Неподносливата убавина на љубовта
(кон романот „Денови на блуграс-љубов“ од Едвард ван де Вендел; превод од холандски: Ели Пујовска; издавач: „Чудна шума“, 2024 г.)
За квир-дело првпат пишував на факултет – есеј за филмот „Фини, мртви девојки“ од хрватскиот режисер Далибор Матаниќ. Тие години од првата деценија на веков ми беа години на созревање, а темите за сексуалноста, автентичноста и различноста сами по себе се наметнуваа. Иако тогаш интензивно читав, некако до мене повеќе допираа филмови од книги со квир-содржина, како „Малхоланд драјв“, „Планината Броукбек“, „Милк“, „Пред да падне ноќта“, „Часови“…
Ако сте ги гледале овие филмови, знаете дека сите тие имаат трагични краеви. Исто како и филмот „Мојот личен Ајдахо“, од кој една реплика е мото на романот „Денови на блуграс-љубов“ од Едвард ван де Вендел, и кој има интересно место во целата приказна.
Но, темата на текстов не се филмовите, туку овој роман за младинци (вистинското име на оваа возрасна група што како да подзаборавивме како да ја именуваме под влијание на англиското young adults). Романот е издаден во 1999 година, значи пред излегувањето на сите филмови што ги имав гледано тој период, а авторот, меѓу другото, имал намера да напише приказна за геј пар која нема да заврши трагично. Или, како што објаснува во неговиот поговор специјално напишан за македонското издание: „книга која и самиот би сакал да сум можел да ја прочитам петнаесет години порано, книга-факел, книга во која многу нешта би можеле да бидат доведени во прашање, но не и самата љубов. Не и страста.“ („Денови на блуграс-љубов“, стр. 175).
Живот во футрола
Главен лик во романот е Тихо, 18-годишно момче кое се чувствува прилично изгубено. Тој решава да го одложи за една година запишувањето на факултет, а во меѓувреме тоа лето од неговата Холандија да одлета во Америка, каде што е примен да работи како асистент на летен камп под името Мал свет.
Тихо со години живееше во својата футрола за моливи. Деновите се отвораа и се затвораа како неговиот ранец. Беше безличен ученик, син во кој секој од неговите родители можеше да препознае половина од својот карактер. Се гледаше двапати во огледалото – еднаш наутро, еднаш навечер – а во меѓувреме одвај и да размислуваше за себе.
„Денови на блуграс-љубов“, стр.12
Од она што го дознаваме на почетокот за Тихо е дека се грижи за својот изглед („влакната мораа да стојат исправено врз немирната глава, како антени, за да можат да ѝ го покажат патот до сите страни на светот“), дека го имал своето прво сексуално искуство со девојка што не го возбудило нешто многу („се чувствуваше како мудар старец и млад витез – истовремено“) и дека одењето за Америка го гледа како конечно излегување од „футролата за моливи“ (алузија на живеење во плакар?)… Тихо можеби не знае што сака, но се чини дека точно знае што не сака.
Очи што блескаат како фудбалски топки на влажна трева
И, уште во авионот со кој лета преку океанот, Тихо го запознава Оливер. Момче од Норвешка кое чудно го привлекува додека го слуша како непрестајно зборува за фудбал (па забележува дека „очите му блескаа како фудбалски топки на влажна трева“) , за по некое време до уши да се вљуби во него. Додуша, и двајцата да се вљубат еден во друг.
И тука, всушност, почнува јадрото на приказната на овој роман, кое го сочинува нивната прва вистинска љубов. Страсна и интензивна, но во исто време толку милна и невина. Откривањето на тоа што значи да се љуби кај Тихо оди рака под рака со откривањето дека тој е поразличен од другите, дека го привлекува момче, но сè е ставено во втор план затоа што експлозивното чувство на љубовта е посилно од сè и Тихо сфаќа дека веќе нема контрола врз себеси, врз своите реакции, погледи, допири, движења на телото… Без разлика дали е „стрејт“ или „геј“, љубовта е љубов, а телото на вљубениот лесно го издава. И луѓето во кампот насетуваат дека нешто се случува меѓу Тихо и Оливер, сè додека и со свои очи не се уверат кога тие нема да можат да издржат и ќе почнат во ритамот на блуграс-музиката да играат и, спонтано, да се милуваат пред сите – онака како што им доаѓа да прават на сите пресно вљубени.
