и Сет во која Хорус го кастрирал Сет затоа што тој нему му го ископал окото. Слични приказни за кастрирање на победените се јавуваат и во други митологии, особено во грчката. Главната цел на победникот е да ја добие машката моќ над жртвата.

Во Египет убивањето и кастрирањето на победените во војната подоцна е заменето со обичајот на создавање евнуси кои можело да бидат користени како слуги, особено во харемите. Слично на тоа, Персијците под водство на Дариј ги кастрирале најубавите момчиња по победата над Хиос, Лезбос и Тенедос, а потоа ги користеле како евнуси или за хомосексуални задоволства. Во западната хемисфера кастрирањето било познато кај антилиските домородци на карипскиот јазик. Тие, според Рот, „кастрирањето го вршеле врз заробените момчиња кои потоа биле гоени за на трпеза“. Кастрирањето со уметничка цел во подоцнежните доби (за да се задржат високите гласови и по мутирањето во папскиот хор) за нас тука не е интересно.

Затоа, познатата историја на кастрирање на мажите од страна на мажите, иако со скромни размери, не покажува поврзаност со пубертетските обреди, ниту непосредна врска со љубомората меѓу таткото и синот или какви било психолошки мотиви поврзани со едиповската ситуација или со табуто на инцестот. Размислувањето кое се заснова на овие врски не е поддржано од вистински докази.

Историјата на кастрирањето во служба на големите мајчински божества е поинаква. Тука нема сомнеж дека божиците мајки барале кастрација како цена на милоста. Вајгерт-Фовинкел ни ја даде суштината на анализите на Дејлиј за индиската митологија во однос на комплексот на кастрација. Таа говори за „куп неконтролирани стравови“ од кастрирачкото мајчинско божество кое се распостила низ таа литература. Таа тврди дека конфликтите за кои е карактеристично кастрирањето, а кои се истакнуваат и во митовите на Тробријанците, можат да бидат типични за материјалните заедници, бидејќи митовите се измислувани по обредите за да ги објаснат.

Од обредите на мајчинските божества можеби најпознати се обредите на Кибела. За нив се вели дека биле „…на ден 24. март, на врвот на занесот на deis sanguinis, секој од галоитите (свештениците на Кибела) доброволно се кастрирал со отсекување на целокупните гениталии со посветен камен нож… За овој чин била забранета употребата на бронза или железо. Жените кои ѝ се посветувале на оваа божица на сличен начин си ги отсекувале едната или двете дојки“. Дури и во старата доба се претпоставувало дека одредбата за самокастрирањето да се користат само камени алатки сведочи за големата древност на оваа практика.

И тука самоосакатувањето не се ограничувало на еден пол, како што и обрежувањето на мажите често имало паралела во манипулирањето со женските органи и нивото осакатување. Обредите на Кибела ги одразуваат девијантните тежнеења и кај мажите и кај жените, невообичаената желба за поистоветување со другиот пол или крајниот страв од него. Па сепак, осакатувањето на мажите било многу посериозно отколку осакатувањето на жените; мажите ги жртвувале примарните полови одлики, а жените само секундарните.

За време на обредот „…еден куп емоции ги зафатил и гледачите кои исто така се кастрирале. Држејќи ги своите гениталии во рацете, верниците трчале низ улиците и ги фрлале во некоја куќа, од која тогаш, според обичајот, добивале женска облека“. Земајќи предвид што добивале кастрираните како подарок за своите гениталии, би било логично да се заклучи дека тие ги фрлале по жените или на жените кои, за возврат им давале женска облека.[1]

По кастрирањето на посветениците на божицата мајка, нивните гениталии и машка облека се носат во невестинската соба на Кибела. По тоа, тие облекувале само женска облека, биле миропомазни и пуштале долга коса. Латинските и грчките писатели обично за нив говорат во женски род.

Овој пример на обредно кастрирање, како и многу други кои овде не се спомнати, укажуваат на тоа дека мајчинските фигури го барале тој чин во знак на преданост и потчинување од страна на нивните машки посветеници, а особено од свештениците кои биле најблиски во нивната служба. Од жените се барале други знаци на преданост; само свештениците морале според облекувањето и однесувањето да му се приближат на другиот пол. За нивното претворање „во жени“, по самоосакатувањето, не постоел соодветен чин на она што се очекувало од жените во служба на божицата.[2]  Факт е дека ова осакатување доброволно и извршено на самиот себеси, навестува дека психолошката мотивација потекнува од длабоките наслаги на личноста, за разлика од случајот кога тоа е наметнато од страна на други лица. Фактот укажува и на тоа дека мажите биле подготвени и имале желба да станат „жени“ за да учествуваат во женските супериорни моќи.

