CultureMatters

Соња Станковска: Стравот дека сме мали и незначајни нè измачува и обликува

Непретенциозен, а добар. Фрагментарен, исцепкан на три ката со по три соби низ кои читателот шета додека пивка зборови со забавно-горчлив вкус, си поткаснува од слатко-кисело-лутите реченици и добива некои нови очила со кои подобро гледа на сегашноста што ја живееме, стравовите со кои се соочуваме и изборите што (не) можеме да ги направиме.

Леснотијата со која се чита дебитантскиот роман „Фобос“ на Соња Станковска, кој се појави пред околу два месеца, а и неговата луцидност, велат дека на него било посветено многу внимание. Спојот на сите овие работи ни ја разгори желбата да ѕирнеме и отаде напишаното и да поразговараме со авторката за тоа како настанал овој роман и кои нејзини размислувања биле силата што го придвижила и движела.

Соња, како испадна дури сега да ја издадеш твојата прва книга? Пишуваше ли одамна или сега почна – што се смени во тебе за да се случи книгава?

Пишувам откако ги научив буквите и ги прочитав првите книги. Имам тетратки, нотеси, ворд документи, каде што има поезија, раскази, почетоци без крај, краеви без почеток… Но никогаш порано не сум сметала дека нешто што сум напишала е спремно да го покажам на светот; пишувањето било начин да забележам некој момент, размислување, да дефинирам некоја сопствена состојба.

А што точно се смени за сега да настане „Фобос“, тоа и јас често се прашувам, зошто сега? Најверојатно е збир на повеќе околности, некои стадиуми во приватниот и професионалниот живот кои се поклопиле на вистински начин. Главното чувство кое го имав некој период пред да почнам со пишување на „Фобос“ е дека почнувам да ги согледувам работите како целина, не како изолирани настани. Најверојатно тоа е некоја зрелост и самодоверба што доаѓа со годините. Како и да е, открив дека пишувањето од секогаш било нешто што ми носело, можеби, најголема возбуда.

По професија си архитектка, а архитектурата е присутна и во романот (и структурно, и тематски). Во твојата глава, што ги поврзува архитектурата и книжевноста?

Да, по образование архитектка, а работам во областа на графичкиот дизајн. Но, мојот пристап кон креацијата, на било кое поле, е прво да согледам што е крајната цел, што сакам да кажам, која порака сакам да ја пренесам, каква атмосфера сакам да доловам и потоа го барам вистинскиот начин да го постигнам тоа. И на архитектурата и на дизајнот гледам како на начин да се раскаже приказна, но со друг медиум. Естетиката секогаш е во служба на пораката или на функцијата, никогаш форма само заради форма. Во дизајнот и архитектурата медиумот се линии и форми, во пишувањето зборови. Но секогаш ми е важна и празнината, и тишината, и бојата. Сакам со малку да кажам многу. Ете, тука можеби најмногу се гледа влијанието на Мис ван дер Рое – „Помалку е повеќе“.

А сигурно е дека и професијата, заедно со другите идентитетски слоеви на мојата личност, ми ги одредува интересите, темите, а и метафорите кои наоѓаат пат во моите приказни.

Кога ти пристапив за ова интервју, несвесно ти пишав дека ми се допадна твојата „збирка раскази“, па се поправив, затоа што „Фобос“ е именуван како „деконструиран роман“. Критичарите и теоретичарите би можеле да најдат аргументи и за едното и за другото. Но, ме интересира, зошто ти го доживуваш како роман?

Стравот е емоција што бара да се разгледа од повеќе страни. Не е линеарен, туку слоевит. За да се разбере, мора да се разложи, да се деконструира. Затоа и „Фобос“ ја доби оваа форма, составена од повеќе модули кои заедно градат една целина.

Во литературата постојат многу примери на ваков нетрадиционален роман, каде нема класична линеарна нарација. Тоа се среќава кај Господинов, кај Дејвид Мичел и кај многу други автори кои ја користат фрагментацијата како начин да раскажат една поголема приказна.

Ваквиот пристап кон раскажувањето не е ограничен само на литературата. Можеби најблизу до структурата на „Фобос“ го чувствувам аргентинскиот филм „Диви приказни“. Таму бесот, како движечка емоција, се истражува преку шест различни приказни кои недвојбено сочинуваат еден филм. Можат да стојат самостојно, но вистинското доживување се добива кога се гледаат како целина.

Така гледам и на „Фобос“, како на структура која само како целина ги открива сите нијанси на идејата која ја обработува.

Една од причините поради кои ми се допадна „Фобос“ е и ноншалантното прикажување на македонското секојдневие со суптилно преиспитување на причините поради кои сме тука каде што сме. Кој страв е најодговорен за состојбата во која се наоѓаме – стравот од минатото, сегашноста или иднината?

Мислам дека стравот кој лежи во основа на сите стравови кои нè измачуваат и обликуваат како општество е стравот дека сме мали, незначајни, нерелевантни.

Тој страв нè тера да гледаме кон минатото со нереално романтизирање, да бараме потврда за нашата вредност во „славното“ минато, да се држиме за митови кои ни ја хранат колективната суета.

Во сегашноста тој страв се манифестира со потценување на сопствениот потенцијал, потценување на сопствените вредности, непрепознавањето на што е тоа што може да нè однесе напред, да ни дозволи да исчекориме посигурно.

