CultureMatters Графички дизајн Домашни Ликовна уметност Макендо Муабетења
Зоран Кардула: Врската меѓу графичкиот дизајн и поп-културата е нераскинлива
Со повеќе твои лични проекти изминативе години се трудеше да покажеш дека на просториве на коишто живееме има долга традиција на добар дизајн – во делот на архитектурата и на графичкиот дизајн. Како би ја опишал денешната ситуација со дизајнот кај нас?
Личните проекти кои навистина се многу, долго ги осмислувам, анализирам, но и брзо ги реализирам. Она што го работам е мој поглед на работите, а по реакциите и повратните информации ценам дека сум завршил добра работа. Потврда за ова ми е дека најчесто тоа се непрофитабилни проекти кои ги работам за своја душа, а сепак постојано добивам понуди за соработка во поголем дел од познати светски компании и брендови. Ние навистина имаме многу квалитетни дизајнери кои соработуваат со познати светски брендови што е доказ дека на овие простори вирее добар дизајн.
Од друга страна, во ова хаотично и брзо време често се случува да се бара дизајн од денес за утре и кусокот на време резултира со многу комерцијален и не толку креативен и квалитетен дизајн. Искрено, нема потреба од толку брзање, за сè има време ако се има добра соработка и организација.
Личен проект: „Војна на ѕвездите“ и споменици од Југославија
Дизајнираш толку многу работи – за себе, за пријатели, за клиенти… Дали во секоја една работа, на кој било проект успеваш да се внесеш целосно, да внесеш во него парче од себе или, сепак, големиот обем на работа знае да си го земе својот данок и понекогаш да се почувствуваш како да „штанцаш“?
Работам многу, некогаш и премногу, но најважно е што во тоа уживам. Ја сакам мојата професија, па и кога не работам – работам. Истражувам, гледам дизајни на мои колеги, гледам што е актуелно итн. Секогаш се обидувам моите предлози кои ги нудам на клиентите да бидат најдоброто што во тој момент можам да го сработам. Комплетно се внесувам и до најмалата ситница. Моите клиенти секогаш добиваат многу предлози (колегите велат и премногу), но поради тоа не дозволувам многу клиентот да се меша во мојот дизајн. Сакам крајниот производ да биде сепак мој дизајн. Ова не поминува секогаш и се случува да резултира со губење финансии, но мене тоа не ми е пресудно.
И покрај мојата голема продуктивност никогаш не би прифатил нешто како штанцање, не би направил нешто ако не сум 100% сигурен дека тоа е најдоброто од мене во тој момент. Имам една успешна формула до која се држам во организацијата на времето за работа: тоа секогаш ми е поделено 50% во работа за клиенти и 50% работа за мои лични проекти и оваа формула ми функционира.
Како гледаш на односот меѓу графичкиот дизајн и поп-културата?
Во ова време на доминација на социјалните медиуми, поп-културата зазема значајна улога во целото наше живеење. Секогаш се тука и ставовите и различните толкувања за тоа дали поп-културата е добра или е лоша, но факт е дека е тука. Најзначајни категории од поп културата се филмот, забавата, музиката, видеоигрите, политиката и модата, а во сите тие области графичкиот дизајн игра значајна улога, така што врската меѓу нив е нераскинлива.
Личен проект: Илустрации инспирирани од серијата „Дамски гамбит“
Последниве години професијата графички дизајнер стана особено привлечна за младите. Тоа е нормално, имајќи предвид дека огромен дел од нашите животи ги минуваме пред визуелни средства за комуникација. Како некој што предава на академија за графички дизајн, кои делови од твоето знаење и искуство најмногу се трудеше да им ги пренесеш на студентите? Што е тоа што не може да се најде на туторијали на Јутуб, на пример?
Веќе пет години предавам илустрација и Илустратор и гледам дека од година во година оваа професија е сè попривлечна и младите се гледаат како дел од неа. На студентите прво настојувам да им ја пренесам љубовта кон оваа професија, затоа што секој може да научи сè, но многу е важно тоа да го сака. Потоа, низ целиот процес на учење сакам на студентите да им го пренесам и моето искуство, а го има доволно – речиси 20 години во „Публицис“, една од најдобрите агенции кај нас, каде што имав среќа да работам со одлични колеги и каде што научив многу. Тоа искуство што се стекнува во агенција треба секој дизајнер да го помине. И, секако, настојувам да го извлечам најдоброто од студентите.
Туторијали има многу, но особено на почетокот на предавањата или барем додека не стигнат до некоја фаза кога добро го познаваат софтверот за дизајн, не им дозволувам да ги гледаат. Бидејќи кога не го познаваат добро софтверот знаат да им се направат фрустрации и да се нервираат, а нема потреба од тоа.
