Симона Јованоска: Пишувајќи, јас сум набљудувач, настапувач, критичар и талент истовремено
Симона не се разбира многу во историја и теорија на книжевност, не ги следи современите книжевни текови или домашната книжевна сцена и многу често си велам блазе си ѝ што е така, затоа што на тој начин си го гради својот стил автентично, како што ѝ доаѓа однатре.
Пред некое време излезе нејзиниот прв и одличен роман „Денот на црвот“, во издание на „Или-или“. Го читав неколку пати и секојпат одново ме воодушевуваше. Со леснотијата со која се влегува од една приказна во друга, со начинот на раскажување што ем те заведува ем ти бара да бидеш 100% тука за да го следиш, со темите и мислите што ни ги окупираат мозоците на сите од нашата генерација и што ги вади на површина со еден зафркантски но и смртно сериозен пристап… Проблемите што нè јадат, маките да се справиме со нив и чувството дека единственото решение е во бегството и во промената – дал сме црви, чавки или умислени човечки битија, ако животот го живееме сега и тука, токму од нив не можеме да избегаме и токму со нив Симона нè поведува да се соочиме.
Зошто пишуваш, Симона? За кого пишуваш? Имаш ли некој идеален читател што го гледаш пред себе додека пишуваш?
Мојот пишувачки порив е доста често контрадикторен, самиот себеси се обидува да се негира, да се задуши, да се заузда, да се игнорира. Кога пишувам наменски (на работа како копирајтер или за некој конкурс), јас пишувам едноставно за победа, за да добиеме тендер или за да освојам некоја награда. Ќе речеш, ех зарем сè уште те мотивираат победи, и ќе ти одговорам потврдно: да, победите ми се еден од ултимативните афродизијаци :D. Но, ако упростиме и ако сме доволно искрени – пишувам за себе. Ми делува терапевтски, ми претставува душевна активност, самоанализа и пловење по далечни непознати предели на себството.
Инаку, немам замислен читател, гледам она што го пишувам да „звучи“ добро, да има ритмика, пишувам по слух и сакам себеси да се изненадувам. Едно време сакав да верувам дека пишувам за интелектуалата. Таа мисла особено ми ласкаше, ама како што минува времето, сè почесто своите ликови ги пронаоѓам во луѓе од секојдневието и токму тие луѓе не би ги иззела од читателското тело.
„Никој не зборуваше гласно за доба како оваа“, вели нараторот на почетокот на романот и како да навестува дека има намера да го смени тоа. Дали сметаш дека на нараторот му даде доволно силен глас за да проговори за оваа доба? Успеа ли да ги раскаже „приказните на градските луѓе несвесни за чуда“?
Колку луѓе – толку потенцијали за чуда 😊. Обично пред да пишувам јас не знам како ќе се развива дејствието, сакам ликовите самите да ја сплетат приказната и да ме одведат до крајот. Од една ситуација во друга, од еден протагонист во друг, од една бизарност во друга нараторот опфати различни профили на луѓе во нишката, давајќи ѝ природен тек. Дали доколку би го пишувала одново би имал поинаков тек? Веројатно. Дали би сменила во моментов нешто? Не. Со окото на нараторот се обидов да ѕирнам во туѓи џебови, постели, стравови, дилеми, копнежи, јадови, планови, љубови и страсти – во секое апсолутно лично, но и универзално чувство или состојба. Исто како и кај расказите, и во овој роман, преку нараторот се слуша гласот на навидум обичниот, тивкиот човек од соседството како непресушен извор на чуда.
Односот родители-деца е тема што ја обработуваш на неколку места во романот. Влијаеше ли родителството врз твоето пишување?
Да, секако. Пред да имам свои деца јас бев типичен дечар – децата отсекогаш ме сакале и со нив сум знаела како. Но, како на иден родител, тоа ни приближно не може да ти го наговести предизвикот во целост; мораш самиот да се најдеш во таа улога за да ги разбереш нештата вистински. Интересно е тоа што, како личност, освен што ми го скрати слободното време, родителството не ме промени драстично, само ме надополни, зашто во суштина јас сум истата како и порано, ги сакам истите работи – да изгледам добар филм, серија, да одам на концерт, на пијачка со друштво итн. За моето пишување тоа беше особено важно, зашто интензитетот на обврските е особено јак и многу е лесно човек да се изгуби себеси во улогата на родител.
Самци во брак, сопружници глуви за потребите на партнерот, маж тепан од својата жена, жена што живее во сенка на својот маж дури и по неговата смрт… Постои ли рамнотежа на вагата на бракот, има ли нешто на другата, позитивната страна што ја нема баш во романот?
За рамнотежата на вагата во бракот одговорни се брачните партнери :). Бракот, самиот по себе никогаш не е лош ниту добар, но комплексниот однос внатре меѓу партнерите е нешто на кое се работи од денот на стапување во брак па до крај. Тој е работа меѓу партнерите и доколку успеат да го менаџираат добро, знае да биде идиличен. Всушност, сè зависи од природата на личноста, дали за некого среќата претставува категорија на мир или на возбуда, дали е подготвен да прифати дека во заедницата и двајцата секогаш ги делат подеднакво и подемите и падовите, дека подеднакво се и виновници и победници итн. Со добар договор, почит и неземање на другиот здраво за готово, институцијата брак непречено функционира. Љубовта внатре, пак, е нешто кое не подлежи на институционални ветувања зашто ние не живееме во стерилна средина и никој однапред не може да знае што ќе се случи во иднина. Работа, работа и само работа за да вирее било што, па дури и убавината во брачната заедница :).
