Писателот и градот (Мирко Ковач)
Секој од нас засакува или замразува некој град често не ни знаејќи зошто, било во него да сме се нашле за првпат, било да сме престојувале подолго или пократко време. Некое лошо или добро искуство може да влијае на нашите чувства кон одреден град. Со градовите е како и со личностите; можат да ви бидат драги, симпатични, одбивни; можете да се заљубите на прв поглед или да остварите трајно пријателство. Градот е живо битие во кое пулсира збирот од сите својства на неговите жители, сите културолошки, историски, антрополошки, класни и други разлики. Во него се собира сето она што ви дава право без стеснување да користите термини како тие дека градот некого прифатил, прогонил, прославил, му се оддолжил, го убил итн., бидејќи го имаме издигнато до ниво на личност и го имаме поистоветено со животот. Родниот град, како што вели Песо, е „како колевка“; за него нè врзуваат спомени, бои, мириси на детството, пријателства, роднини, а сепак толку пати сме мечтаеле за бегство од таа колевка и тешкотија, сме се конфронтирале со градот, сме го прогласувале за непријател или сме се обидувале да го смениме.
Писателот и градот, тоа е речиси посебен статус; одвај може да се најде поет кој не се занимавал со градот како со поетска тема, ги опевал неговите убавини, неговите тајни, го овековечил или удрил по неговите митови. Во Париски слики Бодлер пее дека поетот како крал се симнува во градот за да ги облагороди нештата. Тој вели: „Во лавиринтите на големиот град, дури и ужасот крие некои убавини“. За Витман градот е љубовник, таму се оргија со „блесок на окото“; за Борхес Буенос Аирес е лавиринт, тој постојано го премолчува, бидејќи „не сме споени со љубов, туку со страв“. Тој својот град го смета за личност која не ја сака неговата поезија. Итало Калвино го избрал Торино како „идеален град за пишување, бидејќи повикува на строгост и стил“, а најмногу „го красат доблести слични на доблестите на моите сонародници“. Тој тврди дека градовите влијаат на писателот исто како и книгите што тој ги чита. Париз го нарекува енциклопедија. Всушност, Калвино е автор на прекрасната книга Невидливи градови во која возбудливо раскажува за имагинарните градови како симболи на потрагата по некое царство, бидејќи градот со сите противречности е царски имот. Калвино, како и познатиот холанскиот архитект Рем Колнас, го доживува градот како „метафизичка оска“ и покрај сите негови реални линии, нечистотии, испиени улици, урбаниот хаос или, пак, убавината и складот на прекрасните градби и плоштади, убавите замоци и добро уредените паркови.
Двајца автори, Аргентинецот Алберто Мангуел и Италијанецот Џиани Гвадалупи напишале заедничка книга – Речник на имагинарни места, некој вид географски поимник на земјите, островите, републиките, населбите во џунглите, државите на „џиновските жени“, градовите од железа, заливите; значи, за местата кои ги нема во атласите. Има доста совршени пронајдоци и откритија, како на пример градот Абатон, кој никогаш не е на исто место. Авторите се обидуваат да докажат дека со постоечкото секогаш оди непостоечко, дека видливата страна има и невидлива. И Марк Оже вели дека ние, всушност, постојано патуваме или кружиме „од место до неместо“. Калвино бил воодушевен од „измислената географија“ на двајцата писатели, па рекол дека нивното дело е едно од најважните во Библиотеката на непотребни книги.
Животот на големиот полски писател и благородник Витолд Гомбрович би можел да се нарече Во потрага по изгубениот град. Тој поминал речиси дваесет и пет години во емиграција, живеејќи во Буенос Аирес, а кога се вратил во Европа, бегал од град во град. Во Париз се нашол по триесет и осум години. Во својот познат Дневник пишува како одел низ Париз со сведната глава, носталгичен за Аргентина. „Паризе, мислев, Паризе, стар теноре, свената балерино, сед мангупе, кој ли е твојот смртен грев кон Убавината“. Бил „антипариски расположен“; запишал „Париз е дворец, но сè во него оставаше впечаток на дворска послуга“. Годината 1964 стигнал во Берлин како стипендист на Фордовата фондација и таму останал една година. „Берлин е како лејди Макбет, без да земе здив ги мие своите раце…“ По една година го напуштил Берлин толку немоќен што одвај влегол во авион, а потоа се населил во Ројаумонт, триесет километри од Париз, „таа автомобилска апокалипса која завива, урла, јури, смрди“, но и тој град не му одговарал, бидејќи насекаде одѕвонувала празнина, сè изгледало опустошено и мртво – град кој „временски протекувал“. Конечно се сместил на Азурниот брег, го пронашол своето гратче Венце, каде што набргу и умрел. Живот во потрага по изгубениот град или барем гроб во некое мирно и тивко приморско заливче.
