Лучисти и иднинисти. Манифест (Михаил Ларионов и Наталија Гончарова)

Ние, лучистите и иднинистите не сакаме да зборуваме ни за новата, ни за старата уметност, а уште помалку за современата западна уметност.

Ја оставаме старата да умре, со неа да се бори таа „новата“, која, патем, освен борба не може ништо свое ни да понуди. Со себе да го наѓубриме јаловото земјиште – е корисно, но таа нечиста работа не нè интересира.

Тие вреват за непријателите што ги угнетуваат, а всушност – самите се непријатели и тоа блиски. Нивното соперништво со одамна исчезнатата стара уметност не е ништо друго освен воскреснување на мртвите, неподнослива декадентска љубов кон безвредноста и глупава желба да се биде на чело на современите малограѓански интереси.

Ние не објавуваме никаква борба, зошто каде би нашле рамноправен противник?

Иднината е зад нас.

Сеедно, во нашето движење ќе ги прегазиме и оние кои сплеткарат против нас и оние кои стојат на страна.

Нам не ни треба популаризација – нашата уметност и онака потполно ќе го заземе местото што во животот ѝ припаѓа – тоа е прашање на време. Нам не ни требаат јавни расправи и предавања; ако понекогаш и ги организираме, тогаш тоа е само милостина фрлена на општествената нетрпеливост.

Кога уметничкиот престол е слободен, а унесреќената ограниченост лута наоколу повикувајќи на борба со исчезнатите привиди, ние ја поттурнуваме и седнуваме на тронот од којшто ќе владееме сè додека не нè смени достоинствен заменик.

Ние, уметниците на идните патишта на уметноста, им пружаме рака на футуристите, без оглед на сите нивните грешки, но го изразуваме нашиот целосен презир кон т.н. егофутуристи и неофутуристи, истите неталентирани простаци како „пабовите“, „самарџиите“ и „Сојузот на младите“.

Не ги будиме тие што спијат, будалите не ги вразумуваме, на простаците в лице им кажуваме дека се тоа што се и подготвени сме секогаш активно да ги браниме нашите интереси.

Ги презираме и ги жигосуваме како уметнички слуги сите оние кои се вртат околу старата или новата уметност заради свои ситни работички. Поблиски ни се обичните, нерасипаните луѓе, отколку таа уметничка лушпа што на новата уметност се лепи како муви на мед.

Во нашите очи ненадареноста што проповеда нови идеи на уметноста е непотребна и излитена во иста мера како и кога ги проповеда старите.

Тоа е остар нож во срцето на сите кои се прилепиле кон т.н. нова уметност и кои својата кариера ја прават врз изјаснувањето против прославените старчиња, без оглед на тоа што меѓу нив и овие последниве, во суштина, има многу мала разлика. Вистински браќа по дух  – тие се жалосни клоцања на современоста, бидејќи кому уште му се потребни мирољубиво-обновувачки потфати на лимарите на новата уметност, кои не изнеле ниеден свој став, кои со своите зборови ги пренесуваат одамна познатите уметнички вистини!

Доста се „Каро пабови“ кои зад ваквите називи ја кријат својата јалова уметност, шлаканици на хартија со рака на дете кое страда од кучешка старост – Сојуз на старите и младите! Не ни се потребни банални пресметки со општествениот вкус – со тоа нека се занимаваат оние кои делат шлаканици на хартија додека во ствароста пружаат рака за милостина.

Доста беше ѓубрење, сега треба сеење.

Ние сме скромни и тоа директно и отворено го изјавуваме. – Ние себеси се сметаме за создавачи на современата уметност.

Имаме наша уметничка чест што сме подготвени да ја браниме со сите средства и на сите можни начини. – Ние им се смееме на зборовите „стара уметност“ и „нова уметност“ – тоа се бесмислици што ги измислиле пасивните малограѓани.

Ние не штедиме сила за светото дрво на уметноста високо да израсне и не ни е гајле што во неговата сенка живуркаат ситни паразити – ако, бидејќи за постоењето на самото дрво тие знаат по неговата сенка.

Уметност заради животот и уште повеќе – живот заради уметноста!

Ние плачеме: целиот генијален стил на нашите денови – нашите панталони, сакоа, облека, трамваи, автомобили, авиони, железница, грандиозни пароброди, се таква убавина – таква голема епоха, на која ѝ нема рамна во целата светска историја.

