Што ја прави една сликовница добра?

Пишува: Искра Димковска, преведувачка и уредничка на издавачката куќа „Сказнувалка“
Во секојдневието на мојата петгодишна ќерка постои Сиси. „Сиси е пантер, ама и сѐ друго.“ Лета побрзо од птица, трча побрзо од гепард, се преобразува од еден вид во друг. Леа, ќерка ми, често оди да преспие кај неа. Учат во истото училиште…
Фантазијата на децата е бесконечна. Децата живеат во тој свет, во светот на приказните. Оттаму приказните, па и во форма на книга, им се неминовно блиски и привлечни. Тие се нивниот хабитат, нивната животна средина. Сѐ што треба да направат возрасните е да не ги оддалечуваат.
Ние, возрасните, често запаѓаме во замка што ми ја предочи роман на чиј превод работам периодов. Ќе парафразирам. Возрасните го третираат детството како болест и брзаат да ги излечат децата. Да ги научат што е можно побрзо да го надминат и подготвени да влезат во светот на „големите“ (меѓу другото затоа често возрасните бараат и бираат поучни или едукативни приказни). Нетрпеливо чекаме да проодат, да прозборуваат, сами да заспиваат, да научат да ги контролираат емоциите, да молчат… и сѐ останато што нас нѐ прави „големи“, нив „мали“.
Оваа премиса со која навидум се оддалечувам од темата се надевам ќе ми помогне да ви го доближам моето поимање на добра сликовница, не од позиција на некаков голем стручњак, туку од позиција на човек, на читател и на уредник (со скромно искуство).
Хумор. Особено ми се важни и драги хумористичните сликовници и не случајно овој аспект го ставам на почеток. Не секоја хумористична сликовница е нужно добра, како што има одлични сликовници што воопшто не се хумористични, но јас просто многу го ценам добриот хумор. Сакам децата да се смеат. Кога знам дека таму некаде седеле деца со родителите и се кикотеле читајќи некоја смешна приказна, си помислувам дека сум/сме завршиле добра работа. А, и првите искуства се важни, детето ќе ја доживее книгата како нешто забавно и посебно, а не како нешто здодевно и наметнато.
Игривост. Под игривост не мислам нужно интерактивност, онака како што се поима кај нас, поврзана со боење, со лепење и сл. Важно ми е сликовницата на игрив начин да поставува прашања, а не да дава одговори. Да го забавува читателот. Можеби неочекуван пресврт во завршетокот, или илустрација што дозволува игра и по читањето…
Умешно изградени ликови. Ликови со кои читателот се буди и заспива, ликови што го придружуваат во игрите. Не би знаела точно како се градат такви ликови, но убедена сум дека е потребна голема умешност и одредено количество магија. Ликови од типот на Хиполит Колбас и на Среќко Котлев[1], на Мамбо Џамбо и на Мимбо Џимбо[2], на верверицата, на слонот и на мравката на Тон Телехен[3].
Квалитетна илустрација. Визуелното претставување е важно. Илустрацијата е подеднакво едукативна колку и текстот. Преку неа го градиме вкусот на детето, му нудиме визуелна порака. Особено драга ми е повеќеслојната илустрација, децата уживаат и многу успешно ловат детали во сликите.
Повеќеслојноста на текстот, па дури и интертекстуалноста, елементите, макар и со големина на честички, од други земји и светови, од други култури, од други времиња за мене се мирисливи зачини што би ги додала во секоја „манџа“. Текст што му нуди на детето богато, шарено игралиште, но не му наметнува порака, туку повеќе му отвора и му остава простор за размислување.
Квалитетно уредена сликовница. Сликовница со внимателно одбрана терминологија и синтакса прилагодена на возраста. Реченици што крцкаат од што се фино избрусени. И терминологијата и синтаксата ни пресложени, но ни преедноставни. Секогаш си повторувам дека децата се многу поспособни и поподготвени за повеќе, за следниот чекор отколку што ние возрасните мислиме.
Квалитетна изработка. Најпосле, и печатот е важен. Особено кај сликовниците наменети за предучилишна возраст. Фината моторика кај децата не е развиена како кај возрасните, па изборот на хартија и шиењето е добро да се соодветни и квалитетни за да не се кинат страниците. Така детето нема да се чувствува лошо затоа што ја скинало страницата, а родителот ќе го остава и помалото дете само да ужива во книгата без страв дека ќе ја оштети.
Иако секогаш повторувам и до последно останувам на тоа дека е важно да се остави детето да избере, сепак, возрасниот е тој што му ја пренесува љубовта за читање на детето, па особено во периодот кога возрасниот чита, сликовницата треба да одговара и на неговиот сензибилитет. Згора на тоа, сликовниците се наменети за препрочитување. А, децата на предучилишна и рана училишна возраст сакаат да ги препрочитуваат додека не ги научат напамет, па и после тоа.
Е, сега, крајот е одлична прилика да се побијам. Размислувам дали воопшто треба да размислуваме за концептот добра сликовница. Можеби многу подобар пристап би бил детето секогаш да го бира тоа што му треба во моментот, иако можеби тоа не се совпаѓа со нашите критериуми за добро. Вкусот се гради со читање. А, иако моето искуство е кратко, можам да кажам ретко, можеби никогаш, дете не се фатило за погрешна книга.
П.С. Немам јасни сеќавања од конкретни сликовници од најраното детство, но длабоко ми е врежана топлината на сеќавањата на вечерните читанки со мајка ми и со тетка ми.
[1] Расположенијата на Хиполит Колбас – Роксана Јенджејевска-Врубел („Бегемот“, 2020)
[2] Кога Мамбо Џамбо стана голем како џин – Јакоб Мартин Стрид („Антолог“, 2020)
[3] Писма до некого и до никој друг – Тон Телехен („Сказнувалка“, 2020)