Муабетења

Тошо Филиповски: Маги беше хероина во рокенролот

Пред месец-два „Полица“ ја издаде книгата „Маги – Како да беше некогаш“, биографија од Душан Весиќ за животот и делото на Маргита Стефановиќ – Маги, клавијатуристката на, според него, најјугословенскиот бенд, „Екатарина Велика“ (ЕКВ). За значењето на Маги, на ЕКВ и на оваа книга – слушаме директно од Тошо Филиповски, нашиот музички новинар и публицист, кој и лично ја познавал.  

Си ја имал запознаено Маги. Каква е таа во своите сеќавања?

Маги, како впрочем и голем дел од таа југословенска цена, имав среќа да ги запознаам при доаѓањето во Скопје, во првата половина на 90-те години. Тогаш бев инвентар во „Баги шоп“, а Манде беше еден од организаторите на концертите на бендовите кои доаѓаа од екс-ЈУ, па ја користев ситуацијата… Тогаш работев и во „Канал 103“ и во Студентско радио и како млад новинар, а всушност од голема желба да се запознаам со некои од своите идоли, бев некој вид хост на доаѓањето на тие бендови овде. Меѓу другите, и на „Екатарина Велика“, па се појави некоја близина меѓу нас – од хотел до проба, па во ресторан седење заедно и тоа во неколку наврати. Така што, можам да кажам дека ја познавав Маги, како и Милан и останатите од бендот. Разговаравме за секакви теми, а најмногу за она што мене ме интересираше – музиката и какви се тие односи коишто се граделе на таа, тогаш потентна, југословенска сцена, од тој нов бран.

Маги знаеше многу да ми раскажува. Впрочем и таа и Милан ме нарекуваа „Тоша независни“, произлезено од тоа дека многу ме интересираше југословенската независна сцена – што се случува, кој со кого како се здружил, кога снимале… така што, тие муабети беа главно врзани за музика, иако знаеше да провее тогашната тмурна ситуација по распаѓањето на Југославија, и војните кои подоцна доаѓаа.

Во моите сеќавања, Маги остана како весел лик. Со оглед на тоа дека сум десет години помлад од неа, на свои 22-23 години во неа гледав како на идол, како на хероина на едно време и веројатно не можев да ги приметам сите тие маки, тежини и болки што ги носела во себе и кои веројатно и не ги искажувала пред секого. Во секој случај, имам што да кажам на своите поколенија – дека со еден таков лик сум можел да седам заедно на иста маса, да муабетиме.

Потпишана плоча од членовите на ЕКВ (лична архива на Тошо Филиповски)

Какво е значењето на Маги за ЕКВ?

Со оглед на тоа дека Маги не е од оригиналната постава на ЕКВ, во годините кога Милан Младеновиќ и Гаги, којшто е всушност нејзин роднина, ја започнуваат приказната со „Екатарина II“, по распаѓањето на „Шарло акробата“, таа пред себе има можност за голема кариера. Како еден од најдобрите клавијатуристи, во генерација со Иво Погорелиќ, требало да студира на конзерваториум во Москва. Меѓутоа, поради сплет на околности запишува архитектура, која во рекордно време ја завршува и кога сите врати ѝ се отворени да прави академска кариера, таа се запознава со Милан преку Гаги и влетува во еден сосем нов свет, којшто ќе го обележи нејзиното постоење.

Сметам дека тие луѓе од „Екатарина II“ или „Екатарина Велика“ и без неа веројатно ќе направеа голема кариера. Но, со доаѓањето на Маги, бендот добива поинаков шмек, и од оној андерграунд на којшто дотогаш припаѓаа „Екатарина II“, стануваат бенд што го прифаќаат сите, со шарм којшто веројатно беше дијамантот што требаше Милан да го стави на својата кариера, за сето тоа да изгледа и визуелно, меѓутоа и да звучи перфектно. Сите тие што свират со него се перфектни музичари, и Фирчи, и В’д и Бојан Печар, меѓутоа класичната наобразба на Маги на свирење клавијатури и шмекот што таа го дава во комплетниот звук на „Екатарина Велика“ и на сите нивни албуми е она што веројатно го направи бендот голем.

