Архива на преводи

Пофалба на Тарантино (Анте Томиќ)

Текстов на хрватскиот писател и колумнист Анте Томиќ е напишан пред две години. Иако во најголема мера зборува за „Убиј го Бил“, Томиќ го пишува за да објасни колку е добар (тогаш) новиот филм на Тарантино, „Си било еднаш… во Холивуд“. 

Знаејќи дека филмот е инспириран од вистинити настани, „Си беше еднаш… во Холивуд“, се гледа со мачна напнатост. Желудникот ви се грчи во очекување на прочуеното злосторство што го направиле следбениците на Чарлс Менсон и целосно е генијално што тоа очекување на крајот е изневерено. Квентин Тарантино ве измами и направи среќен крај, но не ви е криво поради тоа. Значи, олеснувањето и восхитот што ве обземаат кога ќе сфатите дека една бремена жена нема да биде заклана всушност се застрашувачки, од оној вид на чувства што ги предизвикува автентичната уметност.

Но, ако го познавате Тарантино, крајот на „Си било еднаш… во Холивуд“ не би требало да ве изненади. Овој режисер, кој од почетокот на неговата кариера го следи глас не бесчувствителен тип, морално рамнодушен циник кој го слави насилството и ги мрази жените, всушност е нежна душа и феминист. Неговите жени, од Миа Валас од „Евтини приказни“, преку насловната хероина „Џеки Браун“ и Беатрикс Кидо Невестата од „Убиј го Бил“, до Шошана Дрејфус од „Неславни копилиња“, сите по ред се помудри, подосетливи, поодлучни и похрабри од мажите. Освен тоа, трудниците во неговите филмови преживуваат. Квентин Тарантино не личи на социопат за каков што го сметаат: тој, уверен сум, никогаш не би напишал и не би снимил сцена во која навистина умира жена што носи дете.

Хипертрофираното насилство во филмовите на Тарантино во основа не е поинакво од насилството во цртаните кога Том со секира ќе го распарчи Џери или кога којотот ќе фрли концертен клавир врз брзата птица итрица.

Кланица на венчавка

„Убиј го Бил“, четиричасовната приказна во два дела, за бремената жена платен убиец која се буди од повеќегодишната кома по кланицата на венчавката во Ел Пасо, сфаќа дека го изгубила детето, па тргнува во долг, немилосрден одмаздољубив поход во кој убива и осакатува седумдесетина посредни или непосредни виновници за нејзината трагедија, најдобро го објаснува овој автор. Иако се доживува како несериозен и спореден во неговиот опус, како некаков збир на жанровски вежби со чудна кунг-фу фантазија, „Да се убие Бил“ е неговиот можеби најличен филм и најоригинално ремек-дело. Ако ме прашувате мене, Квентин Тарантино нема снимено ништо подобро.

Критичарите беа ужаснати од насилството веројатно повеќе отколку од кој било негов филм. За американските кина поглавјето „Пресметка во куќата на сините лисја“, со кое завршува првиот дел од „Убиј го Бил“, дури беше и сменето од колор во црно-бело за чувствителните гледачи да не се возбудат нездраво од црвенилото што прска од исечените екстремитети. Режисерот навистина си дал оддишка. Попедантните набројуваа четириесет и осум членови на бандата „Луди 88“ на подот на јапонскиот клуб, испосечени од блескавиот меч на главната хероина, незадоволни прашувајќи се зошто? Зошто, побогу, целата таа крв и црева, врискаа сложно наставниците, градоначалниците и родителите во 2003-та од „Убиј го Бил“, како што во 1992-ра врискаа од „Касапски кучиња“ или во 2019-та гледајќи како Бред Пит во „Си било еднаш… во Холивуд“ ја зграпчува за косата на тилот следбеничката на Менсон и толку безмилосно ја треска од ѕид сè додека лицето не ѝ стане непрепознатлива кашеста маса.

По сите негови филмови неуките вознемирувачки истрајно го повторуваа истото глупаво прашање, не контајќи дека авторот претерува со насилството за да го направи нереално, апсурдно, всушност комично. Не можете тоа да го доживеете сериозно. Хипертрофираното насилство во филмовите на Тарантино во основа не е поинакво од насилството во цртаните кога Том со секира ќе го распарчи Џери или кога којотот ќе фрли концертен клавир врз брзата птица итрица.

Иако на снимањето на „Убиј го Бил“ се потрошени повеќе од илјада и седумстотини литри лажна крв, тоа е многу повеќе забавно отколку потресно. Во оваа приказна во суштина е потресно нешто друго: мајчинството на главната хероина. Таа страотна сила, најголема во универзумот, тој голем оркан, усвитеното магнетно поле на емоции меѓу жената и нејзиното дете, ги носи четирите часови на филмот. Беатрикс Кидо Невестата убива повеќе од седумдесет луѓе, но тоа не е ништо. Ви се чини дека таа би можела да го запали светот до темел, од бес и од тага и од избезуменост што нејзината ќерка ја нема.