И додека Гомбрович имал проблеми со градовите-духови и Французите го прогласиле за „мразач на Париз“, српскиот поет во емиграција Милош Црњански го кител со ода Белград ласкајќи како во него „нема бесмисла, ни смрт“ и како сјае „како ископан стар меч“. Во тоа време кога блудниот син се враќал од емиграција во татковината, кога клекнал во црквата на својот град чекајќи тој Белград „да го бакне како мајка“, еден српски писател, во тоа време славен и многу попознат од Црњански, буквално шпартал низ Европа, преведен на повеќе од триесет јазици, присутен во медиумите, со смисла за маркетинг и пари, прочуен по откачените и вчудовидувачки изјави. Тоа бил Миодраг Булатовиќ. Неговиот роман Црвениот петел лета кон небото, само на јапонски имал тираж колкав што Црњански не постигнал со сите свои изданија, за целиот свој живот. Но, славата на Булатовиќ била ограничена, траела можеби една деценија, за потоа сам да ја уништи, а неговата луда глава да го доведе во најцрното нацистичко легло. Во таа своја деценија на слава говорел сè и сешто, духовито и будалесто, но никој не го исцрнил Белград така како што тоа го направил тој во загрепскиот весник Телеграма (8 октомври 1965 г.). Тоа се случило откако во Белград му го забраниле печатењето на романот Херој на магаре; идеолозите го прогласиле за деструктивен, бидејќи го навредувал моралот и наследството на НОБ. Поистоветувајќи го Белград со цензорите, Булатовиќ се нафрлил на тоа „загадено гратче“, на чаршијата од која никој не може да биде „полукав и поподол“, на градот кој не трпи таленти, кои им доделува награди на „оние кои се минливи“. Тој вели: „Во овој обожаван, во овој разгален, во овој инфициран Белград тешко е да се живее стоејќи исправено. Во овој град од кој одвај чекам да ја здувнам, најтешко е да се биде поразен“. Друга и долга приказна е тоа што несреќниот писател, во времето на цутот на српскиот национализам, сето тоа го излижа и како кучка со подвиткана опашка се врати во „загаденото гратче“, ситно играјќи моравец во орото на Милошевиќ.
Иво Андриќ во младите години знаел да се наврати на многу градови во кои престојувал или на кратко се задржувал; тоа го правел младешки претерано, што е зачудувачки за господинот кој подоцна ќе стане воздржан и внимателен. Се селел од еден град во друг, но малку убави зборови имал за градовите на својата младост; можеби дури за Краков по некој убав запис. Вишеград бил смртоносен, Сараево пусто, иако тој град во писмата кон школскиот другар Дурбешиќ го нарекува „нашиот град“, истакнува дека го сака, но сакајќи и го заборава, бидејќи тоа е „непријателски амбиент“. Во сараевската гимназија Андриќ бил претседател на Хрватската напредна младина, па како стипендист на хрватското друштво Напредок дошол на студии по философија во Загреб. На својот другар Дурбешиќ му пишува: „Кој знае дали Хрватска е најмизерната земја во Европа, но јас знам дека Загреб е најбедното место во Хрватска…“ Тој понатаму пишува дека во Загреб „за година дена станува животно, bestia zagrebiensis, а за сите шпион“. За него тоа е „град без милост“, „град-црвоточина“, а во едно писмо вели дека „Загреб изгледа како измочан акварел…“ И Сплит му бил мачен, и пишува на својата пријателка: „Освен морето и небото, тука сè е здодевно“. Сигурно целата таа лутина кон Загреб и кон другите градови може да им се припише на младешките немири и лутања. За време на зрелоста вдахнато и без огорченост запишувал импресии и белешки за градовите, земјите, пејзажите. Секако, градовите во неговите романи (Вишеград, Травник, Сараево) се опишани со уметничка рака, имаат митска вредност и се надвор од оваа приказна.
