Мартина Видаиќ: Пишувањето е продолжено читање
Мартина Видаиќ (родена 1986 г.) e хрватска писателка, која има напишано четири збирки поезија и два романа. Во едно од ретките интервјуа со неа што можат да се најдат на интернет, вели дека меѓу книжевниците нема ни блиски пријатели ни лични врски. Ја нема ниту на социјалните мрежи, оти не е баш желна за формите на самопромоција и продавање „приказни“, кои денес речиси се неопходни за еден автор да добие внимание.
Сепак, таква маргинална позиција не сака и за своите книги и очигледно со својот талент и труд тоа и го постигнува. По неколкуте значајни награди што ги има добиено во Хрватска, оваа година ѝ стигна и меѓународно признание. Имено, за романот „Стеници“ (во оригинал „Stjenice“), таа беше прогласена за добитничка на Наградата за литература на Европската Унија во 2023 година.
На наша радост, ја прифати поканата за интервју на „Блен“.
Зад себе имаш неколку збирки поезија и два романа. Каква е разликата во твојот креативен процес кога станува збор за пишување поезија и проза?
Разликите, првенствено, се од „техничка“ природа. Песната мора да „дојде“ сама, додека при создавањето прозна книга сепак треба да се седне и да се пишува. Не дека поезијата не бара работа, но таа работа е минуциозна, како работа на фин механизам на часовник. Не бара толку време, ама бара повеќе концентрација, емоционална или интелектуална. Од друга страна, работата на прозниот текст е „посериозна“, во смисла дека бара повеќе подготовки, истражување и планирање. Разликите се и во пристапот кон јазикот, затоа што јазикот на поезијата и на прозата функционираат целосно различно. Додека кај поезијата секој збор тежи од значење и економичноста е еден од најважните закони, кај прозата јазикот, па дури и кога е високостилизиран, секогаш е во функција на приказната, односно служи за нешто да се предочи и не смее толку да привлекува внимание сам на себе. Кога станува збор за креативниот чин – а притоа мислам на количината креативна сила што сум способна да ја вложам во текстот – разликата е многу помала. Секогаш нагласувам дека во пишувањето поаѓам од тоа што сакам да го кажам, а дури потоа на тоа што сакам да го кажам му ја давам најсоодветната форма. Се има случувано и во од да ја менувам формата, затоа што сум сфаќала дека постојната не е најдобриот избор. Значи, еднаква креативна сила сум подготвена да вложам и во прозата и во поезијата, без остаток.
Што ти е поголем поттик во пишувањето – надворешната или внатрешната реалност?
Секогаш сум свесна за општествено-политичко-историскиот контекст во кој живеат моите ликови, но притоа многу поважно ми е да се истражи како тие ликови се чувствуваат во тој контекст, отколку да се каже нешто за самиот контекст. Во двата романа што ги имам објавено раскажувачките имаат многу специфично, хиперсензибилно доживување на реалноста, по што сум слична на нив, иако инаку многу се разликуваме. Во секој случај, поважно ми е доживувањето од настанот. Меѓу другото, спаѓам во луѓето кои негуваат сомнеж во објективната реалност. Британскиот невронаучник Анил Кумар Сет, стручњак за прашањето на свеста, ја дефинира стварноста како „контролирана халуцинација“. Во таа линија, многу поинтересна и поуверлива ми е субјективноста од објективноста.
„Стеници“ е роман раскажан во еден здив. Не би можела да кажам и дека се чита во еден здив, затоа што внатрешните превирања на нараторката испреплетени со случките надвор бараат полна концентрација и со тоа еден побавен тек на читање. Какво беше, пак, пишувањето?
Романот почнав да го пишувам на почетокот на 2020 година. Тогаш го имав само основниот синопсис и раскажувачкиот глас што ми се моткаше низ глава, а кој се чинеше потенцијално интересен. Почнав да пишувам „за проба“, да видам како функционира тој глас во текстот. Потоа се заредија стресовите на 2020-та, која ми беше особено тешка година, и пишувањето некое време го оставив на страна. Дури пролетта 2021-ва продолжив да пишувам, сега веќе со детално разработен план, со значајни промени на дејството и белешки кои во меѓувреме ги направив, како и со рокови зад петите, со оглед на тоа што морав да го испочитувам договорот со издавачот и стипендијата што ја добив во меѓувреме. На почетокот ми беше претешко повторно да влезам во истиот раскажувачки глас, ми требаше месец или два додека повторно да го пронајдам вистинскиот тон и стил. Особен предизвик беше да се создаде чувство на течност, тука каде што постоеше подолг прекин во пишувањето. Се надевам дека на крајот успеав во тоа.