Исто така, одбив да предавам онлајн, зашто сметам дека тоа што го предавам треба да биде со физичко присуство. Сакам да гледам како работат, кога грешат, како грешат и сето тоа да го решиме заедно.
Периодов беше тешко сето ова да се изведе, но успеавме и навистина одлично поминаа предавањата и имавме многу успешни студенти. Да, тие учат од мене, но и јас од нив.
Со оглед на тоа што имаш можност за непосреден меѓугенерациски дијалог, какви се твоите впечатоци за младите денес – и во однос на посветеноста за правење квалитетни работи и во однос на желбата за менување на светот?
Генерално, убаво е кога се работи со млади, се чувствува таа младешка енергија. Младите се доста креативни. Многу ми се допаѓа што се свои и кога нешто не им се допаѓа тоа отворено го кажуваат. Сепак, им недостасува трпение, но со работа и искуство верувам дека ќе го стекнат. Младите се движечка сила и секогаш им треба малку ветер во грб за да го постигнат тоа што го сакаат и, секако, да го движат светот кон подобро.
Активизмот ти тече низ вените подолго време. За сите подзаспани а освестени луѓе кои се демотивирани сметајќи дека „џабе се трудиш, тука ништо не можеш да смениш“, можеш ли да споделиш едно твое активистичко залагање кое го сметаш за најуспешно, со кое знаеш дека навистина си сменил нешто на подобро?
И јас, и целото мое семејство сме активисти. Не би бил доколку мислам дека нема да се променат нештата. Во што и да сум учествувал како активист не било за џабе, а искрено сум горд на тоа.
Најдраг ми е успехот или, подобро кажано, поместувањето на границите во свесноста и прифаќањето на лицата со аутизам, односно генерално на лицата со атипичен развој. Таков проект ми беше „Гуш и бац“, кој беше посветен на мојата ќерка со аутизам. Проектот се состоеше од илустрирани зборови на Ерато. Во него учествуваа 33 уметници и дизајнери кои илустрираа по еден до два зборови на јазикот на Ерато – таа си користи свој јазик, кој за сите освен за неа и за нас, нејзините блиски, е чуден јазик. Проектот несомнено ја подигна свеста за постоењето и прифаќањето на аутизмот, а беше и од хуманитарен карактер и средствата кои беа собрани послужија за неколкумесечни стручни третмани на осум дечиња со аутизам. Овој е само еден од проектите во кој сум учествувал, а ги има многу кога станува збор за правата на сите маргинализирани групи и верувам дека имало позитивно влијание во прифаќањето на различностите по која било основа. Работите се поместени, но секако треба уште многу работа.
Дениција – првиот часовник на Своч дизајниран од македонски дизајнер
Периодов беше особено актуелен со дизајнот на часовникот на Своч по повод 30 години независност на Македонија. Дали идејата во него да го споиш јубилејот со ликот на Дениција, со сета тежина и метафоричност што ја носат стиховите „Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата Македонска Држава“ беше целосно твоја? Како се развиваше целата таа идеја? И, да, како колекционер на многу работи, имаш ли ти еден од тие триесет часовници?
Идејата за часовникот Своч по повод 30 години независност е проект на „Божиновски“. Мене ми се обратија да бидам првиот дизајнер од кај нас кој ќе го изработи дизајнот. Имав комплетна слобода околу дизајнот и се одлучив за нешто препознатливо за мене, а тоа се жените кои ги цртам и илустрирам. Сакав тоа да преставува силна и борбена жена со бои кои дискретно асоцираат на нашите национални бои. Името Дениција дојде спонтано низ разговор со Игор и така проектот доби една целина. Јас сè уште не сум сопственик на оваа лимитирана серија, но договорено е со Своч да добијам еден, зашто нели, вообичаено е дизајнерот да добие свој примерок од она што го работи.
„Денес изгледаш убаво!“, насловот на последната твоја изложба во новиот „Ист гејт мол“, е порака што луѓето сакаат да стигне до нив. Понекогаш таа не треба ни да се изговори, доволно е очите да ја кажат кога ќе те погледнат. Имаме ли како луѓе лице да ги погледнеме сите луѓе во очи?
Преубав проект. Уште во моментот кога ја дискутиравме идејата знаев дека ќе бидам дел од него. Навистина нема ништо поубаво од насмеани очи. Мојата ќерка Ерато е дел од проектот. Таа е слабо вербална, но нејзините насмеани очи секогаш ме прават среќен и тогаш како ништо друго да не е важно. Одлична изложба со многу убави пораки од учесниците, поставена на фреквентно место и се надевам дека пораката ќе стигне до многу луѓе кои ја виделе. Со заеднички сили, отворени умови и срца да ја пренесеме пораката за прифаќање и почитување. Што би рекла Ерато на нејзиниот јазик: „кајн пм’п“ – граници не постојат!
Насловна фотографија: Антонио Станков
Наташа Атанасова
...