Убавицата и грдотијата (Весна Крмпотиќ)

Во срцето на огнот …….. ладно место;
никој повеќе не знае што е жар, што лед.

 Јасно е зошто убавината бара грдотија: единствено нејзе ѝ верува. Со неа најмногу се чувствува како она што е: убавина. Профилот на витката Нефертити никогаш не би се покажал порелјефно отколку на позадина на оние изобличени црти, во озрачувањето на оној болезлив, одвратен, деформиран фараон кој се потпишувал, што е уште поодвратно, како најзаљубениот владетел во триесетте фараонски династии, со благородни зборови, полни со нежност.[1]

Големата убавина е голем товар. Убавиците се заробени суштества, бескрајно зависни од сè што ги посакува; и чудесно се вешти и лукави постојано да ја поттикнуваат таа желба за нив. Во таа неуморна работа, по малку панична, убавицата не ни забележува кој е покрај неа: не гледа ничие лице – гледа само поматни или почисти огледала кои ја уверуваат дека е жива. Убавината не живее од себеси, туку од другите; другите, пак, ѝ го даваат својот живот нејзе, но не живеат од неа, живеат од сопственото давање.

Но не е јасно што бара грдотијата во прегратката на убавината, телесната монструозност во друштво на совршено чистите и благородни облици? Зарем не се чувствува уште погрда, зарем не чувствува дека не е во состојба на поседување, дека убавината е недопирлива под нејзините прсти?

Освен ако не сфати дека таа ѝ е потребна на убавината повеќе отколку убавината нејзе, па кога ќе ја види таа потресна недовршеност, ѝ олеснува и се смирува во светот во кој така нејзината улога е творечка. Не бил ли таков односот меѓу Ахнатон и Нефертити, нестварно кревката девојка која можеби била негова роднина, а можеби увезена принцеза од царството Митани, а можеби ќерка на некој домашен семоќник – но, која станала кралица без чиј лик и име не била издадена ниедна кралска уредба.

Со текот на годините, нејзиното лице со идеално чисти црти станувало сè повеќе налик на лицето на Ахнатон. Ахнатон и Нефертити биле носители на нова вера, нови слободи; таа вера ги поистоветила во очите на уметниците. Но, тоа не е целосниот одговор. Грдотијата на фараонот станала стил на времето, грдотијата на фараонот, а не убавината на фараонката. Грдотијата на фараонот ѕирка со сите лица од краткото, жестокот раздобје на Амарна.

Навистина, во Амарна тогаш се живеело грозно; брзо се вајало, брзо се градело, се пеело, се молело, се сакало. Бидејќи, времето било оттргнато од вечноста и влетало во едно драматично човеково корито. Карикатурите се појавувале од сите страни. Гротеската живеела во симбиоза со чудната готска елеганција од која изненадно затреперил човечкиот лик. Никој повеќе не знаел што е убаво.

На една глинена плоча од Амарна, ископана во работилница во големиот Тутмос, профилот на Нефертити е веќе тешко да се разликува од оној на Ахнатон. Уметникот ја гледал како грдотија што блеска, така ги гледал и оние нивни пет-шест ќерки; на крајот на краиштата, така гледал сè што ќе му излезело пред очи. Работилницата на Тутмос целата е во поместени линии, како слика во испукано огледало. И токму од огледалото на Тутмос нè гледа привидот на Амарна, откачен од сите традиционални тежи и рамнотежи, привид каков што се појавува во димот на хашиш тревата или во окото на надарен јасновидец. А привидот го сочинува една божествена одвратност која ги проголтува сите убавици и убавци од своето царство. Зошто не се случило обратното? Зошто убавината не се покажала пофасцинантна од грдотијата?

Па, затоа што грдотијата била на фараонот, ќе се рече. А фараонот, се знае, како целиот Египет – животниот дух на земјата, оној кој се грижи за постоењето на милиони египетски жители, кој го потпира својот topocosmos овозможувајќи во него хармоничен однос меѓу животните, посевите и поплавните води. Фараонот е олицетворение на врвната сила и како таков не може да биде убав.

