Враќање кон изворите на потиснатата женска природа
Пишува: Елизабета Баковска, преведувачка, писателка и книжевна теоретичарка
Некаде во текот на летото 2023 година, ми се обрати Жарко Кујунџиски од Антолог со прашање дали би се нафатила за нив да ја преведам „Жените што трчаат со волците“. Книгата веќе ја имав прочитано, откако ја добив како подарок од блиска пријателка во 2021 година, при крајот на оној долг, мачен и надреален пандемиски период. Затоа бев сосема свесна за големината на предизвикот што стоеше пред мене. Но, токму и поради тоа што ја имав прочитано книгата, бев свесна и за нејзината големина и значење, па прифатив речиси без двоумење.
„Жените што трчаат со волците“ е дел од еден поширок феминистички канон. Прилично е тешко попрецизно да се вкалапи и да се дефинира, зашто функционира како своевиден хибрид на феминистичка антропологија, етнологија и психоанализа. Првпат издадена во 1992 година, книгата цели 144 недели била на листата на бестселери на Њујорк тајмс, а досега е преведена на четириесетина јазици. Како што стои и на кориците на македонското издание, нејзината авторка „користи богати интеркултурни митови, бајки и приказни, со цел да им помогне на жените повторно да се поврзат со својата инстинктивна природа. Преку приказните и коментарите на авторката се истражува, се анализира и се објаснува митот за Дивата Жена и се создава нов лексикон за опишување на женската психа. Авторката верува дека здравјето, среќата и целоста на жената зависат од нејзиното враќање кон изворите на нејзината потисната природа, и ова го објаснува врз основа на интерпретација на значењето на некои традиционални приказни од северноамериканскиот, јужноамериканскиот и од европскиот фолклор.“
Комплексноста на книгата секако е во симбиоза и со биографијата на авторката. Имено, Клариса Пинкола Естес по професија пред сè е психоаналитичар, специјалист за посттрауматски состојби. Во својата работа се среќавала со луѓе што преживеале војни, егзил и тортура. Родена во семејство со домородно американско и мексиканско етничко потекло (самата вели дека потекнува од страсна мексиканско-шпанска лоза), расте усвоена од имигрантско семејство со претежно унгарско потекло. Кажува дека нејзините семејства не умееле да читаат или да пишуваат и дека англискиот јазик им бил втор или трет јазик што го научиле покрај мајчините јазици. Затоа, голем дел од своето шаренолико културно наследство го наоѓа во усната традиција на древните митови и приказни, песни и напеви, танци и древни исцелителски методи. Естес пишува и поезија, па често во книгава е автореференцијална, осврнувајќи се на сопствените стихови, аудио записи и цитати од својата перформативна уметност.
Како што кажува и поднасловот на книгата („Митови и приказни за архетипот на дивата жена“), авторката раскажува (за нас) повеќе или помалку познати митови и приказни во кои жената е главен протагонист и ги анализира наспроти посебни аспекти на женското искуство — врските, креативноста, лутината, спиритуалноста, припаѓањето итн. Како психоаналитичар, во поговорот на книгата Естес се осврнува на терапевтската функција на приказните, надоврзувајќи се така и на традиционалните начини на прекугенерациско пренесување на женската историја и искуство. Нејзината основна теза е дека во секоја жена постои диво и природно суштество, моќна сила исполнета со позитивни инстинкти, страсна креативност и безвремено знаење, т.е. она што таа го нарекува архетип на Дивата Жена. Како жени, ние се раѓаме со дарбите на дивата природа, но општествата во кои живееме нè „цивилизираат“ преку ограничување во крути улоги, во отуѓеност од сопствената суштина, па така и од способноста за исполнетост и среќа. Целта на раскажувањето, и уште повеќе, на интерпретирањето на раскажаните приказни, е жената да се разбере себеси и да се ослободи од овие ограничувања. „Приказните се лек… Имаат таква моќ, не бараат да правиме, да бидеме или да дејствуваме поинаку – треба само да слушаме. Во приказните се наоѓаат лековите за поправање или за враќање на сета изгубена психичка сила,“ вели авторката.
