Женската храброст да се живее поинаку

(осврт кон книгата „Госпоѓицата Черити“ од Мари-Од Мирај; превод од француски: Маја Бојаџиевска; издавач „Сказнувалка“, 2025 г.)
Се обидувам да се сетам кои биле детските ликови од книгите што сум ги читала како мала, кои ми влијаеле и ме формирале. Помислувам на Оливер Твист, кому сум му се восхитувала на издржливоста во светот на сиромаштијата; на Том Соер и Хаклбери Фин за веселоста, живеењето на улица каде што не постојат правилата на возрасните, терањето по свое но и за солидарноста; на Хајди за односот кон природата и емпатијата…
Знаејќи кое е значењето на силните детски ликови за децата, ако можам да бирам кој лик од книжевноста за деца би требало да влезе во кругот на инспиративни ликови за мојата ќерка денес (каде што засега предводи Пипи Долгиот Чорап), тоа секако би била Черити Тидлер, прекрасната јунакиња од романот „Госпоѓицата Черити“ на Мари-Од Мирај.
Роман за едно (поинакво) растење
Приказната за својот живот, по многу прецизно сеќавање, Черити Тидлер ни ја раскажува на над 500 страници, покривајќи 20-годишен период (откога имала 5 до 25 години). Забавно, искрено, весело и проникливо – раскажувањето на Черити, кое е спој на нарација, драмски дијалози, акварели и понекое писмо (како и оние што си ги испраќа до самата себеси во иднината) – магично ве лови како со ласо и не ве пушта да го пуштите.
Работите кои ги одбележуваат првите десет години од приказната на Черити се:
- Љубовта кон животните и природата. Живеејќи како единствено дете во голема куќа во Лондон во втората половина на 19. век (Сите недели во моето детство си личеа една на друга, вели почетната реченица од романот во толстоевски стил), за да не умре од досада, Черити во својата соба на третиот кат почнува да вдомува глувци, полжави, стаорци, зајаци, ежови, жаби… и со нив живее низ годините. На сите им дава необични имиња и преку нив учи животни лекции, како на пример, дека бакнежот жабецот не го претвора во принц или дека од прејадување се умира.
- Научната љубопитност. Черити почнува да ја проучува анатомијата на животните (вари полвови за да го извади нивниот скелет), ги истражува печурките, ги набљудува мувлите, лови пеперутки, го следи гниењето, откопува фосили… И сите детали за однесувањето на животните и на природните појави ги запишува во нејзината тетратка за научни опсервации. Оттука, особено е интересно како овој „научен деформитет“ се провлекува во нејзиното раскажување (татко ѝ со зулуфите „личи на кокер шпаниел“, мајка ѝ ја измачува „како што нè измачуваат комарците при крајот на денот“, музејската канцеларија, темна и влажна „е сосема погодна за културата на мувлите“, две педантни госпоѓици се „лакоми и мрзеливи како две стари мачки“, младоженецот кој е прилично постар од невестата „изгледа како презреана овошка“ и, сè на сè, не ги поднесува „човечките мајмунлаци“).
- Читањето. Досадувајќи се, Черити ја открива библиотеката на татко ѝ и на 10 години почнува да го чита Шекспир. Време има во изобилство, па ги учи напамет сите негови сонети и многу дијалози од драмите. Така, уште од мала со изострен критички став кон реалноста, кога за 12-от роденден татко ѝ ќе ѝ ја подари Книгата на нови чуда, книга за природата за деца, Черити луцидно ќе забележи: Јулија Капулети имала четиринаесет години и ми се чинеше дека ако ѝ ја подареле Книгата на нови чуда, таа подобро ќе си го искористела времето. Ќе можела да научи, исто како јас, дека спорофитите се растенија без пол, и дека имаат помирна трговија од онаа на семејството Монтеки. (стр.73)
Во овој период од нејзиниот живот, додека мајка ѝ смета дека „едно дете може да биде видено, но не и чуено“, а со татко ѝ никогаш не воспоставува контакт со очи, врз Черити огромно влијание ќе има нејзината гувернанта, госпоѓицата Бланш – која ќе ја научи да слика акварели и учителот по германски, Хер Шмал, кој ќе ѝ вели дека девојките треба повеќе да ги проучуваат природните науки отколку везењето. Двајцата ќе ја научат да ги негува љубопитноста, знаењето и независноста.
Тука е и слугинката Табита, убава и млада сиромашна жена која сè повеќе полудува, а чии страшни приказни во кои злобните секогаш победуваат се контрапункт на прилично безгрижното опкружување на богатата класа во коешто расте Черити. А тука е и Кенет Ешли, младиот глумец кој ќе ѝ се вовлече под кожа со неговиот талент да заигрува и да засмејува, а подоцна и со неконвенционалниот однос и начин на живеење.
Роман за едно (поинакво) созревање
Делумно благодарение на ваквото (поинакво) растење, а делумно како резултат на поинаквоста што ја носи во себе, Черити во следните 10 години ќе има и поинакво созревање од своите врсници.
Задржувајќи го тоа што го стекнува во првата, во следната деценија (од 15 до 25 години) ја гледаме како ја напушта својата детска соба и влегува во светот на возрасните, обидувајќи се да го најде „своето место под сонцето“. Фразава понекогаш делува истрошено, но во случајот на оваа млада и одлучна девојка со желба за независност, функционира одлично, затоа што подразбира излегување од сенката која обично им била наменета на жените во 19. век и станување рамноправна учесничка во јавниот живот како писателка и илустраторка, колку тоа и да им изгледа скандалозно на луѓето околу неа.