Така што нејзиното влијание е големо и како интелектуалец, како некој што го одбира тој трнлив пат на рокенролот. Сега се дознава дека таа пишувала и кратки раскази, цртки… па, иако тоа не е означено на омотите на плочите, веројатно и во тие пишувања и креирања на музичките сонгови, таа имала многу значајно влијание.

Од литерарните текстови на Маги
(дел од прилозите кон биографијата, сместени на крајот од книгата)

Какво е значењето на ЕКВ за луѓето од овие простори?

Па, за луѓето од нашиве простори, и воопшто за просторите од некогашна Југославија, веројатно ЕКВ и „Азра“ на Џони Штулиќ се двата најголеми бенда што некогаш постоеле, без да ги оспорувам притоа „Бјело дугме“, хрватските „Филм“ или илјадници други бендови. Меѓутоа, некако во тие преломни години, луѓето се поистоветуваа со нешто што е критика, со нешто што е сопствено размислување, со нешто што има сопствен став. Така беше и во Македонија.

Појавата на ЕКВ и на „Азра“, односно нивното откривање или препознавање најпрво од помала група луѓе, коишто сакаат да бидат поразлични, сакаат да слушнат нешто што значи критика на тогашното општество во распаѓање, критика на животот којшто не е само поплочен со злато, туку има и свои темни страни, кај популацијата во Македонија и на просторите на некогашна Југославија беше нешто што лесно можеше да се прифати, особено со оглед на начинот на којшто беше спакувано – приемчиво за сите уши и со можност да ги видат во живо… Случајот со „Азра“ е малку поинаков, бидејќи тие само еднаш настапуваат во Скопје, во далечната 1982-ра, а ЕКВ многу пати настапувале во Скопје и низ територијата на Македонија и беа бенд со којшто младите се поистоветуваа. За среќа, ние подоцна имавме таков бенд – „Архангел“, со којшто живееше една друга генерација, меѓутоа на тој премин на распаѓањето на една и формирањето на друга држава, ЕКВ имаа огромно влијание во самоспознавањето на младите македонски интелектуалци, коишто во нив пронајдоа сродни души за своите светогледи.

А какво е значењето на оваа книга за сите нас денес?

Сметам дека ова треба да одигра голема улога. Со оглед на тоа дека сум еден од ретките музички публицисти во Македонија, којшто обjавува книги за македонски бендови и пишува биографии, сметам дека ваквите животни приказни раскажуваат и покажуваат едни убави но и не толку убави времиња, ситуации и моменти и разобликуваат еден начин на живот, како што е рокенролот. Или како што Маги го живеела, по една синтагма на нејзиниот пријател Цане од „Партибрејкерс“, којшто своевремено пееше „ne želim da živim hiljadu godina, hoću sad i hoću sve“ и тие за краток период, цела една генерација од која за жал голем дел денес не се живи, буквално живееја од денес за утре, со полни гради, одејќи по трнливиот пат на рокенролот, којшто значи и исполнетост и среќа, меѓутоа и многу тешки ситуации.

Маги успеа да направи такво кренување во височините, од една хероина на југословенските простори, без да потпадне под стереотипот да биде секс-симбол – таа беше хероина во рокенролот, а малку жени можеа да го земат тој епитет за себе.

Така што, постоењето на една таква книга, како што е „Маги – како да беше некогаш“, особено во македонски превод, мислам дека ќе расветли и на македонската публика ќе ѝ ја прикаже нејзината брилијантна но и моментот и на не толку брилијантна кариера, кога се соочуваше со приватни и физички падови во својот живот. Ја поздравувам идејата на „Полица“ да издава ваква музичка литература, тоа е нешто што недостасува. Во Македонија, за жал, ситуацијата со музиката, особено со публицистиката и со самопризнавањето на музичките големини коишто ги имаме, е на многу ниско ниво, така што верувам дека што повеќе вакви книги за музички бендови или поединци од рок животот можат да направат само еден голем плус за развивање на рок-сцената и за нејзино доближување до читателската публика на еден поинаков начин отколку што преку самата музика, затоа што биографиите за бендовите секогаш биле неизоставен дел од рокенрол приказната.

 

 

Наташа Атанасова

...

Leave a comment