Добар одговор, но во најдобар случај непотполн. Бидејќи, што ќе правиме со оние стотина и повеќе фараони кои владееле пред и по Ахнатон и кои го оставиле светот на мир и не му го наметнувале сопствениот лик? Зошто тоа го направил токму Ахнатон, наприродната грдотија? И, правејќи го тоа, зошто ја почитувал својата телесна аберантност повеќе од складот на најблиското суштество до себе?

Па, затоа што бил пророк, ќе се рече. Затоа што ја ковал Новата Доба; затоа што на таа Нова Доба го удирал жигот на целокупното свое битие, ја создавал врз основа на својата слика и прилика. Затоа што сите религиозно-естетски догми ги кршел низ сопствената халуцинантна призма. Државата му била претесна за да се поистовети со неа; навистина, без владејачка суровост а со побожна мистика, тој можел да извика: „Добата, тоа сум јас!“ Ваквиот одговор речиси би нè задоволил кога би ги немало најновите археолошки откритија во Карнака, кои покажуваат дека токму кревката Нефертити била ковач на Новата Доба. Таа не само што била инспирација на фараонот, туку вистински spiritus movens со кој непријателите на култот на Ахнатон се пресметувале многу пожестоко отколку со самиот Ахнатон.[2] Па, како што изгледа, ако Нефертити била пророкот, зошто новото движење не стоело во знак на нејзината убавина?

Епизодата Амарна со секое ново откритие станува сè потаинствена.

Никогаш порано или подоцна во египетската цивилизација уметникот не бил толку ослободен од каноните посветени на ритуалната геометрија како за времето на краткотрајната Амарна. Никогаш порано или подоцна не бил слободен со толку огорчена страст да го истражува подрачјето на преместените рамнотежи.  На современиците таа уметност, која ни е толку блиска, мора да им се чинела неподносливо анархична; таа уметност која била вдахновена од најсистематичната и најдоследната мисла на египетскиот гениј!

Ахнатон не се противел на тоа уметникот да го прикажува онаков каков што бил: карикатура и во лицето и во телото. Бил преголем поданик на Маат, човек на вистина, за да барал идеализација на сопствениот лик. Над дваесет џиновски статуи го прикажуваат со искривени колкови и со женски стомак, со болешливо лице со издолжени, изобличени црти. Зад таа перверзна и ладна маска се криел дух кој го напишал најзаносното воспевање на сонцето и кој во камените релјефи со претстави од дворскиот живот внел човечка нежност и топлина. Насекаде од клесаноста зрачи верноста и занесот на човекот-владетел; неговата верност на бог, на жената, на децата. Од секаде треперат благословените дождови на сончевите раце, а човечките раце се дигаат во пресрет на таа светлост како побожни билки. Ахнатон бил поет кој како од груба шега се нашол на тиранскиот престол. Тел ел Амарна беше негов вистински asilum, маѓепсано засолниште зад чии ѕидови царството нагло се распаѓало. За власта на фараонот се бореле градовите и кнежевините на Сирија, еден по друг паѓале вазали. И молбата на прогонетиот регент на Ахнатон во Гебел, во последното очајничко писмо кон својот владетел, како пророчки да оплакува не над загубениот Гебел, туку над самата Тел ел Амарна: „О, кралу мој господару, о, кралу мој господару, спаси го тој град од срамот…“.

Постојат голем број студии за лицето на Ахнатон. Тоа ги воодушевувало скулпторите кои неуморно го моделирале, продирале во него, намерно уште повеќе го изобличувале, до беснило, до злоба, одново му ги враќале првобитните црти, немоќни пред него. Тоа лице станало ликовна догма на времето. Тоа полека растворало сè што дотогаш било познато; сите мерки кои дотогаш го сочинувале складот некаде се загубиле, измениле. Во лицето на Ахнатон отсјајува светот на тогашното време како зрак светлина во вода: и се образува извиен, скршен. Само тоа, лицето, останало непоматено.

