Бура од морско-детска авантура

(осврт кон романот „Светле“ од Анет Схап; издавач „Сказнувалка“, 2025 г.; превод од холандски: Грет Јанс Серафимовска)
Се сеќавам на магијата што ме обземаше кога како дете ги читав романите „Островот на скриеното богатство“, „Робинзон Крусо“, „Дваесет илјади милји под морето“…
Сите тие авантури од книгите поврзани со морињата и водите имаат некоја своја магија – магијата на патувањето и опкруженоста со вода, на непознатиот и длабок морски свет, исполнет со тајни, опасности и неверојатни работи, кои имаат магнетна привлечност.
Во јануари, месецот кога можев убаво да се препуштам на читање, една од книгите што ги прочитав беше романот за деца „Светле“ од Анет Схап. Авторката ми беше позната од порано, како илустраторка на една од книгите за кои пишував („Мишка“) и иако не ме изненади нејзината имагинација, ме зачуди вештината со којашто пишува, која е рамо до рамо со нејзиното илустрирање.
Во светот на бајките
Романот почнува со атмосфера која наликува на онаа од бајките – од нашата народна „Девојчето и дванаесетте месеци“, па и од „Девојчето со кибритчињата“ на Андерсен. Имено, девојчето Светле, кое живее со својот татко во светилник, при стемнување сфаќа дека немаат веќе кибритчиња за да го запалат осветлувањето и иако се заканува силна бура, присилена е да тргне сама по крајбрежјето по кое носат ветришта за да купи.
Атмосферата во книгата се менува – од траорна, каква што е на почетокот, кога срцето ни се стега за Светле поради односот на нејзиниот татко кон неа, кон мачна додека ја сведочиме неправдата што паѓа на нејзин грб кога добива казна да работи седум години за да ја исплати штетата од несветењето на светилникот во ноќта со бурата кога не успева навреме да донесе кибритчиња за да го осветлат, па страшничка кога ќе дојде во куќата на Адмиралот, каде што меѓу послугата владее згрченост поради ужаснатоста од постапките на чудовиштето што живее таму…
И потоа целосно се превртува! Од моментот кога Светле ќе го запознае Едвард, таа станува ведра, топла, ентузијастична, пркосна, надежна!
Сончевиот систем на Светле
Во романот има голема палета на впечатливи споредни ликови, кои како живи се разиграни низ страниците на приказната: тука е насилниот депресивен татко кој се истура врз својата мала ќерка, грижливиот сопственик на продавницата господин Розенхут и неговата зајадлива жена која не знае за милост, тука е учителката од училиштето, суровата госпоѓица Амајлија која секојпат стои на страната на посилните и работи само во своја корист; тука е послугата во имотот на Адмиралот, која ја сочинуваат добрата Марта која не може без своето утринско кафе, нејзиниот син со попреченост кој по цел ден може да сецка весници и од нив да си прави сложувалки и градинарот кој делува како ништо да не го интересира, но секојпат во вистински момент застанува на вистинската страна.
Во последните делови од романот тука се и суровиот Адмирал, кој бесчувствително се грижи само за себе, и групата „изроди“ од циркусот, кои внесуваат една ведрина и живот каква што е можна само при мешање на шареноликоста на човечката природа.
Светле е светлата точка, сонцето околу кое гравитираат останатите ликови во романот, а промените во атмосферата низ приказната доаѓаат паралелно со нејзината лична трансформација од едно збунето, заборавено и уплашено девојче кое живее со својот депресивен татко по смртта на мајка ѝ, водена од мајчините зборови кои ѝ одѕвонуваат во главата, во силна млада девојка решена да се соочува со животните предизвици сама, онака како што ја тера животот, а дополнително и да им помага на луѓето околу неа осветлувајќи им ги животите.
Во тој поглед, особено е важен Едвард, момчето кое во романот е главен лик заедно со Светле. Ситуацијата во којашто се наоѓа Едвард, затворен во кулата на имотот на татко му, скриен од очите на сите, третиран како чудовиште кое треба да се излечи од болест, а во суштина е само едно момче-сирена, каква што била и неговата мајка – кај Светле буди емпатија која резултира со неверојатна сила, храброст и трпеливост, со едно созревање и во поглед на неа самата, и во поглед на спротиставување на светот кој е навикнат работите да ги гледа црно-бело.
Да се прифати или не сиренската природа
Главната авантура во романот се врти околу ослободувањето на Едвард од стегите што го држат: оние физичките, во рамки на кулата каде што го сместил татко му и каде што пристап имале само неговите учители чија цел била да го учат на истрајност и дисциплина во надминување на неговата природа; и оние психичките, вградени во неговата свест од мал.
Ако на Светле во главата ѝ се вртат негувачките зборови на мајка ѝ, Едвард постојано го притискаат манипулирачките зборови на татко му кои го имаат наведено да се срами од себеси, да ја крие својата природа и да верува дека е можно и дете со опашка да прооди: „Мора да заборавиш на тоа, момче. Надмини го тоа. Запомни – ти не си риба. Ти можеш да го надминеш ова. Силна волја, пред сè.“
Низ гласовите на родителите во главите на децата го гледаме силното влијание што родителскиот однос го има врз животот на децата и врз нивниот начин на размислување. Светле и Едвард се еклатантни примери за тоа како генерално се растат девојчињата и момчињата: момчињата да ги потиснуваат своите емоции што резултира со суровост која кај Едвард ја гледаме кога ѝ забранува на Светле да гледа низ прозорецот од кој се гледа светилникот каде што е затворен татко ѝ, а девојчињата да бидат грижливи и сочувствителни, да помагаат и себеси да се ставаат во втор план во однос на другите.
Сепак, со својата кротка и истовремено бунтовна храброст, Светле е таа која го превртува од наопаку на исправено светот на Едвард. Таа на целосно детски начин му се обраќа со Рибо, што нему му делува како навреда затоа што никој од послугата дотогаш не се имал осмелено да му се спротистави, а камо ли да го зафркава, бидејќи тој е син на Адмиралот, господарот на куќата. Но Светле, како дете, во него гледа исто така само дете од кое нема потреба да се плаши, бидејќи не е чудовиште и со својата отвореност ги побива неговите стереотипи за девојчињата, за сиромашните, за неписмените – со еден збор, за поинаквите, каков што е и тој и какви што сме сите, во некој поглед.
Водена од интуицијата во која е впишано морското минато на нејзините родители, таа длабоко ги разбира законите на морето и потребата на Едвард да биде дел од него, да има морска иднина и го води да го пронајде своето место во светот, онаму каде што може да вирее неговата сиренска природа.
Бура од романескна авантура
Пишувајќи го освртов откако поминаа повеќе од три месеци откако го прочитав романот, имав мал страв дека интензитетот со кој го доживеав ќе ми избледе. Меѓутоа, не. Како ги разгледувам забелешките и подвлечените делови во книгата, ми се враќа чувството на восхит што го имав додека ја читав книгата.
„Светле“ е роман за а загубата на блиски луѓе и за текот на справувањето со тагата кој е поинаков кај сите, за храброста и пркоста човек да се бори да биде оставен на раат да биде тоа што е, за растењето и созревањето што може да го донесе процесот на страдање и закрепнување, за пријателството и емпатијата кон другите, за отвореноста за поврзување со поинаквите од нас…
Ова е еден современ роман, кој фино се надоврзува на традицијата на бајковито-фантастични авантури за деца, заведува со магијата на морските тајни и внесува светлина долж тунелот во кој во тешки периоди од животот сите знаеме да потонеме, стравувајќи дали некогаш ќе излеземе од него.
Наташа Атанасова
...
