Архива на преводи Ликовна уметност
Економските закони (Казимир Малевич)
Економската база и економските односи на луѓето, како и засновањето на медиумските односи на економска база, не се основа на која пролетерската класа би можела да го гради своето општество и својот живот.
Само капиталистичко или буржоаско општество може на економска база да ги заснова животот и државата, а општеството што го создава пролетерската класа мора да бара нова база за формирање на својот однос кон светот. Економската база создава исклучиво капиталистичко општество, акумулација на вредности од нов вид капитал. Парите како елемент на капиталистичкиот поредок во својата суштина ја имаат економијата, благодарение на што прогресивно се развиват на сметка на човековите сили.
Стремежот кон економизам е стремеж кон капитализам, кон акумулација на вредностите. Ослободувањето од економизмот, пак, води кон потполно ново уредување и нови односи меѓу луѓето.
Уметноста мора да послужи како нов модел. Во неа нема економски бази и акумулација на вредности, бидејќи ниеден произведувач на Уметност не го познава и не може да го вреднува својот производ, како што ниедна природна појава не го вреднува она што го прави, без оглед на тоа што таа, како што му се чини на човекот, обезбедува некој вид семе, многубројни продолжувачи.
Да го земеме кој било град и неговата економска база. Ќе видиме како Уметноста со тешки маки се одружува во градот, каде што секој метар квадратен земја, заради економските услови, наложува вертикална изградба, врз основа на развојот на економската материјалистичка база. Во градот се подигаат исклучиво утилитарни градби од практичен тип, по што доаѓа до потиснување од градот на принципот на Уметноста, која со своето неекономско однесување ја руши економско-практичната идеја и со самото тоа ја оштетува капиталистичката тврдина.
Имаме предвид дека во нашата сегашница на строго економска база, веќе почнува да израснува нов вид материјализам, што претставува само облик на капиталистички буржоаски материјализам. Тој веќе целосно ја потисна архитектурата и Уметноста, воопшто, и создаде т.н. конструктивизам, што во целост своето дејствување го заснова на практичност, економичност на градбите во строга зависност од функцијата на практичната нужност и потреба, кои, од своја страна, не се проверени, а можеби, поаѓајќи од самиот закон на економичност, се и одвишни. Конструктивизмот не спаѓа во Уметност или во „уметничка работа“ (во последно време конструктивизмот своето дејствување почна да го карактеризира како уметничка работа).
Конструктивизмот е чисто материјалистичка конструктивна појава што својот развој психофизиолошки го заснова на свесна пресметка, појава што целосно зависи од овој или оној квадратен метар, сочуван од економската условеност.
Од што треба да зависи однесувањето на конструктивистите? Насочен според тие услови, конструктивистот се движи кон оние пукнатини на квадратниот метар, израснува низ онаа форма што може да нарасне од таквата нужност и што од една толку висока кула може да создаде целосна функционалност на практичните потреби.
Компирот оставен во подрумот со мал отвор се развива и со својот развој создава форма на ново испакнување кое не може да ја развие целата сила и разновидност на формата; дури кога ќе го достигне отворениот простор, испакнувањето може да разлисти.
Конструктивизмот е токму еден таков компир што израснува во исти услови на економизмот, а самиот економизам е јамата или подрумот.
Уметноста не може да се развива во условите на економизмот. Развојот на уметноста треба да се очекува дури тогаш кога економизмот практично целосно исчезнува од човековата култура или кога целиот економизам, целата економска база ќе биде сведена на безначајно економско ниво. (…)
Ако во пролетеријатот и селанството се види онаа сила од која водачите мислат да изградат материјалистички, идеалистички или религиозен свет, тогаш, пред сè, економската база треба да се сведе на нула – ако сакаме да градиме свет, таа не е основата за него.
Кога веќе така стојат нештата, тогаш е очигледно дека тој простор, време и други вредности треба да бидат уништени, како што е очигледно и дека е незамислив каков било прогрес.
По ваквите поставки на проблемот, во прв план доаѓа само Уметноста, што во себе веќе ги има овие начела.
Секако, целиот практичен живот, целата функционалност и економичност настануваат од овој или оној поглед на свет и потреби на човечкиот организам, т.е. на телото. Потребите стануваат разни. Некои се врзуваат за храната, облеката, обувките, материјалните добра; други, т.н. духовни потреби, исто така, можат да се поделат на религиозни потреби и Уметност. Религијата не е економична, но има предвид практична цел во иднината, во царството небеско. Уметноста нема ни иднина, ни минато, значи, таа вечно е во сегашноста.
