Шкртки

Петре пред и по „Книга за Петре“

Во купчето книги што ги спакував за да ги читам на одмор, првата беше „Книга за Петре“, книгата што ја добив како подарок од нејзината приредувачка, Оливера Ќорвезироска. И како сè да ме влечеше и да ја фатам прва и да ја исчитам уште првиот ден, за да ја мислам цел одмор. Затоа што ова е книга со 19 пипалки, од кои секоја те пипка, чепка, грепка и копка на свој начин.

Петре пред „Книга за Петре“

Првата моја средба со Петре М. Андреевски, кому на 25 јуни му славевме 90-годишнина од раѓањето, како и на многу деца, беше со преслатката сликовница „Касни – порасни“. А како и на многу родители, таа книга е местото и на последната моја книжевна средба со него. Книгата ја читав како дете кое влегува во светот на книжевноста, но и на моето дете му ја читав кога влегуваше во тој свет. Ѝ ја читав уште кога не знаеше убаво да зборува, ама се сеќавам како песничките ја мамеа додека ги слуша слатко да ги промрморува последните слогови од сите стихови.

Најзначајната средба со Петре М. Андреевски за мене беа романите „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“ и „Тунел“, кои ги читав во средношколските денови. Тука ја видов длабочината до која проникнува тој во уметничкото прикажување на сè што сме ние и како Македонци, и како луѓе, на сè што сме сакале а не сме можеле, на сè што не сме сакале а сме морале и на таа неизмерна, неимоверна внатрешна сила и волја и покрај сè да истраеме и да опстанеме.

На факултет ги читав и препрочитував „Дениција“ и „Лакримариј“, се восхитував на леснотијата со којашто изгледаше дека ги ниже зборовите во стихови, која во суштина е претешко да се постигне. Откога ми завршија факултетските денови и добар дел од животот почнав да минувам во кола, со години во цеде-плеерот се вртеа неговите стихови испеани од музичкиот состав „Starowsky“ (со најсаканиот: „Ништо не е поприсутно од твоето отсуство“), додека цедето магично не исчезна, а неговиот омот до ден-денес стои во колата, со надеж дека еден ден ќе му се врати изгубената срцевина.

„Книга за Петре“

„Книга за Петре“ е збирка раскази, од кои во некои се појавува како лик, некои раскази се како да ги напишал самиот тој, во трети нема ништо што директно и видливо потсетува на него, но затоа атмосферата или тематиката како заташкани траги водат кон него. Читањето личи на прошетка низ наративни шуми во кои во кората на некои дрвја го гледаме неговиот лик, некои од гранките на дрвјата се така поставени што гледано од далеку како да испишуваат негови зборови и реченици… Но најважно, насекаде лисјата шумолат петреандреевски – во сите овие 19 раскази од 19 писатели, тој е тука како трајна инспирација со својот лик и дело, со своите ликови и дела.

Од целата збирка, во која има одлични раскази, ова се четирите кои ми оставија најголем впечаток:

  • „Заутарен“ од Влада Урошевиќ е расказ во кој писателот создава приказна околу архаичниот збор „заутарен“, кој го слушнал од Петре М. Андреевски, а за кој не знаат ни речниците, ни Гугл. Дејството се случува во селото Слоештица и е исполнето со „разни сторенија и чудесии“. Напишан во стилот на Андреевски, расказот одлично легнува како почетен, затоа што со него во книгата за Петре зачекоруваме влегувајќи првин во расказ за неговото детство, времето во коешто, можеби, ја добил хетерохромијата – различната боја на неговите очи (едното кафеаво, другото зелено). Од прекрасниот збор „заутарен“, кој значи да те урочи некое животинче ако те види излезен од дома непојаден, Урошевиќ мајсторски ја плете приказната во која Петре излегувајќи од дома без да појаде завршува заутарен да стане поет, со хумористична завршница во која мајка му лелека поради неговата црна судбина.

Му гледав (…) и видов оти ќе отиде во голем град, ќе изучи школо, ќе се облекува по градски. Ќе зборуваат сите за него, ќе го фалат, по весници ќе го вадат. ‘Како Петрета наш нема друг’ ќе велат. А тој ќе пишува песни, едни такви што не се пеат, ами само се читаат по книги (…) Ама тој од тоа пари нема да спечали. И тоа што ќе го заработи, по меани ќе го растури (…) И такви другари ќе има, од оние едни што ги викаат поети – неберикуќници, арамолепци, ветрогони (…) така му било пишано (…) Поет ќе стане, ветришта ќе го веат, што да ви речам друго.

(„Книга за Петре“, стр. 27)

  • „Есенска средба“ од Оливера Николова е вториот расказ од книгата, кој додека го читав ме потсети на култната сцена од филмот „Американска убавина“ со кесата што лета како лист на ветер, а во исто време и на романот на Дубравка Угрешиќ „Баба Јага снесе јајце“ каде што таа се занимава со темата на жената и староста. Сепак, Оливера Николова си е Оливера Николова и овој расказ толку вешто ја лови судбината на жената што животот ја вее од младоста кон староста и обратно, од позиција на набљудувачка кон набљудувана и обратно, па така, суптилно и никако на прва, но секако некако, макар кесесто и лелеаво, нè потсеќа на сите тие прекрасно изградени женски ликови на Петре М. Андреевски.

(…) Ведро е расположена, иако, според облеката, издрпавена и по малку извалкана, би можела за неа да заклучам сенешто, почнувајќи од тажната бездомност, до очигледноста дека е несакана. Дали е старица и во години кон кои и јас се приближувам? Дадена е во дом за старци од каде што побегнала? При здрав ум ли е? Бара ли некого што може да ѝ помогне за да се снајде и за да дојде до познатиот куќен праг?