Обрежување

Иако историјата не ни дава поврзаност меѓу кастрирањето и комплексот на кастрација, тоа не докажува дека таквата врска не постои меѓу кастрацијата и обрежувањето. Паралелните истории на кастрацијата во обожавањето на Големата мајка (Magna Mater) се библиската приказна за Сефора и многубројните митови во современите општества на степен пред појавата на писмото. Според нив, повторно жената му го наметнува кастрирањето на мажот, верување кое го навестуваат и некои облици на однесување по обрежувањето. На пример, кај Кикуите од западна Африка мажите глумат одмазда на жените заради планираното или извршеното обрежување: новообрежаните момчиња, во групи од петнаесет или дваесет, ги напаѓаат и ги силуваат старите жени, и на крајот ги убиваат.

Многу одлики на обредите на иницијација навестуваат дека делумно претставуваат жртвени дарови на мајчинските фигури. Спенсер и Гилен (и други) известуваат за многубројни примери во кои иницијантите им ги подаруваат на жените своите перпуциуми, крвта или забите. Кај Западните Арунти перпуциумот се подарува на сестрата на иницираниот, која го суши, го мачка со црвена боја и го носи закачен на вратот. Кај некои племиња по обрежувањето се собира крвта на момчето од раната во штит. Потоа се носи кај мајката на момчето која испива малку од таа крв, а на мажот кој го донел штитот му дава храна. Кај австралиското племе Бинбинг крвта од раната субинцизија ја собира самото момче на парче кора од дрво и и ја носи на својата мајка. Вестермарк известува дека перпуциумот на обрежаното момче од племето Ајт Јуси се носи на неговата мајка која ги прицврстува за малото стапче кое и го потпира вретеното, го става на главата и игра со него. Кај некои сродни народи мајката на момчето го голта перпуциумот.

Голтањето или оралното присвојување е најархаичниот метод за стекнување на посакуваните квалитети на некој предмет, ако не и самиот предмет. Првото позитивно инстинктивно однесување кон некој привлечен предмет е намалување на оддалеченоста помеѓу себе и предметот и, на крај, во најархаичниот облик, негово голтање; првото негативно инстинктивно однесување кон некој предмет што одбива е зголемување на оддалеченоста и негово исплукување.

Оралното присвојување на деловите од гениталиите на другиот пол се јавува и кај иницијациите на либериската заедница Поро. Перпуциумите се сушат и и се предаваат на жената која се грижи за групата девојчиња подготвени за иницијација; девојчињата ги јадат зготвените перпуциуми. Слично на тоа, клиторисите и малите усни кои се отстрануваат за време на иницијацијата на девојчињата му се даваат на чуварот на богатставата на заедницата Поро, па момчињата ги јадат зготвени за време на обрежувањето. Како што често се случува кај оралното присвојување, тешко е да се одреди што е посилно: непријателската желба за одземање на тие делови од другиот пол или завидливата желба за нивното присвојување. Изгледа дека постои некоја многу слична основна амбивалентност во заедниците кои по географија и култура се толку далеку една од друга, како што се либериската и австралиската. Во секој случај, овој обичај остава само малку сомневање во тоа дека иницијацијата во голема мера се однесува на органите, ако не и на функциите на другиот пол.

Кај племето Тикопи доаѓа до засекување на перпуциумот наместо обрежување. Ова се прави над парче кора од дрво која потоа се врзува за вратот на некоја од „неомажените мајки“ (ознака за сродство) на момчето. Штом раната се превие, момчето „го поставуваат да стои, неговата долна облека се соблекува и му се става друга. Во тоа му помагаат сестрите на мајката и жените на браќата на мајката, кои донеле нова долна облека… Ова постојано преоблекување служи за да можат женските роднини на момчето… околу вратот да ја носат долната облека која ја соблекле од него“.

Кај некои домородци од Викторија (Австралија) „кога момчето ќе дојде во зрела доба, трите племенски поглавари го носат длабоко во шумата… Бидејќи добива соодветно парче дрво, тоа си ги избива себеси двата предни заба од горната вилица и, при враќањето во шаторите, и ги предава на мајка му“. Опишувајќи го овој обред, Колинс не кажува одредено кој ги добива забите, туку заклучува дека тоа се жени. Спенсер и Гилен забележуваат дека, додека кај многу племиња избивањето на забите се смета за главен обред, племињата од централна Австралија тој обред го свеле на рудимент кој го изгубил своето првобитно значење на нешто што се однесува само на мажите, па се проширило и на жените.[3] Во таквиот рудиментарен обред на племето Арунта забот се фрла во правецот на шаторот на сопствените мајки; авторите тоа го толкуваат како можност дека некогаш мајката имала право на тој заб.

