Содржина и форма (Василиј Кандински)

Уметничкото дело е нужно, неделиво и неизбежно спојување на внатрешниот и наворешниот елемент, т.е. на содржината и  формата.

Уметничкото дело се состои од два елемента:
– внатрешен и
– надворешен.

Внатрешниот елемент, земен издвоено, е емоцијата на душата на уметникот која (како материјален музички тон на еден инструмент кој истовремено предизвикува вибрирање на соодветен тон кај друг инструмент) кај друга личност, кај набљудувачот, предизвикува соодветна душевна вибрација.

Сè додека душата е врзана за телото, таа по правило може да ги прими вибрациите само со посредство на чувствата – кои служат како мост од нематеријалното кон материјалното (уметникот) и од материјалното кон нематеријалното (набљудувачот).

Емоција – чувство – дело – чувствување – Емоција.

Затоа, душевната вибрација на уметникот како средство за изразување мора да најде материјална форма која може да биде забележана. Таа материјална форма е вториот елемент, т.е. надворешниот елемент на делото.

Уметничкото дело е нужно, неделиво и неизбежно спојување на внатрешниот и наворешниот елемент, т.е. на содржината и  формата.

„Случајните“ форми, распослани по целиот свет, предизвикуваат соодветни вибрации. Ова семејство е толку бројно и разновидно што дејството на „случајни“ (на пример, природни) форми ни изгледа исто така случајно и неодредено.

Во уметноста формата е секогаш одредена од содржината. И вистинска е само онаа форма која служи како соодветен израз и материјализација на својата содржина. Сите споредни услови, меѓу нив овој главниот – имено, услогласеноста на формата со т.н. природа, т.е. со надворешната природа – се неважни и штетни бидејќи го оттргнуваат вниманието од единствената задача на уметноста: отелотворување на нејзината содржина. Формата е материјален израз на апстрактната содржина. Затоа вредноста на едно уметничко дело може во потполност да ја оцени само неговиот творец: содржината бара непосредно отелотворување и едиствено творецот е способен да види дали формата која ја нашол одговара на содржината и ако одговара – до која мера. Повисокиот или понискиот степен на ова отелотворување или согласност е мерата на „убавината“. Убаво е она дело чија форма во потполност одговара на неговата внатрешна содржина (што е, како и секогаш, недостижен идеал). Така, формата на делата, во суштина, е одредена од својата внатрешна нужност.

Принципот на внатрешната нужност е единствениот непроменлив закон на уметноста.

Секоја уметност поседува една форма која ѝ е својствена и дадена само нејзе. Таа форма, која постојано се менува, е извор на поединечните форми на поединечните дела. Затоа, без разлика на тоа дали се присутни истите емоции, секоја уметност ќе се облече во сопствена форма и форма својствена на неа. Така, секоја уметност го создава своето сопствено дело и затоа е невозможно делото на една уметност да се замени со дело од друга. Од тоа настанува можноста и потребата за појава на една монументална уметност: ние веќе можеме да го почувствуваме нејзиниот раст, а нејзината боја утре ќе биде исткаена.

Оваа монументална уметност претставува соединување на сите уметности во едно дело, во кое:
1. секоја уметност ќе биде создавач на тоа дело, останувајќи во границите на својата сопствена форма;
2. секоја уметност ќе се истакнува или повлекува во склад со принципот на директен или спротивен допир.

Така, принципот на изградба на делото ќе остане онаа единствена основа на творештвото во секоја поединечна уметност.

Започнува големата епоха на Уметноста и токму вчера, во времето на привидниот врв на материјализмот, таа веќе се појави во својот зачеток; таа ќе го подготви и го подготвува тлото на кое монументалната уметност мора да созрее. Сега се случува големо превреднување на вредностите како да започнува една од најголемите битки меѓу духот и материјата. Непотребното се отфрла. Она потребното се испитува во сите свои видови. Тоа исто така се случува во едно од најголемите подрачја на духот – во неминливата и вечна уметност.

Средствата за изразување на секоја уметност се одредени и дадени од памтивек и во суштина не можат да се менуваат; но, како што духот постојано се „облагородува“ ослободувајќи се од материјалноста на душата, така, на сличен на чин и делумно пред тоа, и средствата на уметноста мораат да се „облагородуваат“, незабележливо и незадржливо.

Затоа,
1. секоја уметност е вечна и непроменлива и
2. секоја уметност се менува во својата форма.

Таа мора да води духовен развој на приспособување на своите форми на поголемо облагородување и мора пророчки да го покажува патот. Нејзината внатрешна содржина е непроменлива. Променливи се нејзините надворешни форми. Затоа и променливоста и непроменливоста на уметноста го сочинуваат нејзиниот закон.

Овие основни и непроменливи средства се:
– музиката – звук и време;
– книжевноста – збор и време;
– архитектура – линија и волумен;
– скулптура – волумен и простор;
– сликарство – боја и простор.

Во сликарството бојата делува во вид на обоеност. Просторот делува во вид на форма која го ограничува („сликарска“ форма) или во вид на линија. Тие два елемента – бојата и линијата го сочинуваат суштинскиот, вечниот и непроменлив јазик на сликарството.

Секоја боја, земена одделно, под истите услови за гледање, ја предизвикува истата непроменлива душевна вибрација. Но таа боја во нештата не може да се издвои и затоа незиниот апсолутен внатрешен звук секогаш се менува во различни околности, меѓу кои се главни:
1. близината на другиот обоен тон и
2. просторот (и формата) кој зазема даден тон.

Задачата на чистото сликарство или на сликарските форми ја следи првата одредба. Сликарството е комбинација на обоените тонови одредена од внатрешната нужност. Таа комбинација е бескрајно чувствителна и деликатна, бескрајно сложена и заплеткана.

Задачата на цртежот или на цртачките форми произлегува од други одредби. Цртежот е комбинација на линеарните површини на одредена внатрешна нужност. Неговите деликатност и сложеност се бескрајни.

Првата задача, всушност, е нераскинливо поврзана со втората и претставува, општо говорејќи, главна задача во композицијата на сликарството и цртежот; тоа е задача на која сега и е судено да биде истакната со огромна сила, а нејзиниот почеток е т.н. ново сликарство. Очигледно е дека оваа новина не е квалитативна (темелна), туку квантитативна. Оваа композиција е непроменлив закон на секоја уметност од кој било период, почнувајќи од примитивната уметност на „дивјаците“. Блиската Епоха на Големата Духовност расте пред нашите очи и токму овој вид композиција мора да ја игра улогата на најистакнат пророк, пророк кој веќе ја води чесната душа и кој ќе го води целиот свет.

Оваа композиција ќе биде изградена на оние исти основи кои ни се познати уште во нивниот зачеток, на основите кои сега секако ќе се развијат до едноставноста и соженоста на музичкиот „контрапункт“. Тој контрапункт (за кој уште немаме збор) ќе го открие на патот на Големото Утре оној ист и секогаш сигурен водич – чувството.

Еднаш откриен и искристализиран, тој ќе и даде израз на Епохата на Големата Духовност. Но, колку и да се мали или големи неговите поединечни делови, сите тие почиваат на еден голем темел – на ПРИНЦИПОТ НА ВНАТРЕШНА НУЖНОСТ.

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?