Марко Трпески: Давам тригер за влез во книжевни светови
Марко Трпески е наш млад дизајнер, чие име можеби не го знаете, но затоа книга со негови корици сигурно сте држеле в раце. Кориците што ги дизајнира тој имаат еден „марковски“ печат што е тешко да не се забележи и кога еднаш ќе станете свесни за него, понатаму редовно ќе ги препознавате новите книги на кои Марко им ја скроил облеката.
Големо задоволство ми е што во рубриката #КуќаЦелСвет, која ја правиме во соработка со „Europe House“, гостин ни е токму тој. Неговиот најнов проект Shuffleism, кој всушност е ветување дека 365 дена по ред ќе објавува свои дизајни-коментари, беше поводот за ова интервју, во кое разговаравме и за дизајнот на корици, и за односот кон трендовите и вештачката интелигенција, за ланската „Метафора 1“ и новите „Метафора 2“ и „Ние, чувари на приказната“, кои треба да излезат до крајот на годината. Сè на сè, одлична можност да го запознаете Марко и како уметник (дизајнер и писател), и како човек.
Марко, имаш завршено маркетинг. Како дојде до тоа патот да те одведе кон дизајнот, па плус тоа да го споиш со книгите и да станеш навистина плоден дизајнер на корици?
Во мојот случај прво беше цртеж, па реч, па грижливо одржување на редот во скромната библиотека на мајка ми проследено со гласна желба и јас еден ден да напишам книга. Следуваа неброени прошетки низ страниците на нејзините книги, смела констатација дека на тие страници им недостасуваат „слики“, па повторно цртеж како клуч од засолниште низ најтешките поглавја на мојот живот, сè до моментот кога решив тие слики да ги претворам во концепти и да разберам како тие концепти функционираат низ призма на психологијата на потрошувачите и понудувачите и сето тоа да биде „креативно“. Најсоодветно место за овој подвиг ми се гледаше катедрата по Маркетинг. Потоа (тогаш велев случајно) следуваше стипендија на академијата за графички дизајн во „Семос“ за стрип-табла, која за малку ќе останеше во фиока. Потоа следуваше и соработката со „Антолог“ и можноста да придонесам на каков било начин за книжевноста кај нас. Романтична приказна, нели! 😊
Денес работиш како фриленс-дизајнер, што е навистина смело, со оглед на тоа што сам треба да се грижиш за целиот процес, од наоѓање работа до наплата и плаќање придонеси… Што позитивно ти нуди ваквиот начин на работа, што се имаш определено за него?
Да, веќе речиси десет години функционирам како фриленсер, т.е. уште кога духот на времето сè уште се колнеше во концептот на „сигурна работа“. А јас, пак, многу рано во животот научив дека сигурноста е привид, молчешкум договорена општествена илузија. Сфатив и дека стремежот кон неа најчесто има мазохистичка природа, затоа што единствено изгледен и сигурен е самиот крај, па понесен од оваа идеја и синхроницитетите кои ја следеа, сите сили ги насочив кон процесот, т.е. кон сето она што е некаде измеѓу почетокот и крајот и решив да уживам во работата во сите искачувања и падови, подвизи и грешки. Уживајќи во возбудата која ја носи љубовта кон тоа што го работиш, речиси несвесно ја прифаќаш можноста да ги запознаеш сите свои димензии, што е огромен бенефит. А само по себе е и можност одново и одново секојдневно да учиш што суштински значи одговорноста. Мене концептот на „фриленс“ ме научи и времето да го гледам низ малку поинаква призма, а ми овозможи и да не се претворам во машина која безпоговорно ќе произведува во рамките на некој тренд.
Како ти тече процесот на дизајн на корица на една книга и колку си задоволен од размерот на вложеното време и креативност, заработката и сатисфакцијата по една издизајнирана корица?