На овој пат кон реализација (што би рекле зајадливите во книгата како „модерна“ жена), што е во судир со духот на времето во коешто живее, за Черити ќе биде од суштинска важност како ќе се поставува во односите со луѓето:
- Односите со блиските. Благодарение на способноста за гледање отаде она што се смета за „нормално“ и прифатливо, Черити како јагула постојано ѝ се лизга од рацете на мајка ѝ, која речиси сè што прави нејзината ќерка смета за неумесно. Опкружена со жени од високата класа чиј поглед на свет е ограничен од нивната привилегираност, сè што сака таа е да ја омажи ќерка си што подобро. Од сите роднини, Черити ќе ужива единствено во средбите со братучедот Филип, кревка уметничка душа што прерано ќе згасне, а подоцна и со нејзиниот татко, кој ќе ѝ признае дека долго бил разочаран што немал син, но дека сега е горд на неа, па дури и ќе ја научи да лови риби со мушичка.
- Односите со жените. Ликовите на жените во „Госпоѓицата Черити“ се силно класно обоени. Мајка ѝ, тетка ѝ и братучетките на Черити, кои припаѓаат на високата класа се олицетворение на „послушни ќерки“ кои го прифаќаат и наметнуваат патријархалниот поредок во кој местото на жената го гледаат единствено како сопруга и мајка. Наспроти нив се поставени ликовите на жените од ниската класа, како што се слугинката Табита, гувернантата Бланш и Тетка Џенет, во чии постапки на меѓусебна помош (како трогателниот момент кога Табита ќе ѝ ја понуди на Бланш целата своја заштеда затоа што знае што значи за една млада сиромашна жена да остане без работа) ќе најде пример за женска солидарност, која ќе ја практикува многупати во животот (ќе ја спаси Госпоѓицата Бланш од интернатот каде што за малку ќе го загуби животот; ќе го прикрива лудилото на Табита за да не заврши на бесилка и ќе ѝ ги олесни последните денови; ќе ѝ помогне на Гледис да абортира…).
- Бизнис-односите. За да стигне до посакуваната независност во животот, која ќе ѝ овозможи да го живее животот онака како што посакува, Черити сфаќа дека ќе мора да ги искористи своите способности за да заработува. Во неколку наврати ќе дознава колку многу „деловниот свет е различен од светот на срцето“, како на пример кога ќе сфати дека разгледниците со нејзините цртежи се продаваат во огромен тираж, а подоцна и нејзините книги, додека таа за тоа добива ситнеж. На издавачот кој ѝ проповеда за УДП – Убавото, Доброто и Правилното додека фино-лепо ја ограбува, таа мило за драго ќе му врати дека нејзината девиза е ФШП – Фунта, Шилинг, Пени. Сфаќајќи ги правилата на игра во бизнис-светот, таа успева да се избори за позиција на писателка која ќе биде подеднакво финансиски вреднувана колку што и е ценета од читателите.
- Љубовни односи. Иако мајка ѝ долго време „ќе го гони кон неа стадото млади ергени“, Черити ќе остане незаинтересирана. Сепак, еднаш за малку ќе падне во стапицата да се омажи од желба да избега од мајка ѝ – но тука се пријателите да ѝ ги отворат очите. А тука постојано е и Кенет Ешли, човекот кој од дете на посебен начин ја привлекува, единствениот маж со кој Черити се чувствува рамноправна, човекот со кој ќе реши да влезе во брак тогаш кога ќе стекне целосна финансиска независност, а воедно и ликот од кој излегуваат повеќе прекрасни реплики:
- „Вие сте единствената личност што со таква самоувереност носи толку грда облека“
- „Толку сте дискретна, госпоѓице Тидлер, што најпосле, човек ќе почне да Ве забележува само Вас“
- „Медиокритетите се секогаш среќни ако можат да згазнат врз генијот кога тој ќе се сопне“
- „Черити, вие сте мојата Волја“
Храброст што инспирира
Романот „Госпоѓицата Черити“ француската писателка Мари-Од Мирај го издала во 2008 година. Главниот лик на Черити Тидлер таа го моделирала според реалниот лик на Беатрикс Потер, познатата англиска писателка и илустраторка за деца од 19. век.
Потер била иновативна во повеќе погледи: таа го споила однесувањето на животните со човечките особини, сама ги пишувала и ги илустрирала своите книги и нејзиниот зајак Питер е првиот лиценциран книжевен лик во историјата. Инсистирала низ целата книга да има текст на левата и илустрација на десната страна, со цел да го задржи вниманието на малите деца, а на нејзино барање издавачот ги печател нејзините книги на мал формат со заоблени рабови за децата да можат лесно да ги држат.
Беатрикс Потер била уникатна личност во историјата, исто каква што е и госпоѓицата Черити во романот. Силна женска фигура, која е синоним за креативност, упорност и храброст – да се спротистави на оние кои ја ограничуваат во желбата за знаење, да не се покорува на даденостите и да се бори за својата независност, за правото да биде поинаква, односно да о(п)стане своја.
Наташа Атанасова
...

Едноставно како Симпл - Блен.мк
#
[…] Оваа несекојдневна и впечатлива книга ја прочитав при крајот на минатата година, неизмерно уживав и вљубеноста во неа сè уште ми трае. Станува збор за роман за деца од над 13-14 години, кој е дело на француската писателка Мари-Од Мирај, која го има напишано и прекрасниот роман „Госпоѓицата Черити“, за кој пишував тука. […]
Reply