Им се причини како одеднаш да беа лансирани во вселената – толку многу страст и енергија зрачеше од овие старци! Тихо дотогаш немаше слушнато таква музика. Музика? Повеќе жештина со глас. (…) Тихо сјаеше. Од огнот, дрвата, од препечените ribs, богатата coleslaw, од неколкуте чашки „бадвајзер“; и блескавите лица на камперите – не, лицата на неговите другари и другарки – и она на Оливер, неговиот Оливер…
„Денови на блуграс-љубов“, стр. 73
Кога среќата (не) е заразна
Бидејќи се далеку од дома, на друг континент, во нивната приказна поголема улога за почеток почнува да игра мислењето на околината отколку на семејството. Директорот на кампот ги повикува да разговара со нив, им вели да оладат и да ја прикриваат врската зашто нивниот однос може да ги навреди другите, што е целосно контрадикторно на неговиот став дека тој нема ништо против геј-луѓето. Но наместо да разговара со оние на кои наводно тоа би им пречело и што реално би му било работа, тој решава да разговара со нив и на полесниот начин да го реши „проблемот“.
На тоа тие реагираат бурно (односно, Оливер реагира така додека Тихо е збунет) и свесно или несвесно се впуштаат во активности што ќе предизвикаат да бидат протерани од кампот и пратени дома.
Сепак, Тихо не се враќа дома. Второто полувреме, т.е. вториот дел од книгата се одвива во домот на Оливер, во Норвешка, каде што тој инаку живее со мајка му која летото е на сафари во Африка. Од постерите со Ривер Феникс (кој го глуми главниот лик од Мојот личен Ајдахо) низ собата, Тихо сфаќа дека Оливер од порано знаел дека го привлекуваат момчиња и дека тоа го знаела и неговата мајка. За разлика од него, за Тихо тоа е ново сознание кое се плаши да им го соопшти на своите родители. Притиснат од стравот дека тие попрво ќе дознаат од кампот наместо од него, тој им пишува меил во кој им кажува дека се вљубил и дека е најсреќен во животот. Колку и да се мисли какви би биле нивните реакции, тој си вели: „По некое време тие сепак би сфатиле и би биле среќни гледајќи дека нивниот син е среќен; среќата е заразна“.
Но, Оливер, кој во Америка се однесува многу ноншалантно и е слободен во својот дом, потклекнува под притисокот на (фудбалерската) околина, што ќе биде пресудно за нивната врска.
Како писателот ја раскажува приказната и кое е значењето на овој роман?
Некако имам чувство дека премногу раскажав од приказната, но ако. Затоа што, приказната е важна и посебна и во суштина е едноставна, а на таа едноставност моќност ѝ вдахнува начинот на кој е раскажана. Со поетски јазик полн оригинални компарации и метафори, со описи кои прекрасно ни ја доловуваат состојбата на вљубеност, без патетика и трагични елементи и без одвлекување на вниманието од главниот фокус, а тоа е само и само: љубовта!
Ова е роман за првата вистинска и возвратена љубов, која обзема и носи, која наеднаш те пораснува и те прави да се чувствуваш комплетен; љубовта која одеднаш прави светот да изгледа прекрасно, која со себе ги носи и чувствата на вчудовиденост и љубомора; љубовта која од тебе прави и будала и најхрабар човек на светот; љубовта на која не ѝ се важни туѓите предрасуди и, едноставно, удира и дрма како земјотрес сè дури има сила; љубовта која и кога ќе ослабе и повредува, боли, гори, пече… е едно од најважните животни искуства кои нè прават да бидеме луѓе.
Оттука, ова е и роман – пофалба на љубовта и силата со која таа опстојува во светот со сите свои нијанси. Онака како што сите луѓе се исти и во исто време многу различни, така и сите видови љубов, колку и да се различни, во исто време се толку исти: неподносливо убави!
Наташа Атанасова
...