Квентин Тарантино на неколку места остава знаци за што всушност е неговата приказна. Прво во двобојот на главната хероина и Вернита Грин. Двете жени се тепаат со боксови, нозе и ножеви, безобѕирно кршејќи го мебелот и ѕидовите во дневната соба и во кујната на семејната куќа, а зад нив, низ прозорецот, се гледа жолт училиштен автобус како застанува на улицата. Од автобусот излегува едно мало девојче со ранец на грбот, оди по патеката низ дворот и влегува внатре. Во моментот кога таа ќе влезе , и Невестата и Вернита Грин како на команда застануваат, бргу скривајќи ги ножевите зад грб и глумат, и покрај кршот од малтер, дрво и стакло околу нив, дека тука ништо необично не се случува. И едната и другата премолчено сфаќаат дека децата треба да се поштедат од гадните глетки.

Малку подоцна ја гледаме и веќе споменатата сцена во која Невестата се буди во болница. Кога ќе ги отвори очите, инстинктивното движење ѝ е да ја стави раката на стомакот, а нејзиниот ужас што стомакот ѝ е рамен, што таму нема дете, е поголем од сите ужаси кои ќе следуваат во приказната.

А тука е и флешбекот кога ќе открие дека е бремена. Во хотелската соба Невестата само што уринира врз брзиот тест за бременост кога ја начекува Карен, исто така платен убиец, со сачмарка. Невестата итро се фрла на креветот и го фаќа пиштолот. Тие две го држат оружјето вперено една кон друга, но наместо да запукаат, почнуваат да преговараат. Невестата ја моли Карен да ја остави да живее бидејќи само што дознала дека е бремена. Меѓутоа, Карен е сомничава. Невестата ја упатува да го погледне тестот за бременост паднат на подот меѓу нив. Карен прво го подигнува тестот, а потоа и кутијата, го чита упаството и на крајот на една сцена што може да трае само колку што траат сцените во филмовите на Тарантино, сфаќа дека Невестата не ја лажела, па полека, внимателно излегува од собата, ја спушта пушката и на заминување на идната мајка кратко ѝ дофрлува: „Честито!“

И на крај, тука е сцената кога Невестата ќе дојде во станот на Бил, со пиштол в рака и со меч на грб, ќе упадне на врата и шокирано ќе сфати дека ќерка ѝ е жива. Девојчето со црвеното пластично пиштолче демек пука на неа – пау, пау, мамо! – а Невестата глуми дека е погодена и паѓа на тепихот. Но, всушност, таа и е погодена. Паѓа покосена од емоциите, баш како и гледачот. Ова е момент во кој, колку пати и да го гледам „Убиј го Бил“, морам да го запрам филмот додека не се смирам. Понекојпат во паузата го пуштам Пол Симон со „Mother And Child Reunion“.

Квентин Тарантино го напишал „Убиј го Бил“ за година и пол во Њујорк, дружејќи се со Ума Турман и со нејзината мала ќерка и, според неговите зборови, сè до пред крајот на пишувањето не знаел дека девојчето од приказната го преживеало масакрот на венчавката во Ел Пасо. Но, јас мислам дека го насетувал тоа. Морал да знае по нешто. Тарантино, кого и самиот го одгледала самохрана мајка, медицинската сестра Кони Мекхју Заступил, снимил чудесно убава посвета на мајчинството, на борбата и жртвите на кои жените се подготвени за своето дете. И покрај сите обвинувања за мизогинија, Тарантино создал хероина која истовремено е и привлечна, и паметна, и посилна од кој и да е маж. Кој не би се плашел од таа лудача? Беатрикс Кидо во припиениот жолт моторџиски комбинезон со долгиот самурајски меч е феминистичка икона поуверлива од сите професорки по книжевна теорија од Конектикат.

Бездушен гад

На крај, таа и го убива бездушниот гад од насловот на филмот. Иако го сака, исто како што и тој ја сака неа, и сето она што четири часа сме го гледале на крајот се открива дека е плод на едно ужасно љубовно недоразбирање, стариот Бил просто мора да умре, а нивната борба е неочекувано пократка од сите претходно. Невестата дури и не го убива со мечот што специјално за таа пригода ѝ го направил големиот мајстор Хатори Ханзо, туку со голи раце, на маса, со таинствената кунг-фу техника на древниот будистички свештеник, по која жртвата може да направи само пет чекори.

„Паи Меи ти ја покажа техниката на петте точки од кои експлодира срцето“ – се чуди Бил во претсмртната треска, додека крвта од устата му тече низ брадата.

„Нормално“, вели Невестата.

„Зошто не ми кажа?“

„Не знам… затоа што сум лоша личност.“

„Не. Не си лоша личност. Ти си прекрасна личност. Ти си мојата најсакана личност. Ама од време на време знаеш да бидеш вистинска пичка“, вели Бил насмевнувајќи се и до надлактицата бришејќи ја брадата. Потоа ја прашува: „Како изгледам?“

Невестата, со очите полни солзи, нежно ја става раката врз неговата и вели: „Изгледаш спремно“.

Бил станува од столот, со достоинствено држење, зачекорува и го поправа сакото, се врти и заминува низ вратата. Прави еден чекор. Два. Три. Четири. Пет. И паѓа мртов на тревата.

Љубовната приказна всушност не може да биде подобра од ова. Некој друг уште тука би го затемнил екранот и би ја пуштил одјавната шпица, но Тарантино не заборава за што е неговата приказна, што му е на прво место. Невестата заминува носејќи ја ќерката во раце и се возат во ноќта. Во мотелската соба утредента наутро девојчето седи на постелата и гледа цртан филм, а Невестата лежи зад вратата, на подот на бањата и тресејќи се од липање повторува: „Фала. Фала. Фала“.


Извор: Јутарњи лист

 

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?