Книги

„Беззборовната Ела“ што остава без зборови

(осврт кон сликовницата „Беззборовната Ела“ од Викторија Патрашку со илустрации на Кристијана Раду; превод од романски: Лидија Димковска; издавач „Чудна шума“, 2024 г.)

Какви ли сè можат да бидат зборовите? Храбри и празни, убави и грди, кротки и утешителни или неодлучни и срамежливи; воинствени, остри, бучни и незауздани или тивки, немоќни; безнадежни или полни со надеж? Па, дури и премолчени и неизречени!?

Мудроста на нашиот народ за моќта на зборовите (вклучително и на премолчените), се чува и се пренесува низ вековите преку изразите и поговорките што секојдневно ги користиме. Знаеме дека убавиот збор железни порти отвора, дека има луѓе на кои секое зборче им е бисерче и луѓе кои за секое зборче заслужуваат денарче, но и такви што мелат како празни воденици.

Особено интересно е што во ризницата на македонски поговорки има многу кои се однесуваат на молчењето како на своевидно олицетворение на мудроста, па му даваат предност пред зборувањето: „Тој што не знае да молчи, не знае и да зборува“, „Еден јазик, две уши“, „Повеќе слушај отколку што зборуваш“, „Од молчење глава не боли“, затоа што „Зборувањето е сребро, молчењето злато“.

И оттука, со задоволство скокнувам на поводот за воведов – сликовницата „Беззборовната Ела“.

Светот на Ела во светот на зборовите

Ела е девојче што не зборува. За неа луѓето велат дека е нема, лекарите немоќно ги креваат рамената затоа што не воочуваат никаков проблем, а нејзините родители живеат со неизречени зборови на страв и надеж.

Светот со кој е опколена Ела е свет на зборови, свет каде што тие високо се ценат и покрај тоа што честопати само прават врева, истрошени се и изговарани без (многу) смисла.

Премногу зборови. Се тркалаат и трчаат безглаво како нескротени животни. Се удираат од асфалтот на улиците, од ѕидовите на зградите, течат врз стаклата од автомобилите, скокаат еден преку друг низ продавниците, овде-онде гризејќи се едни со други, и на крајот умираат истоштени. Веќе никој не ги сака, веќе никој внимателно не ги слуша. Веќе никој не им ја бара смислата. Никој не им нуди засолниште.

Ела е поинаква од другите, но сепак, и во неа, во нејзиниот внатрешен свет врие од зборови. Тоа се зборови што таа никогаш ги нема изговорено, но кои ги чува во себе „како во живо шишенце“ затоа што ги сака и затоа што чувствува дека треба да ги брани пред сè посилната врева на светот и да ги штити од смртта. Зборовите во неа се живи, со нив нејзината фантазија непрестајно си игра и повремено излегуваат во форма на магични цртежи, како тој со малиот слон за чија опашка се држи едно глувче, а за глувчето мачка со едно уво која наместо опашка има долгнавесто блескаво рипче. Магични цртежи несфатливи и за децата околу неа кои не ги штедат потценувачките и надвредливите зборови, кои дофрлаат дека мачките не се согласуваат добро со глувците или се подбиваат дека рипчето наместо опашка на мачката е чиста глупост оти Ела е хендикепирана и со тоа глупава. Па така, прекрасниот свет на Ела го гледаме како завршува изгмечен под нозете на девојчето кое и покрај исправката од другото дете дека реченицата ѝ нема смисла, упорно повторува дека Ела е „глува како крт“.

Светот на зборовите и светот на фантазијата

Иако зборовите живеат и во светот на Ела чувани како најголемо богатство, тие се во функција на светот на фантазијата. Таму зборовите не служат за да создаваат правила што ограничуваат и зауздуваат, туку за да повикаат жолто авионче што ќе ги спаси згмеченото маче и рипчето носејќи ги во саваната, каде што се пречекани со чај и насмевки и уживаат раскажувајќи си приказни. Таму е доволен зборот „помош“ за да се испружи сигурносна мрежа врз целото внатрешно небо на Ела, па и навредите од другите не болат.

Зашто така е тоа кога водиш сметка како ги користиш зборовите. Те служат и те слушаат. Со нив можеш да изградиш светови и да спасуваш мачки, риби и глувци.

А за и ти да влезеш во тој свет, не ти треба многу. Доволно е да се доближиш, да го запознаеш и да посакаш и сам да ѝ нацрташ крилја на мачката и да му ставиш пропелер на рипчето, како што ќе направи момчето со црвеното капче пред кое дури и внатрешниот богат свет на Ела занемува, а таа – прозборува!

Ела ги затвора очите и се сели во себеси. Колку е убаво. Се смеат и си ги раскажуваат последните случки. Како е на училиште, што се случува во шумата, што има ново во градот. Само рипчето, наместо опашката на мачката, не вели ништо. Молчи. Но, овде, во внатрешниот свет, е во ред да се молчи. Никој не се лути. Никој не те осудува. Никој не вели дека си хендикепиран. Ела знае дека рипчето е мудро и го сака какво што е. Молчаливо. И мачката го сака.

Свет во кој сте оставени без зборови

„Беззборовната Ела“ е вистинско уметничко дело од сликовница. Една од оние ретки книги кои додека му ги читате на своето дете одново и одново, одново ловите нови слоеви. Да, им читаме на децата и знаеме дека ова е приказна за едно девојче без дијагноза коешто не зборува, грижата на нејзините родители и суровоста на светот околу нив; ова е приказна за оние кои имаат некаква попреченост, поинакви се и велиме дека живеат во свој свет, па ги учиме децата да бидат емпатични и да ги прифатат. Но, како што читаме одново, во некој подалечен слој може да почнеме и да се препознаваме во Ела, да ја разбереме оваа детска сликовница и како приказна за сите нас, и деца и возрасни, кои чувствуваме потреба за изолација во еден свеж и молчалив меур сред задушливата врева на светот. Меур од сапуница кој ќе лета насекаде одразувајќи ги сите бои на светлината што доаѓа од сонцето и покажувајќи ја својата (па и виножитна) убавина, во кој нема да постојат правилата што ја ограничуваат фантазијата за тоа како сакаме да го живееме животот, како сакаме да го гледаме светот, од кој како од штит ќе се одбиваат копјата со врвови натопени во отров и каде што ќе ја (за)чуваме чистината и искреноста на нашите зборови.

Токму тоа е она што мене ме остава без зборови додека ја читам „Беззборовната Ела“. Сликовницава, која со право се нашла на „The White Ravens“, престижниот каталог за најдобри книги за деца и млади во светот за 2016 година, не е уште една книга на тема попреченост. Таа е приказна за љубовта и емпатијата кон поразличните, но во исто време ја гледам и како приказна за љубовта кон себеси и нашата лична храброст да истраеме да бидеме такви какви што сме – различни, поинакви и посебни, со богати и скапоцени внатрешни (молчаливи) светови. Светови во кои зборовите и молчењето се златото и среброто и кои можат да бидат изградени од зборови, но и разурнати од нив.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?