Другите имаат и минато – историја и иднина – надеж.
Каква е идеологијата на конструктивизмот (секако, во условите во кои се наоѓа)? Во револуционерните земји во кои победил комунистичкиот материјализам, неговата идеологија е материјалистичка, во контрареволуционерните земји – таа е контрареволуционерна. Конструктивизмот нема своја идеологија. Тој од една страна сака да се издвои со тоа што е уметнички, но не со творештвото, туку со работата, што сака да се избори за изедначување со општата работа: „уметникот-творец“, меѓутоа, не би се сложил со оваа одредница, бидејќи тој не работи и своето творештво не го смета за работа. Навистина, оваа одредница конструктивизмот може да ја смета и за точна, бидеќи во неговите манифестации уметничката слобода ги ограничува напорите за решавање утилитарни потреби во уметничка форма.
Според тоа, во овие напори се содржи совладување на задачи, за што е неопходна работа. Работата е во тоа што конструктивизмот не може да биде уметнички, бидејќи во неговото манифестирање лежат практични задачи, а надвор од него волјата или самото манифестирање не се можни. Неговиот придвижувач е целта што ја има поставено одредена животна форма. Но, не форма што текот на водата го насочува во спротивен правец.
Конструктивизмот би требало себеси да се нарече пронаоѓизам на неговата конкретно поставена задача, но не и пронаоѓање што подоцна може да се примени на конкретни работи.
Значи, конструктивизмот е најнизок степен на појаснување поврзано со дадена задача што ја подјармува личната слобода. Според својата идеологија, конструктивистот е „слуга на народот“, заради што уште пооправдано може да се нарече и „слуга-лакеј“.
Од друга страна, конструктивизмот на целиот живот гледа како на нешто вечно, како на практично движење, целосно утилитарно, засновано на материјалистичкото гледиште и на дијалектичкиот метод. Тој не го набљудува животот и од онаа страна, од аголот на мирување, на не-движење, на статика, надвор од какви и да е погледи на свет, од беспредметната страна; тој дури не се ни обидува да ги поврзе овие две страни. А во нашата сегашност беспредметноста игра огромна улога, како и сè понеопходното одмаралиште-лечилиште, местото на кое можат да се излекуваат сите органски повреди во борбата со металот, во борбата со крајниот материјализам, во борбата со класниот материјализам, во борбата за достигнување на ветените практични утилитарни работи на материјалистичкото небо.
И најпримитивната логика би сметала дека е апсурдно човекот да го исече своето тело, а потоа да го шие. Исто како кога луѓето упорно би се обидувале да одат пеш преку морето, без оглед на тоа што сите по ред еден по друг се дават.
Достигнувањето на богатството на материјалистичкото небо е незамисливо колку и одењето по море. Нека сè материјалистичко биде исклучиво физиолошко, нека исчезне секоја душевна состојба. Таквиот материјализам ќе биде повистинит од оној што бара богатство, бидејќи таквиот материјализам е психички, тој го предочува и го разликува богатството од небогатството, предочува буржоаски одлики итн.
Материјалноста на светот, пак, сама по себе нема облици, бидејќи е беспредметна во своите манифестации. Уште повеќе, одредувањето на некоја појава како материјалистичка е психички чин.
Според тоа, сите чинови се физиолошки. Ако резултатот на разни надразби и рефлекси одредува нешто, тогаш тоа нешто е веќе психичко, што станува причина за работа на проучување на организмот и на објаснување на причините што предизвикуваат некој психички чин-претстава. Во таа претстава постојат облици на апстрактни и практични работи што со свеста не можеме точно да ги пресметаме и да ги измериме; самата свест е психички елемент. Обликот го пресметуваме со она што го нарекуваме материјал, но материјата не ја нарекуваме материјал.
Целокупната борба за воведување на чистата физолошка работа на организмот ќе доведе до оние заклучоци што јас ги изведувам во беспредметноста, т.е. до несвесното, чин на безвременост без какви и да е достигнати богатства. Затоа, свеста мора да се победи себеси самата (како што се мисли дека „војната со војна се уништува“).
Чистата работа на организмот е надвор од свеста и е без пресметки, безоблична, беспредметна.
Несраснатите организми предизвикуваат психички претстави што физички го разоруваат организмот што пропаѓа.
Превод од српски: Наташа Атанасова
Насловна слика: Казимир Малевич, негатив
Наташа Атанасова
...