Плава терапија

Во природата има небројни нијанси на плаво, пред се забележливи во водата, на небото и планините. Сонцето е тоа што ја држи четката в раце, кое додава и одзема светлина по потреба.

Сонцето е уметникот, креаторот.

Сонцето е енергија и движечка сила.

Сонцето е волја.

Во суштина, ниту водата е плава ниту небото. Плав е нивниот отсјај, нивниот ореол, нивниот здив. Моќта на нивната енергија е огромна. За мене плавата боја е едноставно моќен збир на невини празнини. Едно огромно ништо.

Плавата боја е боја на празнината, тишината и мудроста.

Надвор сончев ден.

Излегуваш.

Седнуваш на клупа и се загледуваш во небото.

Нема ништо, а уште гледаш како да бараш нешто повеќе, нешто скриено во празнината – човековата склоност да му бара маана на совршенството.

И убаво ти е.

Сонцето те грее и ти праќа информации.

Читаш природа.

Седиш така небројни мигови навидум не правејќи ништо и забораваш на времето.

Тргаш накај дома полн со едноставност.

Исчистен си и невин.

 

Фото:  Francesco Ungaro од Pexels

M.A.

Пливачка во плаво.

Што мислиш ти?