Европски

Александар Поздњаков: Филмот ги обединува и зближува луѓето од целиот свет

Александар Поздњаков е руски сценарист, режисер, филмски новинар, критичар и историчар. Станал дел од „Ленфилм“, најстарата филмска продукциска компанија во Русија уште во 1982 година, каде што имал можност и да пишува филмови, и да снима, и да глуми. Има снимено неколку поголеми документарни филмови и автор е на неколку книги за филмот, како и на радиоемисија за култура и филм на Радио Санкт Петербург – Русија.

Утре (28.09.2019) *, во 20 часот, Деновите на рускиот филм во Кинотека ќе бидат затворени со филмот „Звуците од старите ѕидови“ на Александар Поздњаков, кој е и специјален гостин на манифестацијата.

Веднаш по неговото пристигнување во Скопје, имавме можност да поразговараме со него и да ги расчепкаме неговите ставови – за рускиот филм некогаш и денес, за состојбата на светскиот филмски пазар, за филмовите и работите што го инспирираат да прави филмови и за ТВ-сериите, кои како да ги победуваат филмовите во поглед на времето што луѓето им го посветуваат пред екраните.

Г. Александар, како почна сè, како светот на филмовите влезе во Вашиот живот и како Вие влеговте во светот на филмот?

Како и милиони други луѓе, јас сум филмофил, ги обожавам филмовите и киното. Роден сум во 50-те години на минатиот век, кога излегоа првите телевизори. Од мали нозе бев постојан гостин во кината на Ленинград, денешен Санкт Петербург. Освен советски филмови, гледав и класици од италијанскиот неореализам, францускиот поетски реализам и, иако поретко, и американски каубојски драми. Гледав толку многу филмови што почнав да пишувам сценарија. Замислував како би го направил ова или она, што би му кажал на глумецот за да излезе најдобро, па дури и си измислив цели филмови. Потоа се запишав на Филолошки факултет, каде што студирав англиски јазик и тогаш почнав да пишувам за филмот. Бев и филмски новинар и пишував многу за филмската историја. По еден напишан осврт за филм на „Ленфилм“, најстарата филмска продукциска куќа во Русија, ме повикаа да бидам уредник-сценарист. И така влегов во „Ленфилм“, каде што работам од 1982 година.

Како гледавте порано, а како сега на улогата што филмот ја има во општеството?

Улогата, мисијата на филмот е истата и е многу важна. Тој е комуникација, ги обединува луѓето од целиот свет. Ако живеете во некој дел на Јапонија, ќе ви се приближи руската или македонската култура и ќе ги разберете луѓето, нивните потреби, ќе сфатите како живеат, за што размислуваат. Филмот обединува и зближува, им дозволува на луѓето да се разбираат и да живеат во мир, без разлика на филмскиот метод и ефектите, кои постојано се менуваат.

Прават ли денешните режисери во Русија компромиси како што се правеле порано, во рамки на Советскиот Сојуз?

Верувајте ми, денес нема цензура во Русија. Режисерот е апсолутно слободен. Мит е дека режисерите се под притисок или дека им се врши влијание. Има многу дисиденти-режисери кои прават филмови за што сакаат и ги прикажуваат надвор од земјата, а во Русија на некои помали фестивали и, да, не им ги прикажуваат на националните телевизии, но тоа е, телевизиите решаваат што ќе прикажуваат а што не. Ако не зависиш од Министерството за култура, целосно си слободен да правиш филмови за што сакаш. Сите бараат пари од секаде – од странски фондации, од големите руски бизнисмени, така што цензурата не е моментално актуелна во Русија. Но, за време на Советскиот Сојуз, да, беше. Сепак, по „Гласност“ на Горбачов, тоа се смени.

Јас не прашувам никого што да правам – ако сакам нешто да направам, го правам. Сепак, јас сум далеку од политичките теми. Мојот свет е филмот, мојот град, луѓето што ги сакам и јас самиот.

Кои се Вашите учители, имињата од кои најмногу сте учеле низ годините?

