Живко Грозданоски: Ако веруваме во Друштвото, тоа повеќекратно ќе ни се оддолжи

Пред две години, по многу перипетии и неизвесности во Друштвото на писателите на Македонија, писателот Живко Грозданоски стана негов претседател. Неговиот мандат наскоро истекува, а заложбите во работата на ова еснафско здружение и транспарентноста за која се бореше, беа видливи и неспорни.
Ова интервју со него е своевиден обид за сумирање на најважното од неговото претседателствување и за ѕирнување во неговиот поглед на иднината на ДПМ, кое според него, „може да живурка или да живее со полни гради“, во зависност од свесноста за колективното добро на писателите.
Поминаа наградите на ДПМ, Живко, централен настан на Друштвото и активности во кои вложи огромен ангажман. Колку си задоволен од целиот процес – од изборот на жири-комисиите, преку наградените дела, па сè до организацијата на свеченото доделување на наградите?
Задоволен сум. За секоја точка може многу да се зборува, но накратко: мислам дека беа избрани добри жири-комисии, од истакнати автор(к)и. Мило ми е што како членови на жири-комисии имаме и двајца членови на ДПМ што живеат главно надвор од Македонија: Ристо Василевски (Србија) и Давор Стојановски (Австрија), а тоа е важно, така се негува заедништвото и отаде границите.
Понатаму: некои од жири-комисиите беа сочинети од генерациски блиски автори, а тоа е нешто што – веќе објавив текст во „Стожер“ на оваа тема – подобро да се избегнува. За тоа треба усовршување на правилникот, од една страна, но треба и прием на нови членови во ДПМ, од друга, кои би биле членови на жири-комисии.
За наградените дела, исто така, сум задоволен. Романот на Ќорвезироска е омаж на Славко Јаневски; во збирката песни на Цветкоски на моменти провејува впечатлива ранливост, а освен тоа, Б. Ц. досега не бил добитник на „Ацо Шопов“; за Корнети сум среќен не само затоа што има раскошен талент, туку и затоа што е една од најновите и најмладите членки на ДПМ, по Ива Дамјановски; понатаму, тоа што Шелева, врвна критичарка, ја добива наградата „Димитар Митрев“ е како празник, а за Ахмет Селмани сум исто така среќен: имаме ново име лауреат на наградата „Мост“, а важно за ДПМ е да имаме што повеќе конкуренти за оваа награда.
Самиот настан на врачување на наградите помина одлично, во убава атмосфера. Настапите на Добрила Грашеска и Бранислав Николов, патем, секогаш се прослава на животот, но овојпат, во Друштвото на писателите, нивната енергија имаше дополнителна димензија.
Поминува и твојот мандат во ДПМ, кој некако имам впечаток дека пребрзо летна. Сметаш ли дека во овие две години, заедно со останатите членови на раководството, успеавте да направите некои поместувања кои ќе значат дека нема назад за Друштвото, кон зачмаениот имиџ што (со право!) долго го следеше?
Не би сакал да звучам нескромно, но мислам дека „поместувања“ не е сосем соодветен збор. : ) Затоа што, да се потсетиме, пред 1 јуни 2024 г. ние всушност немавме ни валиден Статут. Поточно, имавме „два Статута“. Немавме ни валиден, прочистен список на членови, не го знаевме точниот број на членови. Немавме контакти од голем дел од членството. Да не ја ни спомнуваме уреденоста на просториите на Друштвото, неговото присуство на друштвените мрежи, промоцијата на поранешните и на актуелните автори, работењето според нормативни акти… Значи, има сериозни поместувања. А во врска со враќањето назад… секогаш може да има враќање назад. За да нема враќање назад, потребни се љубопитни, храбри и дружељубиви лица со будна свест за колективно добро.
Во овие две години се чини како целиот твој живот да го посвети на ДПМ. Точен ли ми е впечатокот?
🙂 Не, не е точен впечатокот. Затоа што, на професионален план, во меѓувреме беа одбележани десет години постоење „Булевар Ослободување“, а од печат излезе и мојата збирка автобиографски раскази „Како сепија, со мастило правам место за себе во светот“. Веројатно можеше да се направи уште нешто за ДПМ и за „Булевар Ослободување“, но добар дел од животот беше посветен и на личниот свет: прво на сопатничката, а потоа и на семејството и на пријателите. И во Македонија, и во Грција.
Дали сметаш дека две години мандат на претседателот на Друштвото е малку? Дека за да се реализираат долгорочни проекти е потребен подолг континуитет, повеќе време?
