Книжевен гоБЛЕН

Маргарита е мајсторката

Зошто и како жена, и како писателка ја обожавам Маргарита на Булгаков


Пишува: Хана Корнети, писателка


Пред некој ден си се пресметав дека годинава, која фала богу е при крај, демек еден први јануари нешто ќе промени, сум си нанижала солиден број „порази“.

Ретроспективата не ме депримираше. Секако, на почеток ги примав ударите директно во носот. Но после третиот-четвртиот аперкат (да, тоа е единствениот боксерски термин што го знам, иако претпоставувам дека ако има аперкат има и андеркат), некако научив да клекнувам за боксовите да ме промашуваат. Наведнав глава и фатив да работам. Така што, за некаква среќа, резултатот на мечот Хана vs. 2024 испадна… изненадувачки продуктивен.

Ретроспективно, сето тоа ми е смешно. Но имаше моменти кога ме јадеше црвот. На пример, за пишувањето. Што ако не ме бива и никој нема срце тоа да ми го каже? Што ако дијалозите ми се срање? Што ако се случило најлошото и сум, едноставно, просечна?

Нема поголем страв за креативците од медиокритетот. Дури и да си катастрофа е подобро од тоа да си медиокритетен, бидејќи тогаш барем отскокнуваш по нешто, макар и тоа да е колку не те бива.

И насред една таква автопатетика, си помислив – ми треба мене една Маргарита. Една спасителка на писателите, на љубовта… и на жените.

„Мајсторот и Маргарита“

„Мајсторот и Маргарита“ на Булгаков ја прочитав во моите рани дваесетти и целосно ме маѓепса. Секојпат кога зборував за Исус Христос на ум го имав Јешуа Ха-Ноцри. Дури и не викав „Исус“ туку викав „Јешуа“. Да, отсекогаш сум била многу кул.

Уживав во комплексното и делумно контраверзно портретирање на Сатаната, односно Воланд, како инструмент на правдата и главен непријател на лицемерието, самиот со најтешката задача и улога дадена од Бог: сите да те мразат, а да постоиш за некој вид на „добро“.

И целата негова багра, и сиот хумор, и сите грешници, и сите нежности – во оваа книга, сè ми се допаѓаше.

Но, ликот во кој вистински се вљубив беше Маргарита.

Жена што ѝ бега на „женската“ улога

Очигледното е дека Маргарита не е дама во неволја. Напротив, Маргарита е „проколната“ со самоназначената задача да го спаси Мајсторот, во чии живот и дело таа е длабоко заљубена.

Маргарита не морализира. Не е гласот на разумот, не е пандан на добрината. Напротив, Маргарита станува вештерка (и ужива во процесот). Маргарита лудува со Сатаната и неговата свита. Маргарита угол-гола пречекува гости на пеколниот бал. Маргарита го остава сопругот бидејќи се вљубува во Мајсторот. Маргарита ја боли патката за морализирање.

Маргарита не е нежна и кревка. На Маргарита ништо не може да ѝ го скрши духот. Кога Маргарита решава нешто да направи, тоа е направено.

Маргарита за љубовниците

Никогаш не сум ја идеализирала реториката на „ќе го средам“, но секако дека сум ја романтизирала жената со таква волја што би поминала низ сцили и харибди да го спаси човекот што го сака. Не знаејќи го среќниот крај на книгата или на својата судбина, Маргарита стапува во договор со Сатаната. Со тоа ограничено знаење, тоа лесно можело да значи дека си ја жртвува бесмртната душа. И за што? За еден кус живот со Мајсторот.  Во таквата љубов има нешто храбро или лудо, зависи како сакаме да гледаме.

Маргарита за писателите

Не само што Маргарита го спасува својот очаен писател, туку ја спасува и неговата книга. Прво, од оганот извлекува делови од ракописот кои преживуваат кога Мајсторот ги фрла сите страници со цел да ги уништи. Потоа, благодарение на нејзините напори, Воланд им ја врачува книгата во целост, бидејќи „ракописите не горат.“

Но тоа не е сè!

Дами и господа, Маргарита влегува и во станот на Латунски, најголемиот критичар на необјавениот ракопис на мајсторот, и му прави лом во домот! ЛОМ, ВЕЛАМ!

Маргарита за жените

А сепак, тука лежи главната причина зошто се вљубив во Маргарита.

По пеколниот бал, Воланд нуди да ѝ исполни една желба: она што нејзиното срце најмногу го посакува. 

Што би побарала Маргарита? Да ѝ се врати Мајсторот, се разбира!

Е, па, не.

На балот, Маргарита запознава разни вечни жители на пеколот. Една од тие грешници е жена која го направила најголемиот злочин што можеме да го замислиме: го убила своето чедо. Жената била силувана. Детето било плод на тоа. Казната која ја плаќала во пеколот била секое утро да се буди до марамчето со коешто си го задушила чедото.

Маргарита ја троши единствената желба на тоа Воланд да ја ослободи оваа жена од пеколот. 

Малку да ја измериме тежината на постапкава. Не само што Маргарита не ја користи желбата за да го оствари својот најголем копнеж, повторно да биде со Мајсторот, туку ја троши на жена која само што ја запознала и којашто направила еден од најнезамисливите гревови за човекот.

Можеме ли да го свариме ова?

Ова не е чин кој е контроверзен за своето време. Контроверзен е за секое време. Бидејќи не е само прашање за женското тело и автономија, туку е прашање за нашата способност да простиме. Колку што во средовековието луѓе фрлале камења по осуденици, толку денес, и во живо ама особено онлајн, луѓе се спремни да каменуваат и камшикуваат и да изразуваат нови нивоа на злоба, климаво поткрепени од некаква замислена морална супериорност. Истите тие луѓе би ги убиле и Маргарита и жената на лице место.

Мислам дека е потребна непоимлива големина на духот и на карактерот за да се почувствува таква жал и емпатија и да се преземе дејство кое во исто време ѝ ја одзема единствената шанса конечно да го добие она за коешто толку напорно се борела и спасува „врвен“ грешник. Но Маргарита гледа жена којашто била повредена, која полудела и која, како резултат на тоа, направила нешто ужасно, за што плаќа секој ден. 

И Маргарита заклучува дека да ја спаси оваа жена ѝ е поважно од сопствениот среќен крај.

За среќа, Маргарита добива втора желба.

Значи, зошто ја обожавам Маргарита? Затоа што е спасителка на писателите, поборник за љубовта и заштитник на жените.

КОМЕНТАРИ

  • Avatar

    Zlate Lozanovski

    Hana e majstorkata. Somnevanjeto e siguren simptom za kreativnosta.

    Одговори

  • Avatar

    Zlate Lozanovski

    Moeto mislenje na temata e beznacajno vo sporedba so mislenjeto na Hana…

    Одговори

  • Avatar

    Zlate Lozanovski

    Ne znam sto da mislam koga moeto mislenje go nema vo BENDISANI tekstovi. A ovoj na Hana bas mi se bendisa!

    Одговори

  • Avatar

    Zlate Lozanovski

    Celosna poddrska od mene, Hana

    Одговори

  • Avatar

    Zlate Lozanovski

    Nekoi komentari (moite, osobeno) ne zasluzuvaat odgovor.
    Stara sdsmovska pogovorka

    Одговори

Што мислиш ти?