А за иднината, мислам дека на одреден начин сите сме исплашени дали иднината нè вклучува нас и она што ни е важно, или ќе продолжиме, но во некоја друга форма. Но ако успееме да ја задржиме суштината, т.е. човечноста, емпатијата, љубопитноста, мислам дека нема потреба од страв.

Ајнштајн, Алберт – лош сопруг и емоционално недостапен татко → СЕ БРИШЕ (…)
Бовоар, Симон де – етички проблематични врски со студентки → СЕ БРИШЕ (…)
Вагнер, Рихард – детектиран антисемитизам и сомнително идеолошко влијание → СЕ БРИШЕ (…)
Вулф, Вирџинија – класни забелешки во приватна коресподенција → СЕ БРИШЕ (…)
Ѓоковиќ, Новак – псевдонаучни верувања, неконтролирани емотивни експлозии → СЕ БРИШЕ (…)
Калиопи – повеќекратни учества на Евровизија, прекумерна експресија → СЕ БРИШЕ (…)
Конески, Блаже – културна унификација, бришење на дијалектите → СЕ БРИШЕ (…)
Маркл, Меган – монетизација на приватноста, бескрајна самопромоција → СЕ БРИШЕ (…)
Николова, Оливера – детски книги без родова неутралност, промовирање на традиционални улоги → СЕ БРИШЕ(…)
Хомер – славење на војната, непотврден авторски идентитет → СЕ БРИШЕ (…)

– Извадоци од „Ctrl+Ald-Del“ (стр. 57-64) –

Во „Ctrl+Alt+Del“ ги истакнуваш фалинките на „кансел“ културата, со тоа што на една страна ги ставаш професионалните достигнувања на значајни луѓе низ историјата (кои ги читаме од нивните имиња и презимиња), а на другата страна нивните човечки мани, грешки и ужасни однесувања (кои често се такви само затоа што се извадени од контекст) поради што чистотнички трајно се бришат од историјата. До која мера заслугите на еден човек можат да се гледаат (не)зависно од неговото непожелно однесување?

Никој не е совршен. Да се биде човек значи да носиме во себе моќ за невидени достигнувања и можност за незамислива суровост. Тоа е борбата на човештвото откако постои, целата човекова уметност се базира на таа исконска борба.

Јас верувам дека треба секогаш да се стремиме да бидеме подобрата верзија од самите себе. Но, сите имаме човечки слабости кои не ја намалуваат вредноста на она што го правиме добро. Сметам дека тенденцијата преостро да се суди за делото поради човечките грешки на авторот не носи ни напредок, ни разбирање. Човечката историја е комплексна и не верувам дека со бришење и заборавање ќе изградиме подобар свет. Напротив,  ќе заборавиме на грешките и полесно ќе ги повториме.
Во приказната „Ctrl+Alt+Del“ непристрасно се бришат и Хитлер и Исус, бидејќи кога ќе се заборави контекстот, секоја девијација од општоприфатеното е казнива. Но ако ги избришеме сите, остануваме со ништо.

Со суптилен хумор ја третираш и темата на желбата да се биде писател. Сега, кога го скрши мразот со издавањето на романот и можеш себеси да се наречеш писателка, кои се твоите стравови?

Да, стравовите ја менуваат формата, ама не исчезнуваат. Ако пред „Фобос“, стравот беше дали воопшто некогаш ќе успеам да напишам нешто за кое сама ќе сметам дека вреди да се објави, потоа тој страв се преобрази во страв дали некој ќе види вредност во тоа што сум го напишала. Тука морам да му се заблагодарам на мојот уредник Ненад Стевовиќ за отворениот пристап и за пружената шанса. Сега Фобос повторно се преобразува. Сега се прашувам дали ќе можам да го одржам нивото, дали ќе си дозволам да пораснам како писател, но тоа е нормално, да се плашиме од непознатото, но да се соочиме со него.

Неодамна слушав еден извадок од интервју со Пети Смит направено во нејзината младост, каде таа вели дека пробивот на другата страна не се случува само еднаш. Дека да се помине една врата не е доволно, дека секој ден треба да поминуваш нова врата, и нова врата. И кога ќе ја видам денес, како на 78 години има таква енергија која секогаш оди напред, ми дава надеж дека во некоја форма и јас ќе успевам да наоѓам начини да минувам низ нови врати.

За крај, колку ти си играш со оган и колку сите треба да (продолжиме да) си играме? 😊

Ако под играње со оган се подразбере љубопитноста кон новото, како што и ми беше намерата во „Фобос“, тогаш да, јас сакам да си играм со оган. Капацитетот на човештвото да оди напред ми е фасцинација и сакам да бидам во тек со прогресот. Но, секако, во играта треба да има место и за одговорност. Секој прогрес на човештвото носи и опасности на кои треба да се пристапи реално и да се делува во насока одењето напред да не биде одење кон некоја дистописка реалност која не ја посакуваме. Затоа и е многу важно луѓето кои имаат силен етички компас, да не стојат на страна, туку активно да учествуваат во трасирањето на патот кон иднината. Бидејќи ако оставиме патот да го одредат само интересите на капиталот, без да биде земена предвид човечката димензија, тогаш можеби не сакајќи ќе дозволиме Фобос да биде во право.

Јас сум, и останувам да бидам, на страната на Прометеј 😊


Насловна фотографија: Светлана Кочовска Стевовиќ

Наташа Атанасова

...

Leave a comment