Шкртки

Во потрага по искусеното време

(осврт кон книгата „Годините“ од Ани Ерно; превод од француски: Андријана Папиќ Манчева; издавач: „Илика“, 2025 г.)

Интимното за мене е секогаш општествено, бидејќи некакво чисто јас, лишено од другите, на страна од законите и историјата, не може да се замисли.
– Ани Ерно

Ани Ерно беше прогласена за добитничка на Нобеловата награда за литература на 6 октомври 2022 година. На 23 октомври бев на Саемот на книгата во Белград и таму веднаш – преведена на српски „Запоседнатост“. Дотогаш немав читано ништо од неа, па нормално дека возбудено ја земав и брзо ја прочитав. Ненормално искрената исповед на Ерно, која почнува со реченицата Отсекогаш сакав да пишувам како да ќе бидам отсутна кога ќе се појави текстот, за тоа како се чувствувала во однос на другата жена со која се гледа нејзиниот поранешен партнер, кого таа го напуштила не сакајќи да ја жртвува својата слобода, ме зарази.

Ја заследив издавачката куќа „Штрик“ на социјалните мрежи и по некое време, кога излезе од печат „Една жена“, ја нарачав на пријатели да ми ја донесат. Мајка ми почина на 5 декември 2022, а книгава посветена на нејзината мајка, сум ја добила на 31 јануари 2023. Тие што ја знаат содржината, можат да го замислат дејството што го имаше врз мене. Како тресната од земја, сакав да го задржам тоа чувство на неимоверна книжевна сила која се појавува во вистинско време и престанав да ги следам новите книги што во следните месеци се појавуваа на српски.

Требаше да помине повеќе од една година и да се појави првиот превод на Ерно на македонски, за да ја земам повторно в раце. „Девојчински спомени“ ја читав во март 2024 и ова искрено и храбро отворање во врска со бурното и трауматично девојчинско раѓање и доживување на сопствената сексуалност го препорачував на која жена и да стигнев.

И еве нѐ уште година и некој месец потоа, во август 2025, со нова книга на македонски – „Годините“, книгата која Ани Ерно ја објавила во 2008 година, кога имала 68 години, кои успеала да ги спакува во неа на начин што ќе направи таа да биде прогласувана за нејзино најголемо и најзначајно дело. И книгата што ме натера да исчитам сè од неа што успеав да најдам.

Низ сликите и зборовите на годините

Во „Годините“ влегов како со главечки скок во непозната река. Првичниот контакт беше со бран навидум рандом слики од различни фази од животот на Ерно и плисок од список на разни видови зборови. Нурнувам во нејзините сеќавања, обземена од свежината на сликите, вистински или измислени, сликите што нè следат во сон и од бистрината на зборовите, што ни користеа за да воведеме ред во светот (…), зборови од кои срцето биеше, а вагината се влажнеше. Поради силината со која пропаѓам доаѓа и стравот од близината на дното, додека читам дека еден ден:

Сè ќе се избрише во една секунда. Ќе исчезне речникот на зборови собирани од првиот плач до последниот здив. Ќе има само тишина и ќе нема ниту еден збор за да ја искаже. Од отворената уста ништо не ќе излегува. (…) Јазикот и натаму ќе го преточува светот во зборови. Во муабетите на празничната трпеза ќе бидеш само име, сè повеќе и повеќе обезличена, сè дури не исчезнеш во безименоста на една далечна гене­рација.

И потоа вртам нова страница и испливувам на површина. Време е за нежно пливање – спротиводно.

Со линеарна нарација, на малку повеќе од двесте страници, Ани Ерно нè води низ најзначајните сеќавања од својот живот. Во тоа ѝ помагаат личните фотографии, паметници за времињата и контекстите во кои се направени, при што додека ги опишува пишува во трето лице – тоа секако веќе не е таа самата, тоа се некои други девојче, девојка и жена, од друго време, со други размислувања, соништа, копнежи, стравови… Но, штом избликнува потребата да ги анализира сеќавањата, таа се префрла на второ лице еднина влегувајќи во дијалог со третото лице кое му припаѓа на минатото, небаре во тој момент, за момент, ја оживува таа јас од тоа време и место и чувствува потреба лично да ѝ се обрати.

