Муабетења

Викторија Патрашку: Имагинацијата може сите да нè спаси

Викторија Патрашку е една од најпознатите современи писатели за деца во Романија. Таа има напишано повеќе од дваесет книги за деца, а пишува и драми за деца. Патрашку е една од основачите на Романската асоцијација на писатели за деца и млади.

Нејзината сликовница „Беззборовната Ела“ во 2016 година е вклучена во престижната листа White Raven’s, а минатата година беше преведена на македонски. Ова е приказна за едно невербално девојче, во чиј свет имагинацијата има многу важно место и за кое зборовите имаат сосема поинаква моќ. Книгата, за којашто веќе пишував тука, беше повод за ова интервју со нејзината авторка.

Со какви приказни растевте како дете? И колку сметате дека книгите од детството имаат улога во нашето обликување како луѓе?

Јас бев среќно дете. Бев родена во дом со библиотека. Всушност, целата куќа беше една голема библиотека и имаше книги насекаде: во детската соба, во кујната, па дури и во бањата. Пораснав опкружена со возрасни (моите родители и моите баба и дедо беа наставници) кои сакаа да читаат и кои ни ја пренесоа таа страст мене и на моите браќа и сестри. За секој празник, за нашите родендени, за Божиќ или за Велигден, ние добивавме книги како подарок. Возрасните ни читаа на глас, а си читавме и сами. Рано почнав да читам, уште пред да тргнам на училиште. Читав сè што ќе ми паднеше в раце, приказни од романската книжевност, но и од целиот свет. И особено сакав илустрирани книги. Потонував во нив со часови, па ги разгледував деталите во цртежите, откривајќи работи кои ги немаше во текстот и мојата имагинација цутеше. Сè уште се сеќавам на летачките мајмуни од Волшебникот од Оз, нацртани од познатиот романски илустратор Јакоб Дезидериу, и сè уште ги знам на памет стиховите од Аполодор на поетот Гелу Наум, прекрасно раскажана поема за пингвинот кој заминува од циркусот во Букурешт во потрага по неговите браќа, сите на пат кон Лабрадор.

Многу им должам на книгите што сум ги читала како дете. Тие ми беа прозорци кон светот и огледала во мене. Можам да кажам дека научив повеќе од книгите што ги читав отколку што ме научија на училиште. А на една книга ѝ должам особено многу. Тоа е Ветер на месечината од Ерик Линклејтер, која ја има добиено наградата „Карнеги медал“, а којашто си ја купив од една продавница за книги на старо. Ја голтав. Не сакав да заврши. И, за жал, последните дваесетина страници од книгата ги немаше! Така што, со години ѝ измислував краеви на приказната. Успеав да ја набавам книгата на англиски кога имав 30 години и можам да кажам дека имав напишано подобри краеви од авторот. Мислам дека на оваа книга ѝ должам што станав писателка за деца.

Кога сме мали родителите ни читаат на глас, кога ќе научиме да читаме некое време им читаме ние нив сè додека не почнеме да читаме добро и потоа тоа престанува. Дали гледате посебна магија во читањето на глас во однос на читањето во памет?

Навистина ми се допаѓа ова прашање. Вистински верувам дека читањето на глас е магично, без разлика дали се случува дома, на училиште или во јавен простор. Мислам дека има нешто древно што одекнува во нас кога си раскажуваме едни на други приказни. Да не заборавиме дека многу векови пред да се појави печатењето, човештвото го пренесувало знаењето преку приказните. Кога си читаме едни на други не само што пренесуваме информации, туку и си подаруваме едни на други време и блискост.

Многу ми читаа како дете. И моите баба и дедо, и моите родители. И освен приказните кои останаа со мене, она што трае засекогаш е љубовта и сигурноста што ми ги даваа возрасните преку читањето. И не ми читаа само тие мене. Во нашето семејство, и подоцна си читавме едни на други. Си ги читавме омилените извадоци, си ги читавме песните што сме ги откриле, остануваме будни до доцна опкружени со книгите. Го преживеавме комунизмот благодарение на книжевноста.

Се обидов да ја изградам оваа магија на читањето гласно и за мојата ќерка Теодора. Ѝ читав од многу мала и на прсти можам да ги избројам вечерите кога не сум ѝ читала. А кога таа научи да чита, ги делевме страниците – една јас, една таа и уживавме во друштвото една со друга.

„Беззборовната Ела“, сликовницата која минатата година се појави во превод на македонски, е книга која, меѓу другото, зборува за моќта на зборовите. Колку како луѓе свесно учиме за таа моќ, а колку уште од најмала возраст, интуитивно ја разбираме?

Не знам како е кај другите, но јас ја открив моќта на зборовите како многу мала. Бев љубопитна за нивната форма, за тоа како се пишуваат, како буквите беа распоредени во еден збор, за нивниот звук. Се сеќавам како една вечер, кога мислам дека имав пет години, читав на глас. Мајка ми читаше до мене. Ме замоли да почнам да читам во себе. Не ми беше јасно што сакаше. Не ми беше замисливо дека зборовите може да имаат живот надвор од говорот. Како и да е, ја затворив устата и зборовите продолжија да постојат иако не беа изговорени. За мене тоа беше чудесно.

Дополнително, открив дека моите зборови имаат влијание врз моите другари. Им раскажував приказни. Во поголемиот дел од тие приказни јас бев главниот лик. Бесрамно лажев. Им кажував дека не сум ќерка на моите родители, дека пирати ме киднапирале од далечен остров и ме донеле во малиот град каде што живеевме во тоа време. Моите другари слушаа со отворена уста, фасцинирани, а јас уживав во вниманието. За жал, не траеше долго. Баба ми ќе дојдеше да ме прибере за вечера и секогаш им ја кажуваше вистината на другарите, кршејќи ја магијата што толку напорно ја создавав.