Ние ја отфрламе индивидуалноста како нешто што би можело да има значење во проучувањето на уметничкото дело. – Потребно е фокусирање само на уметничкото дело и проучување поаѓајќи само од законите според кои е создадено.

Ние ги истакнуваме следниве поставки:

Да живее прекрасниот Исток! Се обединуваме со современите источнички уметници за заедничка работа.

Да живее народноста! – Одиме рамо до рамо со молерите.

Да живее стилот што го создадовме, столот на лучистичкото сликарство, ослободено од реални форми, што живее и се развива според сликарските закони!

Изјавуваме дека копиите никогаш не постоеле и препорачуваме сликање според делата насликани во раните периоди. Тврдиме дека уметноста не се проучува од аголот на времето.

За изразување на нашето творештво погодни ги сметаме сите стилови – оние што некогаш постоеле и оние што сега постојат – кубизмот, футуризмот, орфизмот и нивната синтеза – лучизмот, чиј објект на проучување е како животот, така и целата претходна уметност.

Ние сме против Западот што ги банализира нашите и источничките форми и нивелира сè.

Бараме познавање на сликарското мајсторство.

Напрегнатоста на чувствата и нивниот висок развој ги цениме над сè.

Сметаме дека во сликарските форми на целиот свет можат потполно да се изразат: животот, поезијата, музиката, философијата.

Ние се стремиме кон славење на нашата уметност и затоа и за нашите идни дела работиме.

Сакаме зад себе да оставиме длабока трага и тоа е чесна желба.

Во прв план ги истакнуваме своите дела и своите принципи, кои постојано ги менуваме и ги спроведуваме во живот.

Ние сме против уметничките друштва кои доведуваат до стагнација.

Ние не бараме општествено внимание, но молиме ни од нас да не се бара внимание.

Стилот на лучистичкото сликарство што го започнуваме, има предвид просторни форми што настануваат со пресекување на рефлектираните зраци на разните предмети, на формите издвоени со волјата на уметникот.

Зракот условно се претставува со боена линија на плоха.

На лучистичката слика во најголем степен се огледува она што е вредно за љубителите на сликарството. Предметите што ги гледаме во животот тука не играат никаква улога, а она, пак, што ја чини суштината на самото сликарство, тука најдобро може да се покаже – со комбинирање на боите, со нивната полнотија, со односот на боените маси, со продлабоченоста, со фактурата; секој што се интересира за сликарството може целосно да се фокусира на сето ова.

Сликата е непостојана, оддава впечаток на вонвременско и просторно – во неа се појавува чувствување на она што може да се нарече четврта димензија, бидејќи должината, широчината и дебелината на нанесената боја се единствени обележја на светот што нè опкружува, додека, пак, сите чувства што се појавуваат на сликата се од сосема друг вид. На овој начин сликарството станува рамноправно со музиката, останувајќи самосвојствено.  – Така, сликањето слики се движи по пат што може да се помине само ако точно се следат законите на бојата и на нејзиното нанесување на платното.

Со ова почнува творештво на нови форми, чие значење и изразност зависат исклучиво од степенот на напрегнатоста на тонот и неговата положба во однос на другите тонови. Оттаму и природното пропаѓање на сите постоечки стилови и форми во целокупната претходна уметност, бидејќи тие, како и животот, се само предмет на лучистичката перцепција и градење во сликата.

Со ова почнува вистинското ослободување на сликарството и неговиот живот само според сопствени закони, на самодоволното сликарство што има свои форми, боја и тембр.

Потписници на манифестот: Тимофеј Богомазов, Наталија Гончарова, Кирил Здањевич, Иван Ларионов, Михаил Ларионов, Михаил Ле-Данти, Вјачеслав Левкијевски, Сергеј Романович, Владимир Оболенски, Морис Фабри, Александар Шевченко.


Извор: Larionov-Gončarova, 2003, „Lučisti i budučnjaci. Manifest“ во Doku­menti za razumevanje ruske avan­garde, Slo­bo­dan Mijušković, prir., Beograd: Geopoetika.


Насловна слика: Лучистички лилјани од Наталија Гончарова (детаљ)

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?