(„Книга за Петре“, стр. 28-29)

  • „Препознавање“ од Елизабета Баковска е уште еден расказ изграден околу женски лик – тука, ликот на Милица Топаловска (претпоставувам, бабата на писателката). Елизабета Баковска расказот умешно го ткае од сеќавања и соништа од минатото на Милица Топаловска, која се сеќава дека се сеќава дека се сеќава или не се сеќава… Тоа се слики на почетоци и краеви, на големите животни раскрсници исполнети со немир, болка и страв до скаменување: крајот на растењето покрај мајка си кога таа умира додека Милица е сè уште дете и почетокот на животот со маќеата која одвај чека да ја омажи и да се куртули од неа; крајот на животот во моминскиот дом кога по тригодишно чекање на својот свршеник станува невеста и треба да почне нов живот; крајот на својот живот на смртната постела во болницата каде што се појавува сенката на мајката за конечно воспоставување рамнотежа во (животната) приказна. Патем, тоа е и расказ изграден од слики изградени со вметнување извадоци од неколку раскази на Петре М. Андреевски.

„Кај тргнав, кај одам вака?“, си помисли, како тукушто разбудена од сон. „Судбината на луѓето не ја одредуваат наречниците, туку раскрсниците“, како да слушна зборови што никој не ги беше изговорил, како самиот нејзин страв да ги оживеа, та ѝ прозборе додека сенката се оддалечуваше. За миг, само за миг ѝ се пристори дека треба да тргне и таа, да потрча надолу, да ја стигне жената и да ја прегрне. Онака како што би ја прегрнала мајка си.

(„Книга за Петре“, стр. 92)

  • Ако расказот „Заутарен“ на Влада Урошевиќ ја отвора книгата (во која редоследот на тестовите е според хронологијата на раѓање на авторите) со симболичен влез во детството на Петре, расказот „Каснав – порaснав“ од Хана Корнети ја заокружува со симпатичен поглед кон иднината. Составен од делови, од кои повеќето можат да функционираат и како самостојни раскази-вињетки, „Каснав – пораснав“ дава еден соновен поглед на возрасен на сликите и ликовите од сликовницата:
    → на праската и кајсијата збунети за идентитетот,
    → на борбата на ежот со тежината на животот,
    → на депримираната слива и оревите во егзистенцијална криза,
    → на сексуалните алузии на зацрвенетите јаготки,
    → на нежните банани кои стареат од пипкање,
    → на генетски наследниот сјај на портокалите…
    Ова е расказ кој ме допре на особен начин токму поради тоа што се занимава со доживувањето на Петре М. Андреевски на едно дете (девојче) кое станува родител (мајка и писателка) и кое го зачувало детето во себе (благодарение на Петре!?), па свесно на своето дете (и на сите други, деца и возрасни!) го пренесува најдоброто (и најслаткото!) од своето детство – богатството на книгата „Касни – порасни“, чиј овоштарник родителите и децата можат да го дегустираат заеднички; од едната страна како сеќавање за научените животни лекции, а од другата како подготовка за предизвиците што ги носи животот. Така, овој расказ кој го носи насловот на омилената сликовница на многу генерации деца ставен во минато време, како да вели дека таа милозвучна порака е совршено примена и сега останува само понатаму да се пренесува.

Кога би знаела за Платоновата теорија за идеите, би заклучила дека лубеницата е идејата, совршената форма на овошјето. Сочна, освежителна, блага – совршена. 
Полека ѝ пријдов на огромната резанка…
реченицата на полето
Ја отворив челуста како крокодил и го зедов најголемиот, најсочниот загриз во светот.

(„Книга за Петре“, стр. 140)

Петре по „Книга за Петре“

За крај, она што остана да одѕвонува во мене по читањето на оваа книга е дека ова е пример за тоа како се чествува едно големо писателско име како Петре М. Андреевски со оригинално дело. Идејата и трудот на Оливера Ќорвезироска да го осмисли концептот, да ги избере авторите и да ги поттикне да напишат наменски раскази (со исклучок на расказот „Сенката на мајстор Ѕвездан“ од Венко Андоновски, кој е од збирката „Припитомување на кучката“, што ми е навистина „мех“), како и работата на екипата од „Арс ламина“ сето тоа да биде истемпирано за 90-годишнината од неговото раѓање, е за почит и восхит.

Исто така, се чувствувам сиромашно во однос на моето познавање на творештвото на Петре М. Андреевски. И жал ми е што читајќи ја книгата, токму поради тоа, не успеав да ги (с)фатам сите алузии на авторите во расказите. Секако, не мора да значи дека да имав прочитано сè дека и ќе фатев сè, ама сепак… Веројатно таа неправда кон Петре и кон себеси ќе ја исправам во некоја блиска иднина, со оглед на тоа што желбата да му се навратам, да го (до)прочитам и да го впијам што поцеловито силно ми гори. И ми зборува. Онака како што „Книга за Петре“ како да вели: луѓе што читате, читајте го Петре; луѓе што пишувате, пишувајте за Петре; сите луѓе, (по)мислете на Петре и не заборавајте дека имавме великан и дека тој великан ќе живее додека живее неговото дело во нас и преку нас.


Извод на фотографијата на заднината: Pexels

Наташа Атанасова

...

Comments (1)

  • Петре пред и по „Книга за Петре“ - УМНО.МК

    […] Целиот текст прочитајте го на Блен.мк […]

    Reply

Leave a comment