Етика

Сакај ја уметноста во себе, а не себеси во уметноста

Насловот на овој текст се, всушност, зборови на Станиславски од неговите есеи посветени на театарската уметност. Иако се сосема прецизни, тие имаат широк опфат и важат за секоја уметност.

Есенва ми беше период кога се занимавав со превод на два негови есеи, кои пред Нова година излегоа во издание на „Театар Комедија“ во форма на едно мало книжуле што може да се носи во џеб и одвреме-навреме да се ѕирка во него. Особено ако се занимавате на кој било начин со некоја уметност и ако сакате да бидете сигурни дека терате по прав пат.

Кој бил Станиславски?

Константин Сергеевич Алексеев бил Русин, кој живеел во два века (1863-1938). Сам си го дал својот псевдоним Станиславски за да не го замараат неговите, кои не биле баш расположени да прифатат дека сака да се занимава со глума. И не само што успеал да биде добар глумец, туку станал и едно од најважните имиња во театарската уметност на ХХ век.

За Системот на Станиславски

Ова во голема мера се должи на неговиот „Систем“. Системот на Станиславски се наоѓа во неговите записи во текот на децениите театарска работа и се состои од правила и совети за глумците за тоа како да ја живеат уметноста. Неговите ригорозни техники за самоанализа и рефлексија, имаат за цел од глумецот да направат битие способно целосно да се соживее, односно да го живее ликот што го игра. Тој и самиот бил познат по своите експериментирања со ликовите, кога знаел да се маскира како скитник и пијаница и така да живее и да шета во јавноста одреден период за да може целосно да се слее со ликот.

За книгата „Етика. Уметноста на глумецот и режисерот“

Во оваа книга има два есеја на Станиславски, а темите што ги опфаќа во нив се:

  • односот кон авторитетите;
  • главни и споредни улоги;
  • психологијата на глумците и совладувањето на инстинктите;
  • младите глумци;
  • проби „ради реда“ и доцнење;
  • уметничка атмосфера, ред и дисциплина;
  • личен пример;
  • споредба на глумецот со пијанистот, танчарот и писателот;
  • План за етика;
  • театарските работници, администрацијата и гледачите;
  • првото истапување на сцена;
  • талентот и генијот;
  • творечко самочувство и творечка иницијатива;
  • личниот живот на глумецот…

Некои интересни цитати:

Ние глумците сме среќни луѓе, бидејќи во целиот недофатлив свет судбината ни дала стотина кубни метри – нашиот театар, во кој можеме да си го создаваме нашиот посебен и прекрасен уметнички живот, кој во голем дел тече во атмосфера на творење, мечтаење и негово сценско преобразување во колективна уметност.

.

Нема мали улоги, туку само мали глумци.

.

Во театар не смее да се влегува со нечисти нозе. Нечистотијата и правта истресете ги пред влезот, калјачите оставете ги во претсобјето заедно со сите ситни грижи, закачки и непријатности, кои го расипуваат животот и го одвлекуваат вниманието од уметноста. Истресете се пред влегувањето во театарот. А кога веќе ќе влезете, не дозволувајте си да плукате насекаде. Меѓутоа, во голем број случаи, глумците од сите страни во театарот ги внесуваат сите животни омрази, сплетки, интриги, озборувања, клетви, завист, ситното самољубие. Резултатот од тоа е да се добие не храм на уметноста, туку плукалница, вреќа за ѓубре, помијарник.

.

Мислете повеќе на другите, а помалку на себеси. Грижете се за заедничкото расположение и општите работи и тогаш и вам ќе ви биде добро. Ако секој од тие триста луѓе од театарскиот колектив во театарот носи бодри чувства, тоа ќе го излекува дури и најмрачниот меланхолик.

.

Кој е послободен: дали оној што ја оградува само својата независност или оној кој, заборавајќи на себе, се грижи за слободата на другите? Ако сите се грижат за сите, во крајна линија целото човештво ќе стане заштитник и на мојата лична слобода.

.

Сцената е бел лист хартија и може да му служи и на возвишеното и на ниското, гледајќи според она што се прикажува на неа, кој и како на неа игра. Што ли сè и како сè се има изнесувано пред рефлекторите…

.

(Административните работници, моја заб.) тие се тие што се појавуваат во театарот како страшно зло, како угнетувачи и рушители на уметноста. Немам доволно зборови за да ја излијам мојата злоба и омраза кон особено распространетите типови на административни службеници во театарот – безочните експлоататори на работата на глумецот.

.

Глумците се како создадени за експлоатирање, поради својата чувствителност и поради тоа што немаат сила за одбрана на своите човекови права.

.

Кој не го сака театарот во себе, туку себеси во театарот, треба да се оддалечи.

 

Станиславски целиот свој живот се залагал за висока професионалност во театарот и отстранување на дилентантизмот. Тој поставувал високи морални критериуми, затоа што цврсто бил убеден дека етиката и естетиката се неразделно поврзани.

Ако сакате да прочитате повеќе за неговите ставови и совети, книгата можете слободно да ја преземете:

ТУКА.

 

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?