Зошто вака си го трошам животот, зошто ништо не преземам, се мачев со прашања, без вистинска намера да одговорам. Слабиот сон успеа да ме совлада дури околу пет утрото. Кога напладне станав и го видов првиот бодеж од стениците, не можев да се присилам да се загрижам. Нешто мораше да дојде, па зошто не и тоа. Всушност, тогаш уште не знаев дека станува збор за стеници…
Извадок од „Стеници“
Главниот лик е 35-годишната Горана Храбров, која не толку храбро колку преживувачки се бори со својата депресија, анксиозност, осаменост, отуѓеност… Раскажувајќи, таа ѝ се обраќа на жена што ја именува како Ладна, проектирајќи го на неа сопственото студенило. Од каде црпеше повеќе материјал за човековата психологија, од теорија или од искуствата на луѓето околу тебе?
Психологијата ми е интересно поле коешто со задоволство го проучувам. Особено ми е интересна психопатологијата, екстремните состојби што го изобличуваат вообичаеното поимање на стварноста. Секако, сето тоа го проучувам на аматерско ниво. За овој роман не истражував целно одредена теорија, ама сигурно многу од тоа што низ годините сум го прочитала, чула или видела, влијаело на развојот на ликот. Кога го обликувам ликот, всушност никогаш не поаѓам од теоријата. Земам, како и повеќето писатели, од искуството, без разлика дали станува збор за сопствените искуства, искуствата на луѓето околу мене или за она за коешто сум дознала некаде „од втора рака“. Ликот на Горана е фикционален, донекаде е работен по пример на неколку луѓе што ги познавам, ама е составен од бројни елементи – емоции, очај, страв, интелигенција, слабости и доблести – кои на овој или оној начин сум ги искусила.
Се замислував како излегувам од дуќанот и барам нешто на што ќе се обесам. Стебла има насекаде, ама гранките лесно се кршат. Пречките на детските лулашки се посигурни, ама многу пониски. Добро, како да се најде мирно место некое некој доцен шетач нема да ме загњави со приказните за неповторливоста на животот? И каде да набавам стол? Градовите не се добри места за бесење, тука се умира попристојно, во кревети од предоцирање и во кади полни со крвава вода, не се сквернават јавните паркови и детските игралишта; ако веќе се фрла од згради или под возови, тоа се прави по рабовите на градот, таму каде што проѕирноста на просторот бргу го заборава секој чини. За бесењето да биде убедливо, потребна е штала, некоја крава што рамнодушно ќе џвака покрај телото што се ниша и потпукнување на гредите како тивка песна за утеха на оние што остануваат.
Извадок од „Стеници“
Архитектурата е особено важна за твојот роман. Од една страна, значајна е за самата градба на романот – Горана е архитектка за која куќата има големо и буквално и симболично значење, а од друга страна архитектурата е основа и за силна општествена критика. Каква е хрватската, а каква куќата што сите ние ја градиме од овој наш свет?
Архитектурата ја сфаќам и во буквалното значење на зборот, како „надградување над природата“, а последично и како надвладување со стравот од отворениот простор кој му е иманентен на човекот од предархитектонското раздобје. Интересна ми е како единствена уметност која нема можност да го критикува општеството, иако најсилно ја одразува некоја епоха. Таа е тешко уништлив материјален доказ за успесите и заблудите на некое време. Исто така, како личност исклучително чувствителна на обликувањето на просторот, верувам дека начинот на кој просторот е обликуван може да влијае на претходно споменатиот иманентен страв во секој човек. Во таа смисла, сакав архитектката Горана да чувствува силна нелагодност пред прашањето на личната улога во изградбата на современиот свет. Нејзината побуна не е до крај освестена, постои елемент на неизречиво во таа изненадна, речиси физичка неудобност што ја чувствува во архитектонскиот свет, бидејќи иако е јасно дека еден дел од неудобноста потекнува од свеста за расипаниот карактер на капитализмот, другиот дел оди подлабоко и индиректно го поставува прашањето за улогата на архитектурата воопшто. Големите дела на градежништвото во големо мнозинство се споменици на разузданоста на моќниците, а неретко во нивната изградба се вложени и многу човечки жртви. И денес врвно обликување на животниот простор можат да си дозволат само богатите. Прашањето како да се смени тоа останува да виси во воздух.