„Жените што трчаат со волците“ всушност во себе го содржи најдоброто и најсуштинското од она што традиционално, во феминистичката книжевна теорија, се смета за женско писмо. Така, таа во голем дел се потпира на усната традиција на жените-раскажувачи како наративен пристап, па на моменти се чини дека напишаното е повеќе мелодија отколку ортографија, т.е. дека повеќе се слуша отколку што се чита. Од друга страна, тука е и препрочитувањето и анализирањето на митовите и легендите, како и реобмислувањето на нивните примарни, најчесто бинарни концепти: доброто наспроти лошото, љубовта наспроти омразата, убавото наспроти грдото. Конечно, во оваа книга се деконструира и самото разбирање за тоа како треба да изгледа еден научен труд, зашто Естес не се воздржува во сувопарната објективност одново и одново да внесува навидум субјективни тврдења и заклучоци базирани на лична емпирија набиена со емотивен полнеж. Како што вели и самата: „Делото е намерно напишано како мешавина на академскиот глас преку мојата обука како психоаналитичар, и, подеднакво на него, со гласот на традициите на исцелување и напорна работа што го покажуваат моето етничко потекло…“
Како што напишав на почетокот, книгава за првпат ја прочитав при крајот на пандемиската ера во нашето живеење. За мене, а верувам и за многу други нејзини читател(к)и, во тој (и лично и колективно) физички и емотивно исцрпувачки период, оваа книга беше особено важна. Таа ми беше своевидно сидро што, како што ја читав, секогаш повторно ме поврзуваше со себеси, ме стабилизираше и ме облагородуваше наспроти баналноста и апсурдноста на секојдневните грижи. Некаде на самиот почеток на книгата Естес јасно го идентификува бремето што нам како жени ни го носи современото живеење и вели дека „модерната жена е во магла од активности. Таа е под притисок да им биде сè на сите.“ Под тој притисок, трудејќи се да ги исполниме општествените, друштвените или семејните очекувања, ние всушност постојано се забораваме себеси и своите вистински, длабоки потреби и желби. Едно од за мене омилените места во книгата е кога авторката опишува еден свој сон: додека раскажува, во сонот сфаќа дека стои на рамената на старица која ја држи за глуждовите и ѝ се насмевнува. Старицата стои на рамената на друга постара жена, оваа пак на рамената на друга и така до недоглед. „Негувањето на раскажувањето приказни доаѓа од моќта и завештанието на моите блиски што заминале пред мене,“ вели Естес, толкувајќи го сонот и додава дека приказната е многу постара и од уметноста и од психологијата како наука. Овој нејзин сон и овој нејзин заклучок за мене беа и се особено важни и во мојот личен пристап кон раскажувањето приказни, зашто (уште еднаш) ме потсетуваат дека приказните ги создаваме од материјата на личните и колективните сеќавања, а не од ништото на заборавот. Затоа, за жените (или, особено за жените!) губењето на приказните е најдлабоката болка, а нивното повторно наоѓање е најмоќниот лек.
Преводот на оваа книга, како што споменав на почетокот, беше еден од најголемите предизвици во мојата преведувачка работа досега. Бидејќи и самата авторка вели дека делото е пишувано полека, во текот на подолг период, па бара и читателот да не брза со читањето, сметав дека и јас не треба да брзам со преводот. Го работев најдолго што можев да си дозволам — една година, го преведував, паузирав, се враќав, продолжував и пак паузирав. Дури и овој период од една година, со оглед на комплексноста и обемот на делото, е прекраток за да „се заборави“ оригиналот, а преводот да се погледне од аспект на тоа како функционира на јазикот на кој е преведен, т.е. на македонски, но секој преведувач знае дека борбата се води не само со преводот, туку и со роковите. Се трудев во преводот да го внесам она што сум го научила досега, и преку сопственото раскажувачко искуство и преку проучувањето на феминистичката теорија и така на македонските читатели да ја им приближам убавината на оваа книга. Се надевам дека успеав во тоа.
Фотографија во гоблен: Сашо Димоски