Книжевен гоБЛЕН

Mладите да работат, сите да поддржуваат

Еден кус муабет за денешницата на младите и културата

Пишува: Андреј Медиќ Лазаревски, поет и главен уредник на „Култура Бета“


Што прават младите денес? – прашање кое многу често во негативна конотација го поставуваат многу луѓе. Тоа прашање често е придружено со констатации од типот: „Седат сите на маса и куцкаат на телефоните“, „Не читаат“, „Не гледаат филмови“, па и со генерални заклучоци дека денес младите не ги бидува премногу или не се заинтересирани за некои важни работи, па и кога ќе се спротиставиш на овие констатации секогаш има едно срамежливо извинување со додавката „Ама вие сте исклучоци, вие неколку луѓе од вашиот круг сте паметни и не мислиме на вас кога го кажуваме ова“.

Во ред! Но дали навистина е така? Дали навистина генералната слика за младите денес, во овој момент, е таква каква што повеќето ја генерализираат и дали навистина младите не ги бидува за ништо и се „затупени“ поради таа некоја наводна опсесија со технологија? Не мислам дека е така. Но особено ме зачудува кога овие работи се кажуваат на млади луѓе кои навистина работат и тоа во културата. И во овој текст токму младите во културата ќе бидат фокус.

Сепак, и младите луѓе кои работат во културата не се нешто помалку изложени на вакви критики од страна на постарата и помудра генерација, а и секогаш муабетите кои се упатени кон нив се надополнети со загрижувачки прашања од типот: „Каква иднина ќе имаш ако цел живот планираш со ова да се занимаваш?“, потоа „Знаеш ли колку малце пари има тука, зошто не студираш информатика?“ (за ова прашање секогаш ми е интересна замката во која се фаќаат со тоа што советуваат да студираш „компјутери“, а истовремено „мрчат“ за тоа дека младите биле опседнати со технологија), потоа „Како ќе одгледуваш фамилија ако работиш во култура“, па и „Знаеш дека ова е само младешка занесеност и дека во еден момент ќе сопре?“. И за ова последново ми е навистина некако страв, што ако е навистина некаква младешка занесеност, што ако е бесцелно ова постојано зборување за важноста за поддршката на младите, што ако некој ден ни се удри од глава?

Но дали навистина е младешка занесеност?

Нема врска! Бидејќи не го гледам како занесеност, туку напротив, како посветеност. Кога пред скоро пет години почнувавме со работа со „Култура Бета“ тогаш како неформално здружение, а сега веќе како граѓанска организација, почнавме со план. Иако тој план со текот на времето претрпе значајни промени дури и на главните цели, сепак примарна и најглавна идеја остана – создавање простор за млади. Под простор мислам на можност за споделување на своето творештво со јавноста, на можност за собирање на млади уметници на едно исто место, на простор за заедничко творење, за соработка, за меѓусебна поддршка и за меѓусебна критика. И тоа мислам дека го создадовме и го созадаваме. Во еден муабет што си го имав со Хана Трајкоска (коосновачка на „Култура Бета“) пред промоцијата на „Антологија на иднината“, дојдовме до констатација дека ние кога бевме средно, кога бевме баш млади-млади, немаше доволно простори за да се појавиме во јавноста, дека ни беше срам токму поради тоа немање на простор – а сега веќе има простор. И не само „Култура Бета“, туку уште неколку сериозно посветени и организирани платформи/колективи/здруженија кои постојано работат на полето на културата и кои се посветени (а не занесени) – музичкиот колектив „Гола планина“ и музичката издавачка куќа „Мртов коњ“, културната организација „Пондер“ од Битола, Книжевниот клуб Куманово, платформата и списание „Спознавање“, студентското списание на Филолошкиот факултет „In medias res“, а тука е и поддршката од многу други фестивали, издавачи, кафе-книжарници, веќе етаблирани платформи и медиуми…

Дали претходно било замрено?

Често си го поставувам прашањето дали пред појавата на овие младински платформи навистина било замрено во полето на култура. И верувам дека не било! Но, со појавата на пандемијата како да се направи еден сериозен и длабок рез во културата што предизвика замирање на неколку клучни места за култура во Скопје (зборувам за Скопје бидејќи за него имам најмногу увид), замреа неколку платформи и организации, замре генерално животот во културата бидејќи сите имавме многу поголем проблем, но секако да не ја заборавиме состојбата во која се најдоа голем број на културни работници кои работат фриленс или хонорарно. Како и да е, пандемијата и карантините беа и една убава и сериозна можност за да се акумилира многу творештво, многу уметници да се осмелат да објават во јавност своја уметност, свои песни, раскази, музика, слики, фотографии… И, секако, беше одлична можност за отпочнување на една платформа која има за цел да промовира, архивира и да даде можност да се чуе повеќе гласот на овие нови и млади уметници во јавноста што во тој период, а и сега, творат многу.