Секој дизајн-процес, без разлика дали е тоа корица или друг материјал, мора да биде искрен, затоа што тоа е единствен одговор на довербата која клиентот ти ја дава на дланка. Втората намирница во мојот дизајн-процес е интуицијата. Да се слуша интуицијата значи и да се слуша сублимиран код испратен од сите сознанија и свесни и несвесни кои сме ги акумулирале со текот на времето. Најчесто, мое е само прецизно да ја артикулирам. Рационализацијата се обидувам да ја оставам за крај за да се изостри, прецизира и доведе до максимумот во соодветното време и простор.
Вложеното време, креативност и заработката најчесто не се за на иста вага во оваа професија, поготово не на нашиот пазар. Веројатно затоа што идејата за професијата се продава со некаков сертификат за технички вештини и со квоти на заработка спакувани во светкавата хартија на трендот, но никако не е за жалење. Сатисфакцијата, патем, е неизмерна! Замислете можност да бидете вие оној кој ќе даде тригер за влез во световите на канонските автори.
Корици на книги дизајнирани од Марко Трпески
Графичкиот дизајн подразбира да се биде во чекор со времето. Каков е твојот однос кон модата при дизајнирањето? И дали користењето на вештачката интелигенција (ВИ) ја гледаш како минлива мода или како неодминлива иднина?
Веројатно ќе се согласиме дека графичкиот дизајн е применета современа уметност, што само по себе подразбира одговорност во чии рамки графичкиот дизајн треба да одговори на потребите целната група. Додека модата и трендот нужно не подразбираат современост, туку се првенствено статистички алатки, а во дизајнот претставуваат и согласност заради прифаќање и најчесто лесна материјална исплатливост со неминовни нусефекти како што се униформираност и неинвентивност.
Неодминлива сегашност, би рекол за ВИ, иако самиот концепт ми се чини дека е предвремено роден (понуден на широко користење) случајно или намерно – оценете сами. Mногу недоречености и недостатоци се врзани со ВИ, поготово во поглед на графичкиот дизајн и уметноста. На пример, голем нејзин недостаток е немањето етичка норма ниту регулатива од каде алгоритмите учат (тужби и случаи еден куп), непочитувањето на авторските права, неможноста да се направи ресет. Но со самото тоа што е вештачка не може да биде виновна ниту за тековните, ниту за импликациите кои претпоставувам дека следуваат. А тука се и нашите одговорности, т.е. во равенството неодминлив е и човековиот фактор и начинот на кој тој ја користи ВИ. Имено, наместо алатка за олеснување на работата од дискусиите и моето искуство гледам дека има некоја тенденција да се претвори во инкубатор за оние кои не можат да постават јасна граница помеѓу продукцијата и репродукцијата. Најсимптоматично ми е што без размислување оној кој задал команда се именува како автор на делото.
Извадоци од „Метафора“ од Марко Трпески
Минатата година ја издаде твојата прва авторска книга „Метафора“, која е спој на ликовната и книжевната уметност. Дали таа настана како резултат на своевиден увид дека дизајнот повеќе не може да ти биде единствен канал на (креативно) изразување?
Па, во суштина, дизајнот ми е само доминантен израз, но не и единствен начин на креативно изразување. Имам јас неколку хобија, кои во голема мера служат како автотерапија, т.е. интимен монолог пред огледалото на творбата а и на сепството. На пример, тука е пишаниот збор уште пред „Метафора“, макрофотографијата, наивното макетарство, од пред некое време и обработката на дрво итн. Технички, „Метафора“ настана по увидот дека фиоките и фолдерите во моето опкружување стануваат пренаселени од неприкажани приказни, а таа беше зачната во рамките на концепт и не морав многу да интервенирам, само ги построив илустрациите и текстуалните минијатури, што беше последна заповед на мојот авторитет над нив и им дозволив да живеат меѓу читателите и толкувачите.