Прв е Орсон Велс, тој има многу влијаено на мене. Кога бев студент, ме интересираа Тарковски и Душан Макавеев. Ги сакам грузиските филмови на Отар Иоселиани, го обожавам Федерико Фелини, кој исто така има извршено големо влијание на мене. Исто така, го сакам и американскиот филм – Казабланка на Мајкл Кертис ми е број еден. Тука се и француските филмови на Жан Реноар и Франсоа Трифо, а секако и Италијанците Берналдо Бертолучи, Лукино Висконти. Ништо ново, но овие големи имиња навистина ми значат.

Доминираат Европејците. Може ли да се каже дека европската кинематографија ја преферирате пред американската?

Не. Ги сакам и јапонските филмови на Акира Куросава и Кенџи Мизогучи, го обожавам и новиот независен американски филм. Во Германија живеев со години и германската култура многу придонесе за развојот на мојот ум, на мојот поглед на нештата и на моите чувства. Истото важи и за Франција, Шпанија, Холандија, Белгија. Ги сакам сите овие европски земји, затоа што се полни со историја, култура и големи имиња. Но не сакам работите да ги делам на европски и на американски, за мене ова е една планета и на неа живеат едни луѓе.

Ретки се можностите како Деновите на рускиот филм на Кинотека во Македонија. Во комерцијалните кина не се сеќавам кога последен пат имало руски филм. Зошто е тоа така, зошто ги нема руските филмови?

Можете да ги најдете на интернет. Светот е многу сменет, а најмногу во поглед на дистрибуцијата на филмовите. Истите големи фирми или кластери на фирми, најмногу холивудски, ги прават филмовите, ги промовираат и ги дистрибуираат. Тоа е навистина голем бизнис.

Во Русија има криза во филмската продукција, особено во Санкт Петербург. Тука се прават повеќе уметнички филмови, за фестивали и за помали проекции, натпревари и за телевизија. Во Москва е подобро. Има и руски режисери, како Тимур Бекмамбетов, чии руски хорор-филмови „Ноќна стража“ и „Дневна стража“ успеаја да се пробијат и да се прикажуваат низ кината во Франција и Америка, но тие и не се само руски филмови. Ефектите се работени во 30 фирми низ целиот свет.

На светскиот пазар најприсутни се европските и американските филмови, кои се направени добро и се број еден. Нема зошто да плачеме и да се жалиме дека ги нема руските – тоа е реалноста. Реалноста е на поталентираните и поуспешните, посилните и технолошки поразвиените.

Нашата филмска индустрија не е толку силна како во времето на Советскиот Сојуз, но Москва е светла точка, како што кажав. Таму има успешни филмови, вклучувајќи и ТВ-серии.

Да, ТВ-серии. Се чини дека почнуваат да го надвладуваат филмот.

Па, тоа е добро. Знаете, во шеесеттите, седумдесеттите, осумдесеттите, луѓето сакаа да одат на кино, сакаа да бидат дел од публиката. Денес не ви треба тоа. Можете да седите тука, да го ставите пред вас вашиот гаџет и да гледате што сакате. Можете да пиете пиво, да правите вечера и да следите што се случува. Сестра ми си има своја серија. Сите имаат нивни серии, нели. И таа не ни ја гледа, си работи и си слуша. Ги знае сите ликови по гласовите… и не мислам дека тоа е лошо.

Но каде е тука уметноста?

А што e уметноста? Ве молам кажете ми што е уметноста? Не можете да ми објасните затоа што е тешко, затоа што е невозможно. Не ги делете работите на уметност и неуметност. Еден мој пријател ми раскажа една апсинт-приказна што нема да ви ја кажам, ама суштината беше дека Салвадор Дали може од сè да направи уметност, како што кралот Мида може од сè да направи злато. Еве сега да ја скршам од ѕид чашава ќе Ви докажам дека тоа е уметнички чин и никој нема да може да ме побие дека тоа е уметност. Уметноста е енигма. Таа е тајна. Телевизиските серии – тие се поразлични, поедноставни, но на луѓето им требаат. Ако на милиони луѓе им требаат, тогаш треба да ги имаат во нивните животи. А ако Вие не ги сакате, исклучете го телевизорот и одете во библиотека да читате.

