Книжевен гоБЛЕН

YES за вмрежување на „секторот книга“!

Од идеја за извештај од конференцијата на издавачи од проектот YES – „Млади европски приказни“ во Охрид до заклучок: Вмрежувањето е единствен начин за опстојување на книжевната фела.

Пишува: Билјана Црвенковска, писателка и уредничка во „Чудна шума“


Пред неколку години, во екот на пандемијата, на еден онлајн семинар за европски издавачи во организација на издавачката куќа „Гога“ од Словенија, раководителката на словенечкиот деск на програмата Креативна Европа го посвети своето излагање на можеби најсуштинската работа за целата европска книжевна фела: „Доколку целиот сектор книга – а на ова мислам не само на издавачите, туку и на книжарниците, библиотеките, агентите, преведувачите, авторите, уредниците… – не се вмрежи, не само во рамките на една земја, туку и меѓу државите, тој едноставно нема да опстане. Никој веќе не може да живее од продажбата на книгите. Единствен начин да се опстане и да се опстојува е посериозно вмрежување на сите чинители“.

Овие зборови се единственото нешто што го помнам од тој семинар. Иако веројатно бев свесна дека „секторот книга“ е на раб на егзистенција, сметав дека тоа е случај само кај нас (или во нашиот регион), а не во светски рамки. Но, како што минуваше времето и следуваше постпандемиската депресија, инфлацијата, зголемувањето на цените (на сѐ освен на книгите, нели?), војната во Украина, несигурноста во Европа, превирањата и промените, сфаќав дека навистина се работи за поголем проблем кој станува реалност и во „големите“ земји со „големи“ јазици кои дотогаш немале потреба да го посветуваат половина од своето време како издавачи во пишување на апликации за проекти и фондови за поддршка на превод и издавање, туку комотно си живееле од продажбата на нивните изданија. И овде, се разбира, не зборувам за големите комерцијални издавачи што продуцираат сѐ и сешто од шунд до шарени тефтерчиња, туку за оние кои се занимаваат со издавање на квалитетни наслови – книжевна проза, поезија, квалитетни и наградувани дела за деца и млади и слично.

Да, сакав да најдам решение на мојот проблем како мал издавач на раб на егзистенција. Решение кое би било подолгорочно, креативно и кое ќе ми овозможи да се вмрежам за да опстанам. Прашањето беше – како, со кого, и на кој начин? Кому да пристапам? Што можам да направам? И како да најдам вистински партнери?

(Јана Генова, една прекрасна личност од софиската културна сцена, жената која стои зад „Куќата за литература и преводи“ во Софија и зад Next Page Foundation, ми имаше кажано: „Не треба да бараш партнери. Треба да бараш добри партнери, некои што ќе ја вршат работата добро, квалитетно и исполнително. А знаејќи те тебе, како размислуваш, како работиш и какви критериуми имаш, нема да ти биде лесно да ги најдеш.“)

Сепак, некако, како во книга, коцките се склопија сами од себе.

Да станеш партнер и да бараш партнери

Првиот чекор се случи кога мојата пријателка Весна Капуран од издавачката куќа „Одисеја“ од Србија ми пиша: „Билјана, правиме еден заеднички проект со „Ибис графика“ од Хрватска, тие бараат и издавач од Македонија и јас те предложив тебе. Дали би сакала да учествуваш?“ Кога видов за каков проект се работи, веднаш прифатив и тоа беше зачеток на една прекрасна приказна која потоа се разви во долгорочно партнерство (а понатаму и пријателство) со „Одисеја“ од Србија, „Ибис графика“ од Хрватска, а во подоцнежната фаза и со „Содобност“ од Словенија. Почнавме да работиме на повеќе заеднички проекти, да развиваме заеднички стратегии, да разменуваме искуства и заемно да си помагаме.

Кога почнав да размислувам за наш сопствен проект (чиј лидер би биле ние, а би вклучиле неколку партнери), веднаш се поврзавме со „Одисеја“ и „Ибис графика“, и откако им ја образложивме нашата идеја, тие радо прифатија да се вклучат во проектот. Сепак, имав потреба да вклучам повеќе партнери и да „вмрежам“ повеќе учесници. И тогаш се сетив на уште еден момент од почетокот на пандемијата…

Во септември 2021 година бев гостинка на фестивалот „Интерлезе“ (Interlese) во Хале, Германија. Кога, по препорака на мојата пријателка Снежана Стојчевска, организаторите ме контактираа да бидам гостинка на фестивалот, побараа да им пратам некои мои книги за деца и млади. Беа предвидени читања во неколку основни училишта и работилници со децата, па сакаа да видат со што би можела да се претставам. Преведувачката од македонски на германски, Корнелија Маркс, беше воодушевена од илустрираниот роман „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ (со илустрации на Нита Муча), па реши да го преведе целиот и да читаме делови од него во училиштата. Така и се случи и читањата поминаа онака како што би посакувал секој писател за деца – со одлични реакции од децата и многу прашања – меѓу кои и прашањето – кога и каде ќе може да се купи книгата. На крајот од фестивалот, Корнелија ми спомна дека еден од најдобрите издавачи во Хале, „Мителдојчер ферлаг“, е заинтересиран да ја издаде мојата книга и да очекувам дека ќе ме контактира. Веста беше прекрасна и со нетрпение ја очекував неговата порака.

