Европски

Мајнхард Раухенштајнер: Литературата се занимава со КАКО, а не со ШТО

Неодамна како самиздат се појави едно двојазично книгиче, во кое за првпат на македонски (паралелно со оригиналните текстови на германски) беше претставен австрискиот писател Мајнхард Раухенштајнер. „Кога сум сам, третиот ми пречи“ е збирка со избор од неговите најнови раскази, кои досега не се објавени, кратка проза и афоризми, во превод на Марија Гиревска.

Овој човек, страстен писател, читател, колекционер и муабетчија на тема книги го начекавме во периодот пред празниците, додека беше во  Македонија, меѓу другото, и за промоцијата на неговата книга. Па, така, освен што ѕирнавме во неговиот откачен книжевен свет преку книгата (која, патем, е достапна во „Антолот“, „Буква“, „Или-Или“, „Илика“ и „Полица“), успеавме да ѕирнеме и во неговиот личен свет на инспирација, креација и разно-разни фасцинации.

Од кога читаш и пишуваш и дали и како низ годините се има менувано твојот однос кон читањето и пишувањето?

Мислам дека не сум поминал ниту еден ден без книга откако почнав да читам – на возраст кога децата почнуваат да читаат. За да не останам наеднаш и случајно без книга, почнав да учам песни на памет. Ниту еден миг од мојот живот не треба да биде без литература. Почнав да пишувам кога имав околу 15 години, но оттогаш сè што се однесува на пишувањето фундаментално се промени. Како млад, претпоставувам дека сте повеќе во искушение да пишувате автобиографски, што мислам дека е голема грешка. Или барем состојба која треба да ја надминете.

Збирката „Кога сум сам, ми пречи третиот“ е прво претставување на твоето творештво на македонски јазик. Може ли да се каже и дека е соодветна „претстава во мало“ за сè што имаш пишувано или концептот појде од друга идеја?

Не, така е. Сакав да имам малку од сѐ во него. Подбивни, меланхолични, злонамерни, подолги текстови, минијатури и афоризми.

Карл се сушеше. Лушпестите островчиња по неговите раменици и раце, што го соочуваа од огледалото, беа непогрешлив знак за процесот чиј крај Карл не можеше да си го замисли. Сепак, тоа беше неизбежно. (…) песочните делови од неговото тело почнаа постепено да се ронат, така што фините зрнца испаѓаа од ракавите на неговата кошула по подот или остануваа на масата. Отпрвин, сè уште можеше да се задржи ова мошолење со помош на тесните манжетни на зглобовите и само да се испразни во туш кабината она што се насобрало вечерта по завршувањето на работата, но набргу…

Од расказот „Песочничарот“ („Кога сум сам, третиот ми пречи“, стр. 37)

Во твоите раскази поаѓајќи од навидум едноставни ситуации (туристичка прошетка, муви што лазат, појава на кожна болест…), внесувајќи го чудното коешто секојпат е на граница на неверојатно, преплетено со добро дозиран хумор и сарказам, успеваш да создадеш ефект на изненадување, кој е и своевидна кулминација. Што ти е најголема инспирација при пишувањето?

Не постои инспирација во класична смисла на зборот. Повеќе се случува да наидам на одредена реченица, ми доаѓа некаква формулација, а потоа останува таму сѐ додека во мозокот не се состави приказна од остатоците од другите реченици. Морам да чекам толку долго, тоа може да потрае и цела година. И тогаш го исфрлам овој јазик од умот врз хартијата. И таму таа мора сама да види како да преживее.

Како во надреалистичките цртежи, и во твоите раскази лазат мравки, летаат муви, со тага сведочиме за заминувањето од овој свет на една оса. Кревкоста на човековиот живот, кој знае да се срони како песок и да истече низ ногавици е една од темите што се повторуваат во неколку наврати низ расказите. Но сериозноста со која е таа обвиена во секојдневниот живот ти полетно ја туркаш да се удави. Веруваш ли во сериозни и несериозни книжевни теми?

Литературата никогаш не се занимава со теми. Секогаш станува збор за КАКО, а не за ШТО. И, како и кај Кафка, вие можете да се згазите од смеење дури и кога темата е всушност длабоко тажна.

Туристички информации

 

Главните градови во Австрија имаат многу што да понудат:

 

Грац саат кулата, Клагенфурт Змејот, Ајзенштат замокот Естерхази, Линц еден брег од Дунав – не, два –, Брегенц езерската бина, Инсбрук Златниот покрив, Санкт Пелтен околината, Салцбург тврдината и родната куќа на Моцарт. Како главен град на главните градови, Виена нуди дуќан на Луј Витон, продавница на Гучи, дуќан на Карл Лагерфелд, продавница на Картие, дуќан на Хермес, продавница на Прада, дуќан на Томи Хилфигер, продавница на Мајкл Корс, дуќан на Тифани – што повеќе човек да посака? Виена е, исто така, најпогоден град за живеење во светот.

 („Кога сум сам, третиот ми пречи“, стр. 97)

Виена, твојот град, главниот град на твојата земја е и главен град на твоите раскази. Но и кон целата таа нејзина сериозност си поигруваш во кусиот расказ „Туристички информации“ 😊. Каков е твојот личен, а каков книжевниот однос кон Виена?

Се разбира, Виена е срцето и душата на моето пишување. Друг начин нема. И токму затоа ја критикувам Виена повеќе од кое било друго место или град. Некогаш му се развикувам на Дунав или ги навредувам зградите, му викам на пролетното утро кога маглата се измолкнува од ливадите: „Те сакам, проклет граду!“ Да, тоа е горе-долу мојот однос со Виена.

Насловот на збирката „Кога сум сам, ми пречи третиот“ е, всушност, твој афоризам кој е сместен како последен, на крајот на книгата. Со тоа, крајот станува почеток, а почетокот крај, што е своевидна уредничка маестралност. Па, кој беше „кумот“?

Пишувањето, во основа, е уметничка практика на оние луѓе кои не можат да компонираат. Значи, јазикот мора да служи како материјал за создавање музика. И како во музиката, темите и формулациите се појавуваат одново и одново, има повторувања и варијации. Завршувањето со почеток е една од овие, на крајот на краиштата, музички техники.

Мајнхард Раухенштајнер и Марија Гиревска

Во предговорот на книгата може да се прочита дека располагаш со извонредна колекција на „Улиси“ на многу јазици, меѓу кои се наоѓаат и три примероци од трите изданија на македонски јазик. Преведувачката на „Улис“ на македонски е и преведувачката на твоите раскази. Дали „Улис“ е точката во којашто се вкрстија вашите патишта?

„Улис“ е точката каде сè се вкрстува и се сретнува, но тоа не го разбираат сите. И: да, секако „Улис“ беше местото, лепилото и огнометот каде што се сретнавме јас и Марија Гиревска. Друг начин нема.


Фотографии: Наташа Атанасова

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?