Густав Матош знаел за срце да ги гризне своите градови, но и да ги прифаќа, иако не може со сигурност да се каже дали во некој од нив бил нешто посреќен. Белград го фалел и го прекорувал, а Загреб му бил „најубавиот град на светот“, „гостољубив и интимно домашен“. Радо и убаво го опишувал. Во текстот Дома Матош вели: „Единствено париските кејови на учената Сена и фланерите по италијанските древни тремови на гратчињата го пружаат раскошот на загрепската прошетка. На целиот свет можеби нема шеталишта, дабови шеталишта како Тушканец. Дрвјата во реномираната Булонска шума крај Париз се вистинска карикатура на нашиот Тушканец, на максимирските прекрасни дабови, полни сенки, окрепувачки и мирни, да не зборувам повеќе“. И Тин Ујевиќ пишувал и пеел за градовите, дури и на Бернард Шо за посетата на Далмација му препорачал: „Да го видиш Дубровник и да умреш“. Градот на Тин очигледно бил Сплит како синтеза на сите приморски градови. Тин пишувал: „Самиот Сплит како град, со својата голема старина и со својата пенлива, трошна убавина остварува единствен тип егзистенција, непознат за Загреб, Белград и Сараево, па дури и за Дубровник. Го познавам овој Диоклецијанов уморен и тежок град од детството, но ми требаа четири децении од животот за на крај сосем да продрам во неговата агониска и длабока поезија. Сплит спаѓа во градовите кои на светот се единствени од својот вид“.
За да го запознаеме градот кој од овие или од оние причини сме го засакале, мораме да ѕирнеме во секој негов агол и тоа безброј пати. Градовите кои се менуваат „побргу од срцето на смртникот“ ме фрлаат во депресија; во нив се губам и паѓам од некој тежок умор. Таквите градови најрадо ги заобиколувам. Сакам да се враќам на она што е непроменето, драго ми е да видам и многу пати да допрам едно те исто. Она што „истрајува во истото“ сведочи за нашето постоење. Градовите кои не се менуваат, нè држат во уверување дека и нам ни припаѓа „времето што не се троши“. Некои градови во кои живеев или одредено време престојував, речиси целосно ги имам заборавено. Понекогаш се прашувам себеси можат ли спомените да се избришат и против мојата волја и одлука, сами по себе? Зачудувачки е што не ми се јавуваат никакви слики од Белград, иако таму минав најмногу од времето. Нема ниеден блесок, ниеден спомен, сè е изгасено. Можам да се потсетам на многу работи само да посакам, но оние спонтани искрички не предизвикани од ништо ги нема. Пред многу години бегав во Загреб; таму често престојував и по неколку години по ред или со долги и кратки паузи. Во младоста ми се чинеше дека тој град ме спасуваше од белградските неврози; ме смируваше и ме прероди. А можеби кон тоа придонесе некоја ситница, некој детаљ, нешто сосема неважно и безначајно, некој неодолив вкус, мала градинарска реставрација во која се чусвтвував како да сум на престол, момент на никогаш недефинирана среќа.
Градовите се мамци за писателите и за патописците; речиси нема пистел кој му одолеал на предизвикот на градот, особено на оние за кои многу се пишувало. Патниците трагаат по историските места, сакаат да ја видат родната куќа или гроб на некоја славна личност, да го допрат она што тие го читале во книгите, да ги разгледаат знаменитостите. Туристите фотографираат, а поетите ги опеваат своите доживувања на градовите. Градот е вечна инспирација, „вечна сегашност“, како што говорел Јосиф Бродски обземен од Венеција како од уметничко ремек-дело кое би можело да се надмине само со град изграден во воздух. Малку кој поетки му одолеал на Париз; Матош запишал дека тој град е „најголемата личност на денешниот свет“, „славна кокета која никогаш нема да остаре“. Тин Ујевиќ го опевал Париз; бил на големо фасциниран од градовите, им ги посветувал своите стихови на Загреб, Сплит, Шехер-Сараево и уште многу места во кои „стигнувал мамурен“. Градовите ја будат фантазијата, бидејќи тоа се „гласни кошмари“, како што би рекол Г. Башлар. На брановите на градовите поетите се осамени сурфери – тој стих го запомнив, допре некоја моја жица, но го заборавив името на авторот. За Пазолини, кој знае зошто, иранскиот град Есфахан бил најубав на светот, „град на преубави момчиња, со божествени тилови и вратови“, како што пишувал. Велат дека најрадо се слушаат приказни за војна, лов и далечни непознати градови.
Извор: polja.rs
Насловна фотографија на Natalia Ovchinnikova од Pexels
Наташа Атанасова
...