Но, по враќањето во Скопје, набрзо следуваше првиот „ладен туш“.

Ако не прашаш, како мислиш дека ќе добиеш нешто?

Цените на хартијата (а со тоа и на печатењето) почнаа вртоглаво да растат. Печатниците не можеа да гарантираат иста цена повеќе од десетина дена (или преку сила две недели). Нашите партнери од Хрватска и Србија се јавуваа да прашуваат дали истото се случува и кај нас – и да, истото се случуваше секаде. Издаваштвото (или „секторот книга“) беше во сериозна криза. Тогаш стигна и пораката од Роман (главниот уредник во „Мителдојчер ферлаг“). Пораката велеше дека, и покрај тоа што многу би сакал да ја издаде „Sвезда Мрак“, во моментот тоа е едноставно невозможно поради големите цени за печатење. Не му одговорив веднаш. Не знаев што да одговорам. Сите бевме во истата каша.

Но, кога решив да аплицирам за нашиот проект, ми текна на него и на нашата кратка комуникација. Можеби тој би сакал да се „вмрежи“ со нас? Размислував што и како да му пишам. На еден интроверт му е тешко да комуницира за многу работи, а најтешко му е кога треба нешто да побара, замоли, праша… Како да го поставам прашањето? Како да му пријдам? Си ја чукав главата со денови, за потоа да се сетам на книгата „Умешноста на прашувањето“ (The Art of Asking) на „краудфандинг“ пионерката, рокерката, уметницата, феминистката и една од моите омилени личности, Аманда Палмер. Ако не прашаш, како мислиш дека ќе добиеш нешто? Срамот е најголемата кочница.

И нормално, се пресрамив и прашав. Роман веднаш прифати и така имавме уште еден партнер. Потоа ни се придружи и Ника Гавровска од „Гаврош“, како мој чест „partner in crime“ на македонската издавачка сцена (од делење штанд на Саем на книга, заеднички работилници, па сѐ до заеднички погледи на тоа во кој правец треба да се движи издаваштвото и книжевноста – особено онаа за деца и млади – во Македонија).

YES за Yоung European Stories, YES за вмрежување

И така се случи YES (Yоung European Stories – Млади европски приказни), проект за превод и циркулација на книжевни дела воден од „Чудна шума“, каде партнери-издавачи се „Мителдојчер ферлаг“ од Германија, „Ибис графика“ од Хрватска, „Одисеја“ од Србија и издавачката куќа „Гаврош“ од Македонија, а е ко-финансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и потпомогнат од Министерството за култура. Во рамки на проектот, покрај преводот, издавањето, промоцијата и циркулацијата на книжевни дела, се реализираа и две конференции на издавачите – партнери во проектот. Конференциите се одржаа во Охрид – едната во август 2023 и другата во септември 2024 година, а целта беше да се споделат искуства, да се разговара за предизвиците со кои се соочуваат помалите, квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за понатамошно вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина. Посебен акцент на конференциите се стави на можностите за превод на квалитетни дела од помали јазици на поголемите книжевни пазари, како Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија…

Конференциите беа и повеќе од успешни. Не само затоа што нашите партнерства се проширија и утврдија, не само затоа што преминаа во пријателства, туку и затоа што, и покрај тоа што не најдовме одговор за сите наши проблеми и предизвици, научивме многу работи едни од други.

Дел од нас успеале со многу мака да се изборат и да се пробијат. Некои од нас ги чека поголема борба. За разлика од Германија и Хрватска, каде што книгите ги откупуваат речиси сите библиотеки – градските, училишните, средношколските – во Македонија и Србија мораме многу да работиме за да ги смениме нештата. Библиотеките немаат буџети за откуп на книги (особено училишните библиотеки) или буџетот се троши за нешто друго. Цените на книгите во книжарниците се многу ниски, иако ги плаќаме (буквално) истите цени за печатење.

Но, ако сите чинители во „Секторот книга“ во секоја земја се вмрежат, може да се изнајде решение и за овие проблеми. Ако некој ме праша дали тој пат е лесен за изодување, од прва ќе речам – „А да се вратиме назад?“. Но, потоа веднаш ми доаѓа пред очи сликата на Аманда Палмер со транспарент во рацете (честа слика – таа постојано се бори против неправдите во светот) и си велам: „Не, нема враќање назад. Не сега, не повеќе. Не кога знам дека ме чека уште многу работа, нови проекти на повидок, нови партнерства, нови вмрежувања, нови, прекрасни книги што мора да бидат прочитани, видени, откриени…“

 


Фотографија од Билјана Црвенковска: Наташа Гелева

Што мислиш ти?