Вести

Два нови европски наслови од „Три“: апокалиптичен роман и графичка новела

Aпокалиптичниот трилер „Од работ на ништотноста“ и графичката новела „Големите пространства“ се две нови дела од современи европски авторки во едицијата „Нашите приказни“ на Издавачкиот центар „Три“. Оттаму посочуваат дека иако дијаметрално различни, возбудливиот трилер и графичката новела која ги привлекува и детските и возрасните читатели се единствени во намерата да им понудат на читателите поинаква реалност.

„Преведен од холандски од преведувачката Ели Пујоска, романот ‘Од работ на ништотноста’ нѐ тера да заборавиме на досегашните животи со својата едноставна премиса – Земјата наскоро е уништена судир со комета“, велат од Издавачкиот центар.

Холандската авторка Корине Дејвис (р. 1989, Амстердам) пишува научна фантастика, а објавува и дела за деца и млади, како и раскази. Како авторка се потпишува и во „Чувари на галаксијата“: „Собери ги сите“ (2017) како дел од серијалот графички новели на „Марвел“.

„Вешт во создавањето и уништувањето на световите, трилерот на Дејвис отвора прашања што се повеќе ја засегаат нашата реалност – Вреди ли иднината во која не се присутни саканите луѓе? Кога е во прашање иднината на човечката раса, чии животи се најважни?“, велат од „Три“.

Во едицијата „Нашите приказни“ се вклучува и графичката новела „Големите пространства“ од Кетрин Мерис, во превод од француски од Офелија Ковиловска.

„’Големите пространства’ е прекрасен потсетник дека уметноста и природата – сѐ што расте, сѐ што живее наспроти сите препреки, секогаш ни нудат шанса за нов почеток’, велат од „Три“.

Оттаму дополнуваат дека графичката новела отвора магичен портал кој носи кон широки пространства полни со мирисливи цвеќиња, наместо студениот, зачаден град.

„И тоа не какви било цвеќиња туку кринови како на наметката на Луј XIV, калеми од рози од градините на Пруст и Монтењ, каранфили од романите на Пјер Лоти…“, велат од Издавачкиот центар.

Катрин Мерис (р. 1980, Ниор) е француска авторка на стрипови и графички новели, илустраторка и аниматорка. Прво објавено дело на Мерис е графичката новела „Моите луѓе од букви“, во 2008 година, посветено на француските книжевни ликови. Во меѓувреме илустрирала за неколку списанија, а од 2005 до 2015 година работела за сатиричното списание „Шарли Едбо“, во чиј тим била единствената уметница.

И двeте дела се достапни за читателите преку едицијата „Нашите приказни“, поддржана од Европската Унија.

Наташа Атанасова

...

Leave a comment