Буки е македонската јазична Ноева арка
Пишува: Никола Стиков, универзитетски професор и блогер
Буки е бесплатна алатка за транскрипција на македонски говор што ни овозможува да ги претвораме нашите зборови во текст без да користиме раце. Пред да продолжите со читање на текстов, испробајте го Буки на следниов линк и запрашајте се дали сте спремни да ја замените вашата тастатура со него. А дали ќе бидете спремни да го направите тоа за десет години? Следат неколку мисловни експерименти и шпекулации околу иднината на електронската комуникација на македонски.
Мојата генерација е навикната да ги преточува мислите во зборови преку тастатура. Се сеќавам како во 90-тите пребирав со два прста по тастерите и често ќе се префрлев на пенкало и хартија затоа што мислите подобро ги регистрирав ракописно отколку со куцање. Во еден момент тастатурата стана доминантна, па денес повеќето луѓе не ни носат пенкало и хартија со себе.
На сличен начин и тастатурите полека ќе заминат во историјата, но прашање е со што ќе ги замениме. Оние телефонски екранчиња на кои куцкаме во моментов едноставно не личат на иднината што ја гледаме во научнофантастичните филмови. Не можам да ги замислам моите внуци како држат во рака мобилен телефон и со два палци типкаат пораки до нивните другари. Ако треба да се кладам што ќе ги замени тастатурите, тоа веројатно ќе биде некоја комбинација на диктирање и телепатија. Прифаќањето на овие нови технологии на почетокот ќе биде бавно и непотребно, а потоа брзо и неизбежно. Буки постои за да ја забрза и да ја олесни оваа транзиција.
Неблагодарно е да се предвидува употребата на Буки кога сѐ уште никој не диктира и не транскрибира на македонски. Но кога пред неколку години првпат се појавија алатките за транскрипција на англиски говор, бев изненаден дека моите деца повеќе сакаат да му зборуваат на телефонот отколку да му куцаат. Овој тренд ќе продолжи. Опасноста е дека ако немаме општоприфатена алатка за транскрипција на македонскиот јазик, тогаш сѐ помалку луѓе ќе го користат македонскиот во секојдневната електронска комуникација. Ова е најсигурниот начин еден мал јазик да замре.
За да не се случи ова, потребно е да му дадеме залет на Буки и да започнеме да го користиме. Подолу се три примери каде Буки може да им биде од непроценлива вредност на оние кои живеат од пишаниот збор.
- ФАЌАЊЕ БЕЛЕШКИ И ПРАЌАЊЕ ПОРАКИ. Ова е примената на Буки која е секојдневие за оние кои зборуваат англиски. Луѓе диктираат пораки на телефонот, а сервисите на Гугл или Епл веднаш ги претвораат пораките во текст. За жал, овие сервиси не работат добро на македонски, а не се ни евтини. Буки е бесплатен (open-source) и работи далеку подобро од која било друга алатка за транскрипција на македонски јазик.
- ПОДГОТОВКИ НА ИНТЕРВЈУА И РЕПОРТАЖИ. Во отсуство на македонска алатка за транскрипција, сите сме се навикнале да транскрибираме „пешки“. Ќе си го снимиме интервјуто и ќе скроламе напред-назад по снимката додека не го пронајдеме посакуваниот цитат. Ова функционира на кратки патеки, но оневозможува систематски пристап. Замислете кога сите ваши снимки би биле транскрибирани и организирани на вашиот компјутер. Тогаш лесно ќе можете да ги пронајдете сите цитати поврзани со одредена тема без да преслушувате стотици часови говор. Вашиот говорен асистент Буки е тука да ви помогне со оваа речиси невозможна задача.
- АРХИВИРАЊЕ. Замислете си архива на сите прилози кои некогаш биле објавени на филм, радио или телевизија. Дали би можеле од оваа архива да создадеме парче историја? Англиските YouTube канали се преполни со таканаречени „supercuts“, компилации од клипчиња во кои се употребува некоја антологиска фраза. За да се создаде ваков суперкат, потребно е да имате верна транскрипција на милиони часови аудио, кои потоа можете за секунда да ги пребарате како текст. За жал, вакви архиви не постојат на македонски. Нели би било кул ако по повод 27 ноември, денот на смртта на Горан Стефановски, направиме компилација од сите пати кога некој рекол „диво месо“, „глумиме сегашност“ или „ебави младоста“? Ова е сизифовска работа за луѓе од крв и месо, но не и за Буки.
Најголемиот проблем со секоја нова алатка е да ѝ се најде добра примена. Дури и на револуционерни изуми како интернетот или биткоинот им требале децении за да најдат практична примена. Буки е далеку од револуционерен изум, но е неопходен за да го вклучиме македонскиот меѓу оние јазици кои ќе ја преживеат дигиталната поплава.
Секој од нас може да биде дел од јазичната Ноева арка што ќе го зачува македонскиот јазик. Доволно е да го испробате Буки и да започнете да го користите во вашата работа. Уште подобро, прочитајте неколку македонски реченици преку платформата Mozillla Common Voice и помогнете ни во тренирањето на Буки 2.0. Вашите деца, вашите внуци и вашиот мајчин јазик ќе ви бидат благодарни!