Со хируршки прецизни зборови, без сентименталности и без никакви табуа, Ерно го става минатото под скенер и прави една голема панорама на реалноста на живеењето на шесте децении – од 40-тите години на 20. век до 2000-тите години. Притоа, таа не зборува за индивидуалното специфично, колку што зборува за индивидуалното општо, за тоа што смета дека ѝ било заедничко со мноштво луѓе од нејзината генерација, така што нуди една историја на лично-колективна шестдецениска перцепција на светот.

Призми на искусување на светот

Она што при почетното нурнување личеше на збир рандом сеќавања, се покажува дека биле само воведни тематски нишки во областите за кои се интересира Ерно во своето пишување:

  • Женските искуства, родовите односи и сексуалноста. Од времињата кога машките и женските растат целосно одвоени, до времињата кога тие се постојано заедно; од третманот на абортусот како најголем грев и присиленоста да се прави на кујнска маса до неговото правно и морално нормализирање; од извлекувањето на телото кое е под целосна контрола на католичката црква до неговото идеализирање од страна на индустријалците; за краткиот век на спокојството од стравот од бременост до стравот од ХИВ…
  • Семејните односи. Од идеалот на девојките за создавање семејство до воочувањето дека „семејниот проект“ ги јаде; од семејните вечери на кои жените со почит слушаат за машката војна и родителите стравуваат дека современите писатели ги расипуваат децата (кога таа е дете), до трептежот дека технологијата ќе ги расипе младите генерации (кога таа е мајка).
  • Човекот како zoon politikon. Од водењето војни против злото (фашизмот) и борби против сите општествени неправди, до измореноста, летаргијата и апатијата; од жестокоста на револуцијата од ’68 до претворањето на изборите во спектакл и помирувањето со изборот на помалото зло (Беше далеку подобро да се живее без никакви очекувања од левицата отколку да се биде во постојан бес под десницата); од живеењето со грубоста на сиромаштијата (во 40-тите) до станување дел од општеството на разонодата (во 50-тите), влегување во радоста на рутината на 60-тите, па во потрошувачкото општество во 70-тите, издишаниот обид за нова револуција на 80-тите („’68-ма ја надраснавме, за ’86-та дораснавме“), чувствувањето на пулсот на растењето на рамнодушноста во 90-тите и потребата од непрестано надградување и технолошката зависност што ја создаваат 2000-тите. И сето тоа додека војните во светот си продолжуваат по својот тек.
  • Динамиките на моќта и нееднаквоста Сега знаевме дека сето она што го имавме не беше доволно за среќа. Но тоа не беше причина да се откажеме од нештата. А тоа што некои луѓе беа лишени, „исклучени“, очигледно беше цената што требаше да се плати, неопходна квота на жртвувани животи за мнозинството да може и натаму да ужива.
  • Медиуми и пропаганда. Минати времиња на огромно влијание на телевизијата, кога за вистинито се признаваше само она што се прикажуваше на телевизија; сè уште неизминати времиња во кои рекламите нè учеа како треба да живееме, да се однесуваме и да го опремуваме домот.

За менливоста и минливоста

Копајќи низ сеќавањата кои го отсликуваат текот на историското време, промената на нештата, идеите, обичаите и интимноста, Ерно по трагите на Пруст трага по искусеното, заминато време. Клучните зборови во оваа книга (сеќавања, минато, иднина, желби, очекувања, стравови, борби, војни, смрт, години, срам, рамнодушност, љубов, слобода, измореност, зборови, јазик, заборав…) се клучните зборови и на животот – личниот, но и колективниот, па како што Светлана Алексиевич ја пишува својата парадоксална нефикциска фикција, така Ани Ерно ја пишува својата нелична биографија.

Со „Годините“ Ерно нè соочува со менливоста на нештата, која понекогаш вистински ја сведочиме, а понекогаш е само привид, (Немаше прецизен назив за впечатокот дека истовремено стагнираме и се менуваме), пишувајќи ѝ пркосно писмо на минливоста. Затоа што, само со одржување во живот на сеќавањата и нивно постојано согледување од нова, сегашна перспектива имаме можност да го продлабочиме себеспознавањето и да го воочиме нашето место во светот, да се соочиме со неизвесноста на постоењето и да прифатиме дека сме минливи, дека нашите слики и зборови еден ден ќе ги снема како што ги снемува на генерациите пред нас, но и да ни биде полесно знаејќи дека постојат успешни обиди да се сочува нешто од времето во кое веќе никогаш нема да бидеме, како што и е оваа книга.


Овој осврт е напишан со финансиска поддршка од издавачката куќа „Илика“.

Наташа Атанасова

...

Leave a comment