Никаде без занес
Пишува: Ана Голејшка Џикова, поетеса
Од каде да почнам? Од светките што ги ставам на очните капаци пред секое излегување во мојов град, особено кога треба да се биде дел од некаква книжевна забава, настан, манифестација. Со занес!
Читам и пишувам откако знам за себе. И ова звучи прегломазно, арогантно, „од мали нозе“ (каква флоскула, си замислувам мали ноџиња), но навистина е така! А занесот е некако гратис. Вознесот, бонус. Кога си поетеса што сака да се занесува и отворено го прави тоа, товарот да бидеш вкалапена како „несериозна“ и „недоволно авторка“ е голем. Но, јас го носам, сосе светките на очи. Затоа што за мене, одамна имам речено, пишувањето, создавањето, вознесувањето е најголемата игра, слободна игра во која правилата постојат за да се преместуваат, прекршуваат, да им се создаде отпор, малку нелагодност, многу прашања. Да се биде присутен во моментот, и потоа да се избега, да се отиде на друго место, никогаш да не може да те најдат иста. Во процесот на пишување, воопшто не размислувам во рамки. Секогаш се работи за импулс, некаква мека импровизација, која отпосле, функционира во песна, во некаков хумористичен или напросто, раскажувачки текст, набљудување. И кога малку пораснав, не сакав да бидам pisatelka (намерно ова со латиница, за да звучи пејоративно). Затоа што писателката за мене значеше некаква баобаб грамада, нешто недостижно големо, некаква голема, страшна бабајаговска фигура што ќе ме критикува ако (о)станам само поетеса, само краткопрозаистка, раскажувачка на вицеви и раперка по друмски сокаци, но и на часови со моите ученици. Како да станам релевантна? Јас што читам четири книги одеднаш, не ги дочитувам? Што некогаш не можам да се сетам од прва што беше глаголски прирок? Што се смеам гласно и се плашам од уплатници?
Дали поетскиот занес навистина постои?
Вистината е дека поетскиот занес навистина постои. Но, не знам каде да го најдете, инаку би ве упатила. Или дојдете со мене кога ме фаќа. Да речеме дека е некаква моќна вертикала на јазикот и смислата, а кога се комбинира со песна, со музика, со текст, станува добар комуникатор низ етерот. И секогаш ми носи радост.
Вистината е дека поетскиот занес навистина не постои, тој се создава само во одреден миг кога нешто во мене длабоко притиска, пече, боли, па го вадам со голи раце и го обликувам. Некогаш е леб, некогаш е песна, некогаш е кавга, некогаш е расказ во потсвеста. Гледаш што направив?
Дете што верува во високоснажноста на зборот
Читајќи и пишувајќи низ годините, се ослободував и од стравот дека треба да достигнам некакви височини, некаква академкост, некаква престижност. Затоа што јас сум дете што талка низ улиците, фрла џамлии кон небото и сака да плаче со дождот. Високоснажноста на зборот за мене е да успееш да освестиш, да расплакаш или насмееш некого со збор, со она што го праќаш во етерот. Да ислушаш, да прочиташ (и од лице и од тело и од текст) и потоа да кажеш. Кога ги правевме „Астални проекции“ со Ѓоко (Здравески), најголемиот благодет ми беше чувството дека ќе дознаам, ќе слушнам нешто ново, можеби тотално неталентирано, а можеби и генијално. Таа потреба да сум во радарот на новите песни, поезија, новите деца, воопшто е мојата днк-жица што свири на просветителски клуч. И еве, го освестувам на 37 години, што и не е баш рано, ама не е ни доцна. Важно е да свири! Важно е да инспирира, да се појавува, да излегува и влегува од рамките, да остава траги по прозорците на свеста. Да е отворен микрофон на кој може да се пее, зборува, кажуваат ставови. А ако е проткаен и занесот измеѓу? Па лотарија на животниот креативен патоказ! Периодов токму тоа и ми се потврдува. Дека токму потребата да сум во различни улоги, а да не глумам е она што ми ја прави мисијата активна, жива. А ќе оставиме времето да каже дали занесот се исплати 😀
Од ќерката, види мајката, најмногу се учи
Во рок од неколку години, имам куп „мои“ деца кои со уживање ги водам низ книжевните пространства и со нив го менаџирам своето мултидимензионално гледање на нештата. Со нив и јас сум дете, но сум и учителка, и возрасниот што „гледа однадвор“. Каква златна можност е тоа, а јас сум екстремно благодарна што ми се случува. И кога им предавам на моите ученици, се претворам во сите улоги на сите драги мои професори и професорки што ги носам во срцето. А најмногу патината на мајка ми, Лејди Зага и сестра ми Наталија – и обете учителки. И најголемата учителка, Надја, ќерка ми. Со неа занесот е најмоќен, затоа што – види мајката, произлегува од нејзиното суштествување, битисување, вознесување!
Учењето преку децата е можеби мојата приватна, најмалку зборувана тема во поновиот мој наратив и пишувачки контекст, затоа што во мигов сум во таа фаза – одново и одново го откривам сето она што ме лути, што ме инспирира, што ме осветлува, ме стемнува, ме води. Во исто време сум мајката што ги мие садовите, жената што флертува по улици, дете што плаче од жал за валканите маалските мачиња. Сите овие во мене се занесуваат и ставаат светки на очите кога одат на концерт, забава, училиште. За подобро да гледаат во мракот 😊