Вечна дилема ми е дали ги има на телевизија затоа што на луѓето навистина им требаат или луѓето ги гледаат толку многу затоа што се таму, затоа што толку многу ги има на телевизија…

Имало многу обиди во ударните термини да се емитуваат многу спиритуални, добри, класични и уметнички филмови, но никој не сакал да ги гледа. Луѓето ги менувале каналите и барале емисии, ток-шоуа, фудбал, музика… Не се сите луѓе како нас, не сакаат сите да го гледаат Фелини во ударен термин. Знаете како функционираат телевизиите – тука е рејтингот. Ако се покаже дека луѓето сакаат да гледаат нешто, вие ќе им го дадете тоа тогаш кога сакаат да го гледаат. А Фелини ќе го пуштите по полноќ. Зашто, публиката која ги разбира и на која ѝ се потребни уметнички филмови, процентуално е многу помала. Телевизијата е бизнис, филмот е бизнис, сè е бизнис.

Да, за жал.

Не знам дали е за жалење или не, но тоа е реалноста. Знаете, сите си имаме вкусови, сите си имаме филмови што ги сакаме и што сакаме да ги гледаме. И секогаш ќе биде така. Невозможно е некој тип со пивото в рака да го натераш да гледа уметнички филм ако не сака. Нема да го разбере и ќе го изиритира. Оставете го на мира. Дозволете му да прави што сака. Луѓето не се исти, луѓето се различни. Интелектуалците се многу помалку, а неинтелектуалците се многу поголема публика и нека си ја добиваат својата храна. А ако типот со пивото сака да дознае повеќе за филмовите што ги сака неговата девојка, па може – ќе треба полека да се пресели во овој свет за да го разбере, за да може да го чита и да го гледа. Тоа е процес што е навистина важен и ќе го помине само ако сака. А не како во Советскиот Сојуз, и веројатно во Југославија, во комунистичките земји кои сакаа да решаваат за тоа што да правите, што да гледате, што да чувствувате…

Деновите на рускиот филм во нашата Кинотека ќе се затворат со Вашиот филм „Звуците од старите ѕидови“. Можете ли да споделите нешто интересно за филмот, што би ги привлекло луѓето да дојдат да го видат?

Пред многу години направив документарен филм за „Ленфилм“, кој се вика „Светла на сцената“. И „Звуците од старите ѕидови“ е посветен на „Ленфилм“. Во него се појавуваат многу познати руски филмски имиња, како Алексеј Герман, синот, Александар Сакуров, Маслеников… дури ме има и мене, со зумирана ќелавица. Зборувам за Орсон Велс и „rosebud“ и кога ќе се свртам, моите студенти се бакнуваат. Ги замолив сите да дојдат во парови, не момци и девојки, туку парови за да им биде лесно да се бакнуваат, па има и девојки кои се бакнуваат. И се бакнуваа, и се бакнуваа и бакнуваа додека пробувавме, и бараа уште…

Во филмот има и реконструкции на стари филмови. Дури и првиот руски филм, кој се вика „Стенка Разин“ од 1908 година, го реконструиравме. Покажавме како би било пак да се сними, на истото место каде што се снимал првиот.

Што ќе правите кога ќе се вратите во Санкт Петербург?

Прво, ќе снимам емисија на радио за моето гостување во Македонија. Некоја следна недела, во 9 и 30 часот наутро, можете да ме слушате на www.rtr.ru.

Имам еден проект на кој работам, се вика „Starmen“. Напишав сценарио за Дејвид Боуви во Русија. Во 1973 година, Боуви седум дена се возел по Транссибирската железница, од Владивосток до Москва. Ги замолив Ралф Фајнс и Ијан Меккелен да бидат дел од него и тие се согласија да имаат по една „камео“ улога, можеби и без текст, но доволни се нивните појави и популарноста. Останува уште да средиме со авторските права на песните на Боуви, но работиме и на тоа.

И, некој ден веројатно ќе направам филм сосем сам. Јас сум камерата, јас сум окото, јас сум режисерот, јас сум глумецот, јас сум сценаристот, јас сум композиторот, јас сум сè. Филмот сум јас. Ова за мене е едно совршено искуство и веројатно еден ден ќе го остварам. Филмот ќе биде за Санкт Петербург.

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во септември 2019 година.

 

Фото: Наташа А.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?