Не, сметам дека две години се совршено долг период. Ние, со Управниот одбор, и покрај некои наши внатрешни несогласувања, кои отсекогаш постоеле и треба да постојат, за да се надминуваат, но и со соработката на целото членство, ги возобновивме темелите на Друштвото, а потоа воспоставивме, и продолжуваме да воспоставуваме, одредени позитивни пракси и начини на работа што и во иднина ќе се очекува да бидат одржувани. Две години, со можност за едно продолжување на мандатот, се навистина повеќе од доволен период. Порано, од основањето на ДПМ па сè до деведесеттите години, сите претседатели имале мандат по две години. Токму во периодот кога еден од претседателите решил да се кандидира за втор мандат, всушност настанала и шизмата, и било основано Друштвото на независни писатели, а потоа нештата продолжиле да се одвиваат не сосема убаво за ДПМ. Така што, за добро на сите, мандатот на претседателот треба да остане две години, со можност за уште две. Иако има случаи, кај некои земји во регионот, на пример, каде мандатот трае три години. Важно е мандатот да биде две години со цел да се избегне онаа позната, тажна состојба на „приватизирање“ на институцијата, каде една личност и/или една постојана група негови блиски приврзаници одлучуваат за сè, што лесно може да отвори прашања од типот на „*(не)подобност“, исклучување, итн.
Долго зборуваш дека грижата за Друштвото од страна на сите писатели е грижа за колективното добро и дека не смеат да се креваат раце од нешто што се градело 8 децении. Сметаш ли дека во изминативе две години, има промена кај писателите (и оние што се, и оние што не се во ДПМ) во однос на перцепцијата на ова прашање?
Перцепцијата се менува пред сè со промената на генерациите. Среќа што имаме и нови и млади автори што се слободни и отворени за искрено учество во Друштвото. Тие имаат и талент и енергија во себе, и таквиот однос треба да се негува, да се поттикнува. На оние нови и млади автор(к)и што имаат верба во заедништвото им следува и награда. И буквално: Хана Корнети и нејзината награда „Ванчо Николески“ е најдобар пример за тоа. Пример се и Симона Јованоска (членка на жири-комисија), а потоа и Драгана Лукан Николоски (финалистка за наградата „Стале Попов“), но и Александра Јуруковска, која не е нов член на ДПМ, но имаше верба во обновениот конкурс за наградата „Даница Ручигај“, па заслужено ја доби таа награда… Интересно: сè жени се добри примери. Да, тука би ја додал и професорката Шелева, која исто така имаше верба во процесот и ја доби наградата „Димитар Митрев“. Вербата секогаш се исплаќа. Буквално.
Да се вратиш наназад во времето – во однос на ДПМ, на твојата посветеност и ангажмани, на односите со луѓето, дали би сменил нешто?
Тешко прашање. Кога би имал можност пак да поминам низ сево ова, и кога би сакал „никого да не разочарам“, веројатно би можел да направам некои нешта поинаку, да се стремам да бидам поблизок со личности на позиции на моќ. Но, во тој случај постои веројатност човек да се разочара себеси и своите лични вредности: праведност, вистинољубивост, сеинклузивност, итн., а тоа би било најлошо, тоа би било погубно. Се обидувам да го правам она што сакам да го видам кај другите раководители на институции: непосредност во комуникацијата, присуство и на друштвените мрежи, учество во дискусии, па и коментари за омилената пита со компир во градот. Такви, обични нешта. Смешно-тажно ми е кога шефови и раководители се кријат зад директорските и претседателските позиции, претерано се соживуваат со нив, од нив прават штит, маска, па и личен идентитет, и остануваат такви, самодоволно затворени, умислени и недостапни, закрепостени зад позицијата на моќ како во средновековен замок – внатре во умот. Тоа е заблуда, материјал за психотерапија. Отвореноста кон можностите, радоста во заедништвото, комуникацијата: тоа е природниот тек на нештата.
Дали нешто конкретно би сменил: би се залагал да се потрудиме повеќе за да се стори нешто конкретно околу Газа и Палестина – најгорливото, најболното прашање денес. Некаков апел, став, или барем поетско читање. „Поетска интифада.“
Во претстојниот период ќе треба да има избори за ново раководство на ДПМ. Што и како понатаму?
На крајот на март би требало да имаме редовно изборно Собрание. Треба да се избере нов Управен одбор. Којзнае – можеби и нов претседател. 🙂 Во секој случај, најважно за Друштвото е да продолжи да биде беспрекорно инклузивно. Во најгрдото сценарио, нештата можат брзо и на општа штета да се искомплицираат ако се појават обиди за какво било исклучување (од мејлинг листата, на пример). Но, верувам дека поголеми се шансите нештата да продолжат во истата насока во која веќе се движат: да бидеме инклузивен и отворени – не само кон нашето членство, туку и кон странските (Друштва на) писатели, кон другите земји, книжевности и култури. Тоа треба да е, во суштина, еден од првичните ангажмани на Друштвото, а не (само) организирањето промоции на дела на членови. Во секој случај, Друштвото може да живурка, да преживува, или да живее со полни гради. Повторно тоа ќе зависи од нашата верба во Друштвото. По петти пат го спомнувам овој збор, *верба*, но тоа е тоа: ако веруваме во Друштвото, и во заедништвото, што значи: ако веруваме во себе и во способноста маѓусебно да си ја укрепуваме љубовта – кон книжевноста, кон уметноста, кон светот – тоа повеќекратно ќе ни се оддолжи.
Фотографија: Наташа Атанасова
Наташа Атанасова
...