„Метафора“ ја гледам како твој сублимиран поглед на современите состојби – оние на умот, на перцепцијата, на реалноста и времето во кое живееме, преточен и низ визуелен, и низ книжевен медиум. Поглед низ маглата на сонот (некогаш на таа пред заспивање, на таа при расонување или, едноставно, преку маглата на заспаноста). А сонот е игрив и надреалистичен и полн симболи кои ни кажуваат многу, само ако сакаме да ги слушнеме. Како ти се чини ова мое доживување на книгата?
Уживам во различните доживувања на „Метафора“, тие се нејзина суштина и животна енергија. Токму тоа е и нејзината цел – да жонглира со перцепциите на читателот, да осцилира помеѓу сонот и јавето, помеѓу свесното и несвесното. Инаку, да, „Метафора“ е паноптикум на симболите на духот од времето кои мене ми се чинеа релевантни за напомена, истовремено и лаичка интуитивна психологизација на духот на времето. Има тука многу слоеви, т.е, за секој кој ќе се осмели по малку.
Илустрации од новата „Метафора 2“, која треба да излезе од печат до крајот на годинава
Дел од страниците на „Ние, чувари на приказната“, замислена како интерактивна книга во која читателот ќе го напише својот текст до илустрациите
Годинава подготвуваш да издадеш уште две книги – „Метафора 2“ и „Ние, чувари на приказната“. Ќе ни откриеш по нешто за секоја од нив?
Па да, полека но сигурно влегувам во фаза на финални подготовки на двете книги. „Метафора 2“ останува во препознатлив манир, со архетипски вињетки и текстуални минијатури, овојпат од пред огледалата, затоа што метафората го одржува колективното свесно во живот. Додека „Ние, чувари на приказната“ е сосем поинаков концепт, тоа е еден вид игра во книга, книга чија суштина е да се испишува одново и одново во соработка со читателот. „Ние, чуварите на приказната“ треба да претставува една работна тетратка за сонувачи, со знаци покрај патот на мечтите, со знаци и симболи кои ќе бидат препуштени на слободно толкување на оној кој ќе се осмели да ја допишува книгата чија манирска одредница повторно е надреализмот.
Дел од SHUFFLEISM, проектот-ветување со дизајни-коментари.
Твојот креативен и критички настроен ум блеска и во новиот проект „Shuffleism“, кој на Инстаграм го опишуваш како „Logos not Logic“ и „специјализирана продавница за АРТфактите на нашето постоење“. Проектот, засега, се состои од визуелни коментари на разно-разни маркетинг појави. Како се роди и каква е твојата слика за него?
Shuffleism e креативен предизвик, ветување, критика, каталог. Ветување дека 365 дена ќе се обидувам секојдневно да создавам слики од навидум случајна мешавина на искористени рециклирани дребулии (симболично комплекси), неслучајно понесен од актуелностите со манир повторно во рамките на метафоричното и надреалното, ветување дека погончето за симболи ќе создаде каталог од АРТфакти кои, како што милувам да кажам, ја калибрирале мојата призма на светоглед во соодветниот простор-време, ветување кое ќе ме одржува во креативен и критички ангажиран набој и мене, а и оние кои ќе му дадат можност на Shuffleism.
БОНУС ПРАШАЊЕ: Кои ти се најомилените корици што ги имаш дизајнирано?
Не би издвојувал, вели некој непретенциозен глас. Другиот почнува да си набројува и тоа ретроспективно, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ – Владимир Јанковски, „Телото во кое треба да се живее“ – Петар Андоновски (наградена на овогодинешниот Саем на книгата), серијалот на Франц Кафка во издание на „Антолог“, серијалот на Меша Селимовиќ исто во издание на „Антолог“, „Глад“ – Џамал Уариачи, „Гласот на господарот“ и „Киберијада“ – Станислав Лем … ќе продолжам да набројувам во себе 😊.
Омилените корици на Марко
Насловна фотографија: Марко Трпески
Наташа Атанасова
...