Леб е убеден дека обрежувањето првобитно се извршувало како жртвување на некое женско божество. Тој смета дека е многу малку веројатно обрежувањето да се развило спонтано во различни делови од светот од различни причини, бидејќи природата на овој обичај не е очигледна. Разновидноста на понудените објаснувања, смета тој, не треба да го намали овој факт: една толку древна практика мора на различни места да биде различно толкувана и рационализирана. Леб се сложува со Бартон, кој смета дека првобитно две семитски обрежувања претставувале жртва на божицата на плодноста; таа жртва момчето го ставала под нејзина заштита и неговите репродуктивни моќи ги посветувала во нејзина служба.

Улогата на жената во примањето на овие производи на осакатувањето – крв, перпуциум, заб – и сличноста на тие дарови со жртвените дарови е навистина впечатлива. Зборував за можните причини поради кои жените ги сакаат тие дарови. Но, што е со оние кои ги подаруваат? Жртвените дарови се даваат од различни причини: да ги смират боговите или да им удоволат на нивните барања. Меѓутоа, основна причина е надежта на посветеникот да добие нешто: често наградата е многу поголема од вредноста на самиот дар. Затоа австралиските домородци можат своите перпуциуми да им ги подаруваат на мајките или на сестрите делумно за да ја обезбедат нивната добра волја, а делумно и за да го задоволат нивното барање за обрежување. Но, ние можеме да заклучиме и дека мажите очекуваат да добијат нешто за својата жртва. За тоа што очекуваат можеме само да претпоставуваме. Јас тврдам дека тоа може да биде учествување во големата и тајна женска моќ за размножување, дар кој само жените можат да го подарат, бидејќи само тие го поседуваат.


[1] Фантазирање за слични чинови имаме и денес. Некоја шизоидна девојка од Ортогенетската школа изразила желба маж да ги отсече своите гениталии и да и ги фрли на некоја жена. Само што почнала да менструира, кога еден ден, во јавниот парк во близина на Школата, забележала некој човек во грмушките, кој мокрел или и го покажувал својот полов орган, или и едното и другото. Обраќајќи им се на својата воспитувачка и на девојката со која била, надразнето рекла: „Тој ќе си го исече пенисот и ќе го фрли по нас“. Фантазирањата за момчиња кои се претвориле во девојчиња, а потоа морале да носат женска облека, се многу чести меѓу невротичните деца, и меѓу девојчињата и меѓу момчињата, што тоа не треба ни да се спомнува. Иако таквите идеи го одразуваат стравот од кастрација, тие потекнуваат од раните доживувања.

[2] Во рамките на ова, но без желба да одам премногу далеку во поврзувањето, би сакал да укажам на тоа дека, помалку или повеќе во истата географска област во која се обожавани божиците мајки, е распространето и користењето на евнуси во харемите. Обично се наведува објаснувањето дека евнусите се сигурни како харемски слуги затоа што не можат да имаат полови односи со жените за кои се грижат. Меѓутоа, ако тоа е единствената причина, би можеле да се прашаме зошто за таа цел не се користи женска послуга. Иако може да изгледа растегнато, би можела да се разгледа можноста овој обичај да претставува остаток од обредите на божицата мајка. А можеби делумно се заснова на желбата на тие жени да им бидат потчинети мажите кои претходно биле лиени од својата машка сексуалност. Најпосле, кастрираните свештеници ан Кибела исто толку биле слуги на божицата мајка колку што се и евнусите во женските хареми.

[3] По повод мислењето дека практиката  на обрежување се проширила од мажите на жените, претпоставка за која има навистина малку докази, вреди да се истакне заклучокот на Спенсер и Гилен дека обичајот или обредот поврзан со иницијацијата губи многу од првобитното значење кога ќе се прошири на другиот пол. Изгледа дека и овие автори почувствувале дека обредите на иницијација се тесно поврзани со разликите во половите функции меѓу мажите и жените, па мора да изгубиле многу од своето значење кога можат да се применат на двата пола.


Насловна фотографија на Matt Hatchett од Pexels

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?