Стремежот да се биде сè подобар

За слободата на анонимноста и притисокот на наградите
Пишува: Симона Јованоска, писателка
Едно убаво претпладне во март 2022 година, добив повик од Ѕвездан Георгиевски, претседателот на фондацијата „Славко Јаневски“:
„Честитам Симона, Денот на црвот е роман на годината“, ми рече и ме покани да се запознаеме за да ги договориме деталите околу прогласувањето. Не е тајна дека отпрвин не ми се веруваше. Си мислев, ова е значајна награда што ја добиле (и ќе ја добиваат) најдобрите домашни автори и авторки, а со својот прв роман сметав дека имам уште многу леб за јадење.
Кога се запознавме, Ѕвездан, меѓу другото, ми рече да не дозволам оваа награда да ме демотивира каков што бил случајот со некои од добитниците, ама тогаш, во целата еуфорија, не ни помислував на откажување, си велев, ова е само почеток, за какво откажување збориме овде?
На крилјата на слободната анонимност
Не знам како е кај другите автори и авторки, ама во мојот случај со пишувањето, приказната не може да се изнасили. Или ти доаѓа и ти додева додека не седнеш да ја напишеш или немаш ништо и си празен, па чекаш, слушаш, читаш и прибираш искуства кои, потенцијално, би биле поттик за следниот роман.
Со „Денот на црвот“ беше „лесно“ зашто имав доволно искри што ми ја потпалија инспирацијата: околностите поради пандемијата, отуството од работа што ми наталожи големо количество на неискористена креативна енергија, ама и мојот внатрешен, долго време заспан, авторски глас (немав објавено ништо од 2015 година). Освен Нено и Игор од „Или-или“ и уште одвај неколкумина книжевни фаци со кои случајно сум се запознала на книжевните настани, никој релевантен немаше слушнато за мене како за авторка, па бев целосно ослободена од тоа што би можеле читателите да очекуваат од мене.
Секако, тука е и мојата прва детска книга со отворен крај (за евентуални продолженија), „Градот Вабу и потрагата на Нави“, што ја напишав истата година, а ја објавив со „Чудна шума“‘, нурнувајќи се во еден сосема нов свет на чиста фантазија, со потполна слобода. И, морам да признаам дека, за еден автор, нема ништо поубаво од чувството на незасегнатост и неоптовареност од минатите успеси и дела. Чувство кое, за жал, доколку освоиш значајна награда, по малку исчезнува.
Притисок однатре, притисок однадвор, притисоооок
Кога почнав со пишување на мојата четврта книга, односно вториот роман за возрасни, имав неколку цели: да напишам роман што првенствено ќе ми се допадне мене, да напишам роман што ќе потврди дека успехот на „Денот на црвот“ не е случаен и да напишам роман што ќе биде поавтентичен, поинаков и подобар од него. Ова, додека го пишував првиот роман, го немаше и се убедував дека е во ред да чувствувам притисок, сè додека ми делува мотивирачки и ме поттикнува да бидам подобра во тоа што го правам.
Со вториот роман околностите беа поинакви, сега веќе немаше пандемија и одевме на работа, децата беа поголеми, а со тоа и обврските околу нив се зголемија па поради тоа морав неколкупати да излезам од приказната, само за да можам сè да завршам. За мене, секое такво излегување, па влегување, особено по подолги периоди на пауза, претставува вистинско мачење. Без разлика колку и да се трудев да ја одржувам во живот приказната што ја имав за раскажување, секојдневното темпо не ми дозволуваше, а освен обврските по дома, надвор постојано се случуваа настани што дополнително ми го одвлекуваа вниманието: вести за војната во Украина, смртта на малата Вања, вести за војната во Газа… Кога се случуваат трагедии од широки размери, имам дополнителен предизвик да пронајдам смисла во пишувањето, дали навистина вреди ова што го правам?
Која е мојата приказна?
Дека една награда не значи дека си станал суперискусен за пишувањето (за односи со јавност – секако!), научив на „потешкиот“ начин. Две години пишував книга за којашто телото ми сигнализираше дека не е мојата приказна за раскажување (бев под стрес, чувствував парализираност во нозете и во рацете, имав благи нагони за повраќање…), ама бидејќи сум многу дисциплинирана за нештата што ми значат, долго време не можев да пронајдам „доблест“ и да ја ставам во фиока. Моето его, но и притисокот на зацртаните цели, ме залажуваа да останам на место коешто не беше добро за мене. Беа потребни надворешни релевантни мислења за да се свестам и да пораснам, да ја ставам авторската суета настрана и да размислам каков автор сакам да бидам и какви приказни сакам да раскажувам.
Кога конечно приказната „ме пронајде“, веднаш знаев дека тоа е тоа што треба да го раскажам, па додека пишував, воопшто не размислував на „Денот на црвот“ ниту на сè она што доаѓаше со наградата. Јас сум човек што верува дека секогаш може подобро и дека најдоброто допрва треба да дојде, па поттикната од најчистата форма на елан, со многу ентузијазам влегов во новата приказна, во МОЈАТА приказна што требаше да ја раскажам и во којашто неизмерно уживав. Кога во нешто ќе пронајдеш смисла и ќе се вложиш целосно со својата љубов, посветеност и дисциплина, доживуваш и искусуваш поинакви облици на сензација, откриваш нови убавини во пишувањето и делото си добива поинаква тежина.
Во пресрет на излегувањето на новиот роман, можам со сигурност да кажам дека го пишувала „друга“ Симона, поинаква од онаа што го напиша „Денот на црвот“. Повозрасна, поискусна, позрела, посвесна за светот и себеси, подисциплинирана, помека. Секоја книга носи обележје од времето и местото во коешто е напишана и ниеден автор не може двапати да напише иста книга. А притисокот да се оправда книжевното внимание, во мојот случај, делуваше мотивирачки, како гориво кое ме тераше напред кон моделирање на мојата книжевна персона. Среќна сум за патот што ми го отвори наградата, но нејзината работа заврши кај „Денот на црвот“. Останатото останува на мене, а јас сè уште имам што да кажам, што да учам и да станувам подобра.
Ја пуштам „Леска“ да ја продолжи приказната
Новиот роман со наслов „Леска Брезоска“ е при крај, во тек се последните подготовки и корекции пред печат. Го пишував со целото срце и душа, ослободена од очекувања и телефонски повици од непознати броеви. Целото книжевно (наградено) минато го ставив во кутија, а кутијата ја симнав во подрум за секој случај, за да не ме гледа и да не ми дошепнува, а со тоа да не ме попречува во раскажувањето на приказните што чекаат да излезат од мене.
Станува збор за разговорот помеѓу тебе и твоето внатрешно „јас“ кое треба да го разубедиш дека си научил сè и знаеш сè благодарение на некојаси награда. Сега, како автор со некакво искуство зад себе можеби никогаш нема во целост одново да ја почувствувам слободата на анонимноста, ама од друга страна, знам дека ќе дојдат многу нови и убави чувства додека ги пишувам следните книги, како на пример, љубопитноста за тоа каде ќе ме одведат приказните и ликовите во иднина и во каква авторка ќе ме обликуваат, што личи како многу забавно за доживување и одвај чекам да го искусам 🙂