Жедно ги впивал цртите на својата избрана убавица. Сакајќи или несакајќи, уметникот цртите на најмиловидното и лицето кое најмногу зрачи ги приближувал кон цртите на одвратноста. Тоа биле богохулни експерименти, противприродни: грдотијата и убавината на крај почнале вистински да се допираат, заборавајќи се една во друга. Еве ги зад музејските витрини, еве ја Нефертити, еве го Ахнатон, еве ги принцезата и сакатиот, па не знаеш кој е кој. Бидејќи на профилот на Нефертити му е потрбен само незабележителен трепет за тој профил да стане бестијално грд, да западне во својата спротивност.

Во ересот на Ахнатон најчуден од сè е фактот што неговиот монотеизам не бил ниту нов ниту далечен на египетскиот дух. Го проповедале уште за време на првите династии: ликот на Атон блеска од ѕидовите на гробниците во рана Сахара. Потоа го проповедаат тројцата Аменофиси, прадедото, дедото и таткото на Ахнатон. Секогаш станувало збор за еден бог – испарцијализиран, додуша, на одредени свои аспекти и манифестации. Па тогаш, зошто идеите на Ахнатон делувале како потрес кој го разнишал монументалното царство на канони? Бидејќи ги говорело чудовиште, па и самите станале чудовишни, бизарни, неодоливи.

Стотина книги и студии се посветени на загатката Ахнатон и Нефертити. Но, кој еднаш ќе се одвлечка во собата на Ахнатон во музејот во Каиро, тој ќе се увери дека приказната за оваа духовна револуција најдобро може да се отчита низ очите на уметникот. Од овие скулптури со гранитни и глинени релјефи зрачи вистинска историја, претворба во која нема записи, бидејќи за неа ни самите судии не биле свесни. Гледајќи како убавицата полека се тенчи и исчезнува како облак на пресилно сонце, сфаќаме каква страшна дрога бил Ахнатон во своето време. Гледајќи го сликарот по скулпторот како до фуриозност, до омраза го ослободуваат лицето на фараонот од секаква човечност, од секое богатство, гледајќи како повеќе ни прогласениот за бог Тутмос не знае што е убавина, гледаме дека целото раздобје зјапа во она стравично лице како опседнато, не знаејќи дали следниот миг ќе плукне на него згадено или ќе премине во него маѓепсано.

На некои портрети се гледа најсатанската насмевка околу оние полни женски усни. Помалку грд фараон не би успеал во тоа. Грдотијата која пеела за најуавите работи ја хипнотизирала својата доба. Идеите кои ги проповедал не би погодиле толку силно, ниту по неговата смрт сите ролку ревносно не би им свртеле грб зад нив да не стоела врвна осакатеност. Ниту уметноста на Амарна би се разбуила како во треска; ниту најубавата жена на Египет би овенала преобразена во грдотија.


[1]Наследничка, голем благослов, жена од милост и слатка љубов, Господарка на Југот и Северот, прекрасна во лицето, радосна под двоперјаницата, љубимка на живиот Ахнатон, првовенчана жена на кралот кој ја љуби, Госпоѓа од Дивата Земја, од големата љубов, Нефертити која живее засекогаш.

[2] Во една кула во Карнака последниве години се пронајдени околу 40.000 фрагменти од опустошената палата на Нефертити и Ахнатон во Тел ел Амарна. Само северната кралска палата можела просторно во себе да ги смести Версај и Фонентенбло заедно. Собите во палатата биле насликани со слики од семејниот живот на фараонот и на поклоненичките обреди на Атон. Фараонот Хоремхеб, подоцнежниот востановувач на стариот култ на Атон, внимателно и немилосрдно уништувал безброј фрески и статуи на Ахнатон и Нефертити за потоа да се употребат како градежен материјал со кој ќе ја исполни утробата на џиновската кула во Карнака. Светот на Амарна, светот на Атон бил раскршен на десетина илјади парчиња, а потоа сите тие се пресоставени и внимателно изѕидани. Но, тоа не му било доволно на Хоремхеб. За време на повторното составување, тој одмаздољубиво и садистички го обесил ликот на кралицата надолу – за да го понижи споменот на неа и тука, каде што тоа никој нема да го види. Со Ахнатон не постапил така. Зарем ова не покажува кој бил вистинскиот носител на Атоновиот пресврт?


Извадок од: Krmpotić, Vesna. 1981. Dijamantni faraon. Zagreb: Prosvjeta.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?