Сликовницата се занимава и со темата на тоа да се биде поинаков – наспроти или без оглед на неприфаќањето од страна на околината и на светот. Дали сметате дека треба да се работи на поголема свесност за почитување на поинаквите кај родителите и кај децата?

Секако. Лично, не мислам дека има табу-теми кои не треба да се третираат во книгите за деца. Но, мислам дека многу е важен начинот на кој ќе изберете да ја раскажете приказната. Во Романија има многу родители кои се плашат од тажни приказни; сакаат сите приказни за деца да имаат среќен крај, да нема конфликти меѓу ликовите и навреди. Но, забораваат дека децата имаат очи и уши; тие гледаат и слушаат што се случува околу нив и понекогаш го разбираат светот многу подобро од возрасните. Сите ние сме различни, многу е тешко да се дефинира нормалноста, но оние кои се вистински отфрлени од општеството или на кои се гледа одозгора во нивните заедници, имаат можност да се препознаат и да најдат утеха во приказна која зборува за нив. И повеќе не чувствуваат дека се сами. Затоа е важно за писателите да најдат храброст да ги раскажат нивните приказни. Какви приказни можете да им раскажувате на деца кои виделе војна, како што се децата кои се доселија во Романија од Украина? Или какви приказни да им раскажуваме на Ромчињата, за кои пишував во две мои книги, но кои продолжуваат да бидат дискриминирани и кои немаа приказни за нив сè до пред десет години?

Откако ја објавив Беззборовната Ела, добив пораки од многу родители кои имаат невербални деца, кои ми кажуваа колку утеха им донела оваа приказна и дека никогаш не помислувале дека попреченоста на нивното дете може да крие светла искра, која сè уште не успеале да ја сфатат. Ако мојата приказна ги има допрено само овие луѓе, и тоа ми е доволно.

На Фејсбук пред некој ден напишавте дека ова е Вашата најинтимна приказна. Зошто?

Ова е приказна која најмногу зборува за мене и за вредностите во коишто верувам, за фактот дека повеќе не им придаваме значење на зборовите, кои всушност го обликуваат нашиот свет. Не се кажува често „Во почеток беше Словото, и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог“. Верувам дека распаѓањето на јазикот, шумот околу нас, каде што сите зборуваат а никој не слуша, полека го уништува нашиот реален свет. Повеќе не знаеме како соодветно да ги именуваме работите, го имаме намалено речникот на 200 зборови и тоа ни оневозможува да ги забележуваме нијансите. Нашето искуство го перципираме како црно или бело, без ништо измеѓу. Толку сум тажна што зборовите умираат и што смртта на зборовите води кон исчезнување на работите што тие ги именувале. Секојпат кога некој збор ќе исчезне плачам. Сега пишувам роман за деца кој се вика Пештерата на загубените зборови. Тоа е место каде што живеат сите зборови што сме ги убиле бидејќи не сме ги користеле или сме ги замениле со други, каде што живеат и сите јазици кои никој повеќе не ги зборува. Со исчезнувањето на зборовите, исчезнува и имагинацијата. Имагинацијата што ја спаси Ела. Имагинацијата што може сите да нè спаси. Имагинацијата со која се прават соништа на децата од незамисливи работи. Без имагинација, само ќе ги копираме и повторуваме истите приказни одново и одново. Искрено, не би сакала да живеам во таков свет.

„Беззборовната Ела“ во 2016 година се најде во престижниот каталог на книги за деца „White Ravens“. Што Ви донесе ова признание – Вам, а и на книгата?

Ништо особено. Книжевноста за деца останува книжевност од втор ранг во Романија. Културните институции не ја промовираат книжевноста за деца. И има само неколкумина книжевни агенти, кои се многу позаинтересирани да донесат странска книжевност во Романија отколку да ја продаваат романската во други земји. За среќа, Беззборовната Ела си го најде својот пат. Преведена е на турски и на македонски, а веќе се договара и преводот на унгарски.

За крај, дали сметате дека како човештво доволно се грижиме за децата?

Посакував ова да не беше последното прашање од интервјуто за да не завршиме со кисел муабет. За жал, не, мислам дека не знаеме повеќе како да се грижиме за децата. Исто така, верувам дека денешните деца се крајно вознемирени и преоптоварени. Има деца кои се изложени на стимуланси од сите страни. Сите се борат за нивното внимание. Сите сакаат да ги убедат да консумираат нешто – од слатки, играчки, облека, цртани филмови, видео игри. Да станат консументи. Не знам како е во Македонија, но во Романија децата се под постојан притисок. Како прво, нивното детство трае многу кратко, се очекува да пораснат колку што е можно побрзо. Никој веќе не е трпелив. А институциите кои традиционално се грижеа за нивната добросостојба се хаос. За жал, училиштата не држат чекор со времето, со технологијата, со светот што е преобликуван. Не успеаја да се реформираат и станаа, според мене, нерелевантни институции. И семејството одамна престана да биде засолниште, безбеден простор. Бабите и дедовците повеќе не се вклучени во играта или во одгледувањето на децата. Повеќето родители се многу зафатени, анксиозни, бесни или депресивни, преоптоварени од начинот на живот, така што децата растат во виртуелниот свет наместо во реалниот. Мобилните телефони и таблетите станаа нивни најдобри другари. Многу од денешните деца се осамени и напуштени, без водилки или заштита во океан полн опасности. Мислам дека не е забавно да се биде дете или тинејџер денес.


Насловна фотографија: Анка Замфиреску

Наташа Атанасова

...

Leave a comment