Во романот има плејада ликови кои претежно се исполнети со неисполнетост, а среќата ја наоѓаат во мали нешта – понекогаш благородни, понекогаш пакосни. Сепак, кај сите е силно изразена желбата да направат промена во својот живот. Како гледаш на животните промени? Кои се најголемите промени во твојот живот?
По природа имам отпор кон промени, особено доколку се големи. Сакам кога нештата ми се познати и функционирам во однапред утврдена рамка. Истовремено, тоа ми е знак дека нештата се движат во вистинска насока. Немирот и анксиозноста кои ги чувствувам на прагот пред големата промена, пак, ми наговестуваат дека сум на вистинскиот пат. Во животот ми се случиле неколку големи промени кои, иако во моментот изгледале страшни и безизлезни, од нив сум излегла како подобар човек во некоја смисла. Промената на работата ми е една од поголемите промени. По седум години работа во банкарскиот сектор, се вработив како копирајтер во маркетинг-агенција во којашто работам и денес; мајчинството ми е исто така голема промена; преселбата од Гостивар во Скопје како студент итн. Мојата дилема е дали големите надворешни промени прават суштински промени на личноста однатре и до ден-денес сè уште немам конечен одговор на ова, но ако дојдам до него ветувам дека за тоа ќе пишувам во следната книга :).
Колку и да бегаш од локалното давајќи им на ликовите странски имиња, нашето (па и балканското) е длабоко вкоренето во твојот роман. Плус, изобилството на хумор го гледам како целосно отелотворение на тукашниот светоглед. А ти?
Никогаш не сум сакала дејствието во книгата (и во расказите) да го позиционирам на однапред определена локација, иако, мора да признаам, тој момент кај другите книги многу ми се допаѓа. Сакам да верувам дека ликовите се универзални, иако истркалани низ локална кал, и дека со нив можат да се поистоветат луѓе од разни делови на светот. Не се дистанцирам по секоја цена (верувам дека тоа не е ни можно), со оглед на тоа што јас сум родена и живеам тука целиот свој живот. Тоа е мојот хумор, тоа е мојот сарказам со кои се служам за да го ублажам мачното постоење во трагикомичната реалност во којашто живееме и за момент да се осетам „над“ ситуацијата, додека во суштина сите, помалку или повеќе, сме во исти гомна. Ти благодарам за забелешката за хуморот, ми се чини неправедно е изземен од другите перцепции на романот, не знам дали не го забележуваат или не им значи, но мене ми значи, особено ми е важен.
Тука е и играта. Хераклит велел: „Времето е дете што со камчиња си игра, царство детско“. И кај тебе низ целиот роман ја има таа игра – дали како игра со зборови, имиња и наслови на песни, како пројавувања на чавката и црвот во чудни ситуации и форми или како тема во главата со Пабло и со Кортасар. Што е финтата со луѓето и играта, со пишувањето и играта? И што кога играта ќе ја снема?
Играта е сè! Додека размислувам за некоја следна сцена, јас однатре потскокнувам, ме разбираш, ја сум претворена во набљудувач, настапувач, критичар, талент истовремено. Во мене таа игра буди некоја прастара среќа, неоптоварена од наметнати стандарди, туку прост флерт со контексти, можни и помалку можни ситуации, сплетки и расплетки, надитрувања, надзборувања, порази и победи. Да не беше присутно ова чувство, верувам дека одамна ќе завршев со пишувањето и со читањето кое, поради обврски и немање време го имав сведено на минимум, но периодов му се навраќам. Секој однос, секоја интеракција е социјален танц на познати и непознати подиуми, а кога детето во мене се радува, не можам а да не му се придружам :).
Ролан Барт во 1967 година ја прогласи смртта на авторот. А ти на твојот умрен писател иронично му донесе платена тажачка на празниот гроб за да разговара со него за смислата на неговиот живот и за неговото пишување. Каков е твојот впечаток за книжевноста денес, за книжевноста кај нас – дали е поважно делото или авторот?
Ние сме мала книжевна сцена во која, за жал, секој со секого се познава. Велам за жал, зашто во тој случај царува пристрасност и, наместо кон делото, се гради култ кон авторот/авторката. Ја сум аут од сите книжевни кланови, не зашто се сметам за подобра од тоа, туку зашто едноставно тоа сум јас, така функционирам – оставам делата да говорат за она што го правам, мојот лик е тотално небитен. Преудобно се чувствувам во пишаниот збор за да ме загрижува овој тренд, верувам дека она што е добро, порано или подоцна го наоѓа патот до својата публика.
Ова е роман за денот на црвот. Колку луѓето се свесни дека секој нивни ден е ден од животот на црвот?
Не с(м)е свесни и мислам дека така треба да биде. Знаеш, премногу е тешко да се живее со сознанието дека сме конечни, ранливи и кревки. Врз тие некои здрави игнорирања почива добар дел од нашата животна конструкција, од нашето секојдневие. Од друга страна, неретко сè земаме здраво за готово, па во тие моменти е добро да се потсетиме накратко на црвот, на тоа кои сме, од каде сме, од каде доаѓаме и на каде одиме. Секако, со доза на хумор, зашто why so serious?
А тој што пишува – дали е помалку или повеќе црв од другите? И, ај уште нешто подиректно, каков црв си ти, Симона?
Ја сум еден скроз необичен црв – кревок и силен истовремено, нервозен и избувлив, лојален и на располагање на пријателите, затворен во тесен круг од блиски, расеан, љубопитен и чесен, но пред сè, црв каков што не си запознала на ниедно друго место :).
Насловна фотографија: Ѕвонко Плавевски
Наташа Атанасова
...