Книжевен гоБЛЕН

Со книжевни настани против културната апатија во Прилеп

Културата, воопштено перципирана како дисциплина, во нејзината основна сушност, претставува комплексна, жива и органска дејност, нужно и нераздвојно условена и поврзана од и со човекот и неговата позиција во природата и целокупното постоење на живиот свет. Човекот, како разумско, мислечко и политичко битие, преку културата го наоѓа личниот и колективниот канал за развој и, истовремено, имплементација на својот творечки и интелектуален потенцијал. Едновремено, преку таа имплементација на креативниот порив, човекот на префинет и благороден начин го еманципира својот дух, ја облагородува својата душа и ги рафинира своите свест и нарав. Како таков, човекот ја позиционира својата духовна и самосвесна издигнатост далеку повисоко од сите останати живи суштества. Поради тоа, нема никаква претераност во тврдењето дека културата е квинтесенца на човечката цивилизација и единствен постулат врз кој се темели и од кој зависи развојот, но и постоењето на истата.

Културата и лавиринтот на безсодржински концепти

Истовремено, културата е и темелот кој, доколку биде разнишан (а веќе го сведочиме зародишот на тоа) и срушен, ќе предизвика духовна ерозија на цивилизацијата, а воедно и на човештвото, која би била евидентна на краток рок, а на долг рок би имала катаклизмични размери. Денес, ние, кои ја живееме оваа сè поизбезумена денешница, сведочиме едно систематско девалвирање на културните вредности и начела, најчесто во интерес на толку фамозниот и озлогласен концепт на капиталистичкиот опортунизам, агресивно наметнато преку таканаречената „инстант култура“ и динамика на живеење, но и во интерес на индустријата на военото безумие, која и низ историјата, а и денес, се покажала како незаситен голтач на сè што се дефинира како културно наследство и вредности преку кои се идентификува било која локална култура. Овие две инвазивни влијанија на систематски начин произведуваат лавиринт од празни, безсодржински концепти базирани на материјалистички интерес во кој човечката егзистенција е опасно залутана.

Сведоштвата за овие бескрупулозни закани кон културното постоење, завиени во фина повеска со заводливи орнаменти и лажен сјај, денес се евидентни како никогаш досега. А хиперпродукцијата на културните содржини третирани како економски производ, од кои најголем дел со сомнителни квалитет и вредност, дополнително ја разградува суштината на културата како некој вид на канцер кој си го јаде сопствениот организам. Иако, уште од древните цивилизации, преку антиката, и сите останати културно-општествени периоди и стилски формации, културата, некогаш почесто, некогаш поретко, се третирала и консумирала како елитистичка содржина, најодговорно можеме да тврдиме дека таа ниту е, ниту може да биде елитистички економски производ, токму поради нејзиното благородно влијание и насушната човекова потреба и порив од и за истата. А тоа влијание е еднакво достапно за секој и секаков профил на човечки ентитет, во зависност од неговата желба и волја за облагородување на сопственото постоење.

Одржувањето на културата во живот – должност и одговорност

Денес, ние, како степен на нашата цивилизација и форма на општествено егзистирање, сме тука каде што сме и тие коишто сме, единствено благодарение на таа воопштена дејност која ја нарекуваме култура, со зародиш во најстарите времиња и почетоците на првите заедници од предците на хомосапиенсот, преку сите древни, денес веќе исчезнати цивилизации, чии културни достигнувања, начела и вредности ни се посредно достапни, па до современите културни правци од кои некoи и лично сме ги посведочиле. Ова, денес, е нашето време, со сите недостатоци и предности.

Ние сме должни и одговорни да ја одржиме културата органски жива среде оваа комплексно хаотична денешница во која веќе и самото поимање на реалноста е доведено во прашање под наплив на разните инстант форми и можности за „паралелни постоења“ овозможени од брзорастечките вештачки виртуелни концепти и платформи. А одржувањето и издигнувањето на културата на ново, повисоко ниво, перманентно му додаваат смисла и онтолошка оправданост на нашето постоење. Секој друг однос и третман на културата е и ќе биде само агресивно дефокусирање кое нуди лажни изговори да ја изгубиме смислата за постоење и себеспознавање. Одговорни сме кон самите себе, но и кон сите идни времиња и цивилизации кои својата шанса ја имаат преку нас.

Конкретна реакција на апатијата

Идејата за концептот на културно-едукативниот циклус што годинава почнавме да го реализираме во Прилеп ја имав од пред две години, но не во ваков формален формат. А предлогот за реализација на овој, како што „кумата“ го нарече, „Процеп во процес“ (име кое циклусот си го доби малку после неговиот почеток), фактички го иницираше актуелната директорка на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Марија Попова Јованоска. На нејзина иницијатива, во неформален разговор за длабоката криза и апатичната состојба во која и институционално и содржински се наоѓа прилепската културна средина, заеднички дојдовме до идеја и договор за конкретна реакција.

Тие, како институција, целосно отворено и срдечно ја дадоа поддршката за овој едногодишен циклус кој го понудив јас од моја страна. И морам да бидам искрен, дека почетокот на „процесот“ беше прилично успешен според мое видување. Двете јануарски промоции на книгите „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски и „Дијалози“ од Коста Бојчески, со замислата и реализацијата на идејните концепти кои ги имавме дефинирано, внесоа свежи вибрации меѓу прилепчани, или барем оние кои сè уште се „гладни“ за културно-уметнички содржини. Истовремено, наметнаа и една динамична концепција која, искрено, ќе биде предизвик да се одржи до самиот крај со иста свежина и креативност.

Концептот на „процепот“ и планот за цела година

Концептот е прилично едноставен, со идеја да обедини, пред сè, што повеќе луѓе од прилепското културно милје. Но, едновремено, идејата е да не се ограничиме само на локалната културна критична маса, туку и на сите македонски имиња кои ќе имаат желба да бидат дел од овој културолошки „процеп“. Станува збор за едногодишна серија од литературни промоции, предавања, дебати, трибини и проекции проследени со дискусии, не само од областа на литературата, туку и на други културно-едукативни сфери (театар, филм, археологија, ликовна уметност, образование, филозофија и слично).

Планот е да се држи некоја динамика од два до три настани месечно, временски координирани и просторно усогласени со другите тековни настани кои ги има прилепскиот Центар за култура од обласните дејности кои ги има под своја закрила, за да нема поклопувања на настани и содржини. Со тоа, како што заедно со тимот од „Марко Цепенков“ се надеваме, прилепската публика ќе добие една поконкретна, подинамична, поразновидна и побогата програма, со што културата вистински и содржински ќе си се врати во својот матичен дом, а со неа и публиката и поддржувачите на центарот.

Leave a comment