Хероините од Утар Прадеш

Пишува: Петар Андоновски
Имаме уште неколку слободни часа во Агра, нашата последна дестинација на ова патување. Шоферот кој нѐ следи низ целата наша авантура по Индија, а на кого сите му се обраќаме со ,,Баба” (никој од нас не знае како вистински се вика) полека вози кон улицата „Taj Nagari Phase“. Таму, во кафулето Sheroes треба да го испиеме нашето последно кафе. Веќе сме изморени, а во главата ни е хаос од сите тие машки имиња (Шах Џахан, Џаи Синг, Мухамед Аурангзеб Аламгир…) кои целиот свој живот го посветиле на борби за власт и моќ.
Во Sheroes café не очекува една поинаква приказна. Таму никој на никого не му гради мавзолеи за да ја покаже својата моќ, никој со никого не се натпреварува за власт, таму сите се еднакви и единствената битка e битката за нов и достоинствен живот. Ако Индија е паралелен универзум, ова кафуле е паралелен универзум во тој паралелен универзум.
Sheroes café е основано во 2014-та од фондацијата „Chhanv“. Целта на ова кафуле е да им помогне на жените кои преживеале напад со киселина да започнат нов живот, да стекнат финансиска независност, им дава можност за стекнување нови вештини, да можат да се образуваат и со парите што ќе ги заработат да можат да ги платат сите тие операции кои се неопходни.
На територијата на Утар Прадеш годишно повеќе од 200 жени се жртви на напад со киселина. Напаѓачите најчесто се мажи кои биле одбиени, сопрузи кои сакале да ги казнат своите сопруги (една од жените што ја запознав била потурена со киселина зашто родила четири девојчиња), братучеди, роднини…. Многу мал процент напаѓачи се жени (мајки, маќеи или сестри). Во најголемиот број напади, напаѓачите не одговараат пред законот.
На влезот нѐ пречекуваат неколку жени. Лицата им се уништени. Но тоа не ги спречува со насмевка да ни посакаат добредојде. Во кафулето владее топла и пријатна атмосфера. Некои од жените седат на машини за шиење, некои зад штафелај цртаат, други прават колачи во шанкот внатре. Нарачуваме кафе и веднаш почнуваме да разгледуваме што има да си купиме и на тој начин да им дадеме поддршка на овие жени. Сите си купуваме по една торба на чија предна страна има лице на жена замачкано со бои, а на другата страна стои натпис „Stop Acid Attack“. По пат купуваме и по некој несесер, уметничка слика, марама… Една од жените нѐ повикува да седнеме на масата, да го испиеме нашето кафе и да изгледаме краток документарен филм.
Сите оние жени со кои до пред малку разговаравме, од кои купувавме, сега ги гледаме на малиот телевизор. Достоинствено раскажуваат како го преживеале нападот со киселина. Во нивните гласови нема ниту трошка гнев и омраза.
По завршувањето на филмот сите молчиме и цврсто ги стискаме работите кои сме ги купиле. Посакуваме да станеме и да почнеме да ги гушкаме сите овие жени, но наместо ние нив тие нѐ гушкаат нас и ни ги бришат солзите. Една од жените ни предлага да ни нацрта нешто на рацете со к’на, друга на телевизорот пушта боливудска музика и нѐ вика да танцуваме. Овие храбри жени не сакаат никој да ги сожалува. Сѐ што сакаат е правда, слобода и достоинствен живот.
Ако некогаш повторно се вратам во Агра, тоа нема да биде за никакви Таџ Махали, за никакви тврдини, за никакви династии водени од мажи… ако некогаш се вратам ќе се вратам за Sheroes café.
Насловна фотографија: еден од муралите во Sheroes café
Katerina Bogoeva
#
Bravo Petar
Reply