Вести

Вест на денот: „Литература.мк“ ја купи „Купикнига.мк“

На Блен немавме рубрика „вести“. Но, еве една вест што нè натера да отвориме таква рубрика. Ја доживеавме како вест на денот, затоа што веруваме дека ги интересира луѓето што читаат и купуваат книги електронски, а сè уште ја нема во медиумите.

Имено, веста е дека „Литература.мк“ ја купи најстарата е-книжарница во Македонија „Купикнига.мк“. На денешниот брифинг за новинари разговаравме со Андреа Ичокаева Бундалевска, одговорно лице за онлајн-продажбата на „Литература.мк“.

Ви ги пренесуваме клучните работи што можеби ве интересираат ако сте имале профил и сте нарачувале на една од двете онлајн-книжарници:

  • „Купикнига.мк“ денес згаснува, а домејнот периодов ќе пренасочува кон „Литература.мк“;
  • Сите што имаат кориснички профил на „Купикнига.мк“ (а станува збор за околу 40.000 профили) ќе бидат известени на меил за миграцијата на содржината на оваа страница и ќе добијат линк за активација на стариот профил, сега на „Литература.мк“;
  • „Литература.мк“ на својата досегашна понуда ќе ја додаде целата понуда на книги на „Купикнига.мк“;
  • Тука влегува и списокот од околу 40.000 книги на српски, нешто што ја правеше посебна „Купикнига.мк“ за македонската читателска публика;
  • Корпусот од 40 илјади книги на српски се планира да биде поставен на „Литература.мк“ во рок од два-три месеци;
  • Од „Литература“ велат дека работат на зголемување на брзината на доставата на книгите од Србија; исто така, се работи и на брза достава на територијата на Скопје (достава во текот на денот на нарачката) и на подобрување на корисничкото искуство при онлајн-купувањето книги;
  • Продажбата на е-продавницата „Литература.мк“ досега се состоела половина од книги, половина од програмата за подароци.

Останува да видиме што реално ќе значи ова купување за читателите што сакаат да купуваат книги онлајн и со која брзина ќе се спроведуваат плановите на „Литература.мк“. Во секој случај, вест на денот.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?