Книги

„Денот на црвот“ – хорскиот глас на нашите внатрешни гласови

(осврт кон книгата „Денот на црвот“ од Симона Јованоска, во издание на „Или-или“, 2021)

СТРАШНО: Црвот со педигре се најде во клунот на предаторот! ШОКАНТНО: Болничар тајно го миел лицето со крв од болницата! КОМИЧНО: Домаќинка се фрлила од први, се испокршила и, нормално, преживеала! ОТКРИВАМЕ: Сопругата на славниот писател Ричард Милер го задушила на спиење!!! СЕ СЛУЧИ ЧУДО: Ликот на Киану Ривс се појави на ѕид во центарот на градот (ФОТО)! ПОВОЛНО: Плаче по погреби и воспоставува контакт со мртвите – еве кого треба да викнете доколку ви умре близок! ФРАПАНТНО: Фризерница на задоволствата – тука освен фризура клиентите добивале и…!

Ако човек се фати за спектакуларното во „Денот на црвот“, може да продолжи да ниже вакви жолтопечатски наслови, затоа што романот нуди изобилство од таков „материјал“. Меѓутоа, врз проѕирниот слој на намерните банални тривијалности се напластува сета сложеност на ликовите од крв и месо: нивните мисли, ставови и идеи, сиот товар на случувањата од детството, на погрешните одлуки од минатото и заебаните случајности на сегашноста, кои во нив ја подгреваат желбата, но не секогаш и волјата, да се ослободат од канџите на невидливите стеги.

(Не)спектакуларноста на животот

Романот, кој е составен од 19 поглавја во кои има 20-тина главни и барем двојно повеќе споредни ликови, на почеток нè мами како мали деца со лижавчиња: нè заведува со две приказни за црвот и чавката, кои наликуваат на басни. И додека ги правиме првите чекори и со детска радост читаме за нивните згоди и незгоди, наеднаш влетуваме во нагло отворениот прозорец во животот на возрасните – луѓе.

А животот, тој „популарен производ со сложено, речиси бескорисно упатство за употреба“ е изграден со љубов, врз грешки, грижи и горчина; полн со грижа, замор и хумор; празен од летаргија и монотонија; опсипан со очај, ситни задоволства и мали радости; разјаден од вина, грижа на совест и сарказам; разгорен од врева и бес, омраза и страв. И ваму-таму, со по некоја иронична надеж за светла иднина.

Без разлика на тоа дали животот се живее самечки или во брак, дали се одгледуваат деца или се догледуваат родители, дали се трага по себеси и својата природа, по вистинската професија или се бега од наметнатата, се живее во сјајот на славата или во сенка на славниот или, пак, се ита во пресрет на староста – животот генерално се сведува на лов: ловиш или си уловен; ќе каснеш или ќе бидеш каснат; ќе сакаш, ќе отсакаш, ќе те сакаат, ќе те отсакаат.

Нашиот цајтгајст

Отсекогаш во делата на современите македонски автори сум го барала духот на нашето време, сум сакала да го слушнам хорскиот глас на нашите внатрешни гласови. Се наоѓало тоа во делови де кај еден, де кај друг, меѓутоа кај Симона, која на почетокот пишува „никој не зборуваше гласно за доба како оваа“ за првпат го среќавам нашиот цајтгајст толку јасно и гласно исакажан, толку надолж и попреку опишан.

Читајќи ги приказните за ликовите, кои во духот на брзото време во коешто живееме, таа динамично ги раскажува, оригинално ги надворзува и досетливо ги исповрзува, она што најмногу ме воодушевува е што размислувањата, ставовите и постапките на овие луѓе се тоа што сме ние денес:

  • ние, кои сметаме дека „да си невидлив не е порок, туку начин на живот“;
  • ние, кои водиме „живот во согласност со своите скапоцени предрасуди“;
  • ние, меѓу кои поединецот „негува надменост, која го изолира во осаменички, но спокоен свет каде што нема потреба да се докажува колку е подобар од другите“;
  • ние, среќните меланхоличари, возрасни кои не знаат да поиграат со камчиња, „вечни кротители на инфантилната верзија од нас самите само за да припаднеме на прифатливите општествени кругови“;
  • ние, кои живееме „зад своето алтер-его, независно креирана, дигитализирана верзија од себеси и секој ден сè повеќе се поистоветуваат со неа“;
  • ние, кои „за осаменоста не разговараме, затоа што всушност немаме што да кажеме“;
  • ние, кои сметаме дека „екслузивноста во срцата е преценета“;
  • ние со „грмежи без звук кои ни ја полнат душата и однатре на површина ја вадат чистата омраза и несопирливата желба за пакост“;
  • ние со „старите лузни од детството и новите од монотонијата“;
  • ние, кои се трудиме да упаднеме во разговор во кој немаме што да кажеме;
  • ние, кои го „чувствуваме силниот притисок на воздухот во состојба на пад“…;
  • ние, на кои „стравот од острите свијоци на иднината им ги стерилизира погледите, пцостите и прегратките“;
  • ние, кои знаеме дека „ништо не останува скриено од големото уво на градот“;
  • ние, „црви над земјата, дрвеници, глисти, пијавици, гасеници, штетници во дизајнирана облека во вечен обид да пронајдат излез од тунелот, не можејќи да си признаат дека излез нема“;
  • ние, кои со чудата треба да внимаваме.

Ние, сите ние кои во четврток во 20 часот се гледаме пред МКЦ, на промоција на „Денот на црвот“ 😉

 


Забелешка: Сите делови ставени во наводници се директни или малку изменети цитати од романот.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?