Зошто е важен и квантитетот, а не само квалитетот?

Многупати ми се случило повозрасни културни работници да расфрлаат констатации дека денес премногу се твори и издава, дека има една сеопшта хиперпродукција, дека кој-како-стаса објавува и книги и албуми и прави изложби, дека немало никаков филтер и дека прелесно одела целата работа. И да, навистина, младите автори многу послободно пристапуваат во јавноста и многу похрабро ги објавуваат работите што ги творат, секако дека социјалните мрежи ја овозможуваат таа леснотија и секако дека појавата на платформи како „Култура Бета“ го поттикнуваат тоа полесно објавување. Но, зошто да не? Лично сметам, но и тимот со кој што работиме во „Култура Бета“, сметаме дека не само што мора, туку и треба, да ги поттикнуваме младите автори да пуштат нешто свое во етерот, особено оние каде што ќе видиме дека има потенцијал. Да, секако дека тоа што има многу творештво, априори не значи дека и сите тие работи се квалитетни, но квалитетот никнува токму од поддршката и заедничкиот поттик.

Дали е само поттик, а не и критика?

Апсолутно не е само поттик! Тоа што е убаво во оваа заедничка поддршка и соработка е што таа никогаш, ама буквално никогаш, не се базира на ласкање, празни самопофалби и на тоа што колоквијално се нарекува лижење. Упс, но со таквите не се дружиме! Убавината во оваа дружба и работа е што секогаш сме критични едни кон други. Седиме и дискутираме за тоа што го работиме, си даваме забелешки на песните или расказите што ги пишуваме, се коригираме, си кажуваме што не било добро кога сме организирале некој настан, каде може да се поправат некои работи и притоа тоа никогаш не е попување како што некои стари добри културни дејци знаат да го прават. Така што, никогаш не е само поттик, туку напротив заеднички поттик за подобрување.

Но кога зборувам за критика, треба да се каже по нешто и за констатациите дека денес во македонската културна сцена нема вистинска критика. Е па, ајде да ја направиме. Авторите од оваа нова генерација тоа веќе го прават. Пишуваме критики и не секогаш само позитивни за тоа што го твориме, знаеме да си кажеме каде имаме дупка, каде сме утнале, каде едноставо не сме биле добри или што на некој од нас не ни се допаднало кај некој друг. Бидејќи не си замеруваме егоистично, напротив, знаеме дека е добронамерно. Така што, ајде да направиме вистинска критика!

Дали навистина немаме финансии?

Тоа што е една од главните дилеми на сите што размислуваат да работат во и со културата е прашањето на финансиите. Секогаш! Бидејќи во системот во којшто живееме тие се важни. Важно е трудот да се наплаќа, но и на системот му е важно да наплаќа, така што нема бегање од ова прашање. Но кога станува збор за нашето дејствување како платформа, како здружение кое организира настани, сакаме да воспоставиме еден нов начин на, не можам да речам финансирање, туку заедничко (пот)помагање на настаните кои ги организираме. Тоа е crowdfunding начинот на финансирање, односно поддршка од заедницата на самата заедница. И знам дека ваквиот начин на функционирање не е нов, но е предизвик за да може да се види колку заедницата навистина сака да учествува во организирање на настаните на кои присуствува. И можам да кажам дека нашиот прв обид за ова беше успешен! Имено, на 28. септември во кафе-книжарницата „Илика“ го организиравме нашиот прв донаторски базар на стари книги во рамки на нашиот нов мини-фестивал „Ре-култура“. Пред тоа еден месец имавме пуштено повик за донација на стари книги под слоганот „Ослободи ја твојата библиотека. Ослободи ја младинската култура“, со што собравме илјадници книги. На дента на настанот посетеноста беше многу поголема од очекуваното, интересот беше голем и уживавме. Бидејќи има голема заинтересираност за оваа акција, решивме дека во „Илика“ овие стари книги ќе бидат достапни сè до трошењето на залихата која ја имаме, а планираме овој настан и да го повториме на еден или друг начин. Но добро е само да се констатира дека заедницата сака да помага на заедницата!

Па, што прават младите денес во културата?

Работат. Многу. Посветено.

Што треба сите да правиме?

Поддршка. Поддршка. Поддршка. Никогаш безусловна, напротив конкретна, конструктивна, критичка и заемна.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?