Книги

Урбаното, природата и смислата

Не се сеќавам другпат да ми се има случено едноподруго да прочитам две различни, а во суштина многу слични книги, како романите „Тажниот гостин“ од Матијас Наврат и „Пеам јас и планината танцува“ од Ирене Сола. Минатата недела дознав дека двајцата писатели доаѓаат во Скопје овој викенд, па посакав да ги исчитам за ако ми се допаднат, да ја искористам шансата и да одам да ги видам во живо.

За „Тажниот гостин“ имав слушано рецензија од Читачот пред некое време, а за другиот роман не знаев ништо. И решив да останам на тоа, да не читам ништо повеќе и за двата, за да го извадам на виделина моето лично доживување. Оти сакале-нејќеле, со читање туѓи мислења, секогаш понешто впиваме и потоа, тоа се слева во нашиот впечаток.

Двата романа се по двесте страници и ги исчитав за неколку дена – прво „Тажниот гостин“, а потоа и „Пеам јас и планината танцува“. Преминот од едната на другата ми беше прилично брз и нагол (едната ја читав викендот, другата во понеделникот и вторникот). Верувам дека делумно и на тоа се должат вкрстените асоцијации, кои тешко дека ќе ги добиев ако ги читав на поголемо временско растојание.

Во суштина, ова се две романескни дела кои се занимаваат со истите философско-егзистенцијалистички теми:

  • Која е смислата на нашите животи, на нашето постоње?
  • Каква е поврзаноста на луѓето едни со други и со околината во којашто живеат?
  • Како ги надминуваме траумите и како се справуваме со загубите на блиските луѓе?
  • Како се соочуваме со смртта и како го прифаќаме живеењето по заминувањето на тие што најмногу ни значат?

Но, тоа го прават на два сосема различни начина. Без желба подлабоко да навлегувам во романите и да ги толкувам, еве некои груби белешки за нив, кои можеби како и мене, ќе ве поттикнат во сабота да одите во МКЦ и да ги слушнете во живо авторите, а можеби и да ги прочитате романите.

1. Прозаичното урбано во „Тажниот гостин“

Романот „Тажниот гостин“ на германскиот писател со полско потекло Матијас Наврат е сместен во урбан контекст. Главниот лик, нараторот, е млад човек, писател, кој шета низ улиците на денешен Берлин. Тој има специфичен однос кон местата и градбите, но и кон самиот град, кој низ романот си добива свој карактер и на некој начин функционира како еден од неговите главни ликови (да, тој Берлин, кој е главен лик и во романот „Берлин Александерплац“ на Алфред Деблин од 1929 година).

А градот како урбано место е и место на поделеност: по улици, по згради, квартови… Иако има заеднички простори во кои луѓето се среќаваат, во градот секој човек е приказна за себе и овие приказни немаат многу-многу можности да се испреплетат. Нараторот е тој што сака да ги слушне и да ги прераскаже приказните на луѓето што случајно ги среќава обидувајќи се преку нив да проникне во смислата на човековото постоење. Но, и таа негова заинтересираност за другите луѓе, сепак, е со една дистанца, со едно постојано чувство на нелагодност, вознемиреност и отуѓеност – како едно постојано сакам-нејќам двоумење за зближувањето со луѓето. Впрочем, онака како што сè повеќе се чувствуваат жителите на големите градови.

Да, градот е претежно сив и строг и поделен, но сепак, градскиот човек е човек, социјално битие на кое колку и да е нелагодна интеракцијата со другите луѓе, сепак тие му требаат, ако ништо друго, барем за да го потсетат кој е и што е – „само тажен гостин на црната Земја“, како што пеел Гете, а и нашата Виолета Томовска 🙂

2. Поетичната природа во „Пеам јас и планината танцува“

Овој роман, од шпанската писателка Ирене Сола, која е родена во 1990 година, стилски е дијаметрално спротивен на „Тажниот гостин“. Ако таму доминира урбаното и строгата проза, тука природата е расплинета со сета своја магичност и лирска величественост.

Философијата на овој роман е толку блиска на источните философии, каде што смислата на постоењето не се гледа само во односот на човекот кон себеси и кон останатите луѓе, како што најчесто сме навикнати да размислуваме живеејќи меѓу градскиот асфалт и бетонот на цивилизираниот свет.

Сола на еден супер откачен начин се обидела низ раскажувањето да ја прикаже таа неминовна поврзаност и зависност на сите живи суштества со природата (планините, реките, дождот, ветерот…), при што во секое ново поглавје почнува да раскажува нов раскажувач (а раскажуваат и дождот, и духовите на некогаш обесени вештерки, и разни генерации на луѓе кои се менуваат едни по други да живеат на истите простори, под истите планини) и игриво го плете овој роман, во кој животните приказни на луѓето од една страна се зависни, а од друга страна и не се поважни од приказните на животните и на природните појави.

Затоа што, гледано во еден поширок контекст, да, во природата подеднакво е (не)битна судбината на човек убиен од гром, еленчето заробено од за него најстрашните животни без крзно, децата осакатени од бомби и гранати, верните кутриња или мечките огорчени на човекот што ги истребува. Времето продолжува да тече, годините да се нижат, луѓето и животните да се раѓаат и умираат, а планините и земјата да стојат и да сведочат за сите што свиваат дувла во нивните пазуви, сè до моментот кога претерувањето на неблагодарниците (читај: луѓето што ја експлоатираат) не ја предизвика природата да го возврати ударот:

И движењето ќе започне повторно. Пропаст. Следен почеток. Којзнае кој по ред. И ќе умрете сите. Затоа што не постои ништо што трае долго. И никој нема да се сеќава на имињата на вашите деца.

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?