Ѕирнав во „Речникот на симболи“ од Ален Гербран и Жан Шевалие и читам: „Стеницата го претставува неразбирливиот аспект на постоењето“ и си велам – уште еден мал клуч за смислата на романот 😊. Се согласуваш?
Не ја знаев таа дефиниција, ама, да, се сложувам. Стениците се метафора за растечката тегобност на Горана која не е објаснива до крај. Не почетокот на романот таа знае дека нешто не е во ред, но не може точно да објасни што. Одговорот постепено се открива, но и на крајот на романот по нешто сепак останува необјасниво.
За романот „Стеници“ ја доби Наградата за литература на Европската Унија, во конкуренција на 13 номинирани дела и автори. Како ја доживеа наградата тогаш, а како се чувствуваш сега, неколку месеци по доделувањето?
По прогласувањето на победникот во Лајпциг бев искрено изненадена, првенствено затоа што романот во домашен контекст не постигна којзнае колкав успех. Во таа смисла бев изненадена и од самата номинација и не очекував ама баш ништо. Добивањето на Наградата за литература на Европската Унија, меѓутоа, привлече некое внимание на книгата и на домашен и на странски терен. Морам да признаам, на почетокот тоа ме затекна, не знаев како да се чувствувам и што да мислам за сето тоа, треба ли да очекувам многу или да бидам внимателна. Засега, во согласност со мојата природа, го одбрав патот на внимателниот оптимизам. За мене би била голема работа кога барем некои од планираните преводи би биле реализирани, бидејќи до неодамна на такво нешто не можев ни да помислам, но се трудам да не се занесувам премногу.
Дали барањето од тебе вака директно, преку интервјуа, да ги објаснуваш, толкуваш и апстрахираш твоите дела го доживуваш како задоволство или како мачење?
Како мачење 😊 Шала на страна, сакам да зборувам за некои аспекти на создавањето на книгата, и, меѓу другото, како читателка ми е интересно да слушнам што се случува „зад кулисите“ на текстот, но не сум обожавателка на апстрахирањето и интерпретирањето на сопствените текстови, затоа што сметам дека тоа што сум планирала да го кажам за некоја тема најцелосно е кажано во самиот текст. Всушност, невозможно е да се прераскаже романот. За мене читањето отсекогаш било многу интимен чин во текот на кој или се случува „она нешто“ или не се случува. Слично е и со пишувањето, затоа што пишувањето е продолжено читање. Тука се развива некој однос со текстот кој е многу личен и кога ќе тргнеме јавно да го расчленуваме тој однос се чувствувам како да сум го предала сопствениот текст, како јавно да зборувам за нешто што би требало да биде многу интимно.
Кои се книжевните предизвици со кои планираш да се фатиш во костец во блиска иднина?
Моментално немам сериозни планови. Си играм со разни идеи, веќе долго ме копка можноста да напишам филмско сценарио, да размислувам за можниот нов роман и за една хибридна поетска книга која би вклучувала елементи на еп и драма, ама всушност можно е и набргу нешто да напишам и повеќе никогаш ништо да не напишам. Ќе видиме.
П.С. Малку тривијалност: Родена си на 19 февруари, датумот на кој се случува кобната сообраќајна несреќа што Горана ќе ја преживее, но по која само ќе живурка. Коинциденција 😊?
Кај мене ништо не е коинциденција 😊. Многу детали во романот се некој вид, како што би рекле Американците, „Easter eggs“. Таквите работи обично немаат некое подлабоко значење, само се резултат на мојата заиграност, понекогаш и морбидна.
Ако сакате интервјуто да го читате во оригинал – ТУКА
Превод на извадоците од хрватски: Наташа Атанасова
Насловна фотографија: од Берлинскиот фестивал на поезијата
Наташа Атанасова
...