Муабетења

Лин Скобер: Температурата на општеството се гледа по младите

„Ех, да имавме вакви книги кога бевме ние тинејџери“ – коментиравме пред некое време со еден пријател, откако по моја препорака ја прочита книгата „За младоста“ од Лин Скобер и Лиса Аисато.

За книгата веќе пишував тука, а веќе разговарав и со Лиса Аисато, илустраторката која ги има оживеано ликовите. За заокружување на целата приказна, доаѓа и ова интервју со авторката Лин Собер.

Лин е актерка, пејачка, комичарка, сценаристка и познато ТВ-лице во Норвешка. Во 2018 година ја издава книгата „За младоста“, која претставува збир од приказни на млади луѓе за нивните размислувања во врска со разни аспекти од нивниот живот, а по големиот успех следуваат уште две книги, со кои се заокружува трилогија: „За зрелоста“ и „За староста“. Во пресрет на промоцијата на нејзината книга во Скопје, ја контактирав Лин за ова интервју, за кое одговорите ги испрати додека беше во Африка.

Вашата книга „За младоста“ е многу специфична – тоа се вистински приказни на млади луѓе, кои потоа ги имате литераризирано. Како Ви се роди идејата за една ваква книга и како изгледаше целиот процес – од изборот на младите, преку зближувањето за да Ви се отворат, па до пишувањето?

Отсекогаш ме фасцинирале генерациите во рамки на општеството. Фактот дека припаѓањето на една генерација значи дека не секогаш ќе се чувствувате комотно додека сте со луѓе од друга генерација ме правеше да се прашувам: дали е можно накратко да влезете во генерација на којашто не ѝ припаѓате?

Имав желба да бидам гостинка во тоа благо тајновито, кревко време на младоста и да откријам што има во таа средина, во умовите и срцата на нашите млади луѓе. Температурата на едно општество може да се види директно од младите луѓе; на тој начин, лесно можете да откриете дали општеството има температура или, можеби и надежно, добро е, фит, здраво и подготвено за новите сончеви денови или новите битки напоени со моќта на младоста.

Исто така, имав син кој имаше 16 години кога ја пишував книгата и честопати ги гледав куповите чевли бр. 45 пред неговата соба. Веднаш сфатив дека за мене немаше место во собата, но што ако можам да разговарам со неговата генерација? Можеби би можела да ги разберам подобро нашето време, нашето општество, па и мојот син?

Почнав со младите луѓе околу мене и, по некое време, стапував во контакт со многу што не ни ги познавав. Ги наоѓав преку познаници, на улица, а некои и сами ми пристапуваа да разговараме затоа што слушнале што правам.

Тоа беше едукативен процес на многу начини, но она што можеби најмногу ме изненади е што тие не беа заинтересирани за тривијалности и глупости. Сакаа да зборуваат за суштински работи. Сакаа да зборуваат за смртта, животот, осаменоста, неправдата, копнежите, стравовите и надежите. Тие беа млади луѓе кои сакаа да се борат за нивното право да зборуваат, да чувствуваат и да станат добри човечки суштества. Така што, кога ја завршив книгата, си помислив: Да, ова општество заслужува шанса. Има температура 38,5 и иако повремено качува и 40, мислам дека е здраво.

Како дојдовте до идејата текстовите да ги претставите во форма на монолози? Дали размислувавте дека така би биле погодни за сценско претставување во театар?

За младоста се состои од монолози затоа што беше напишана за на сцена уште од почетокот. Во Норвешка и Данска, претставата се играше пред преполни сали, а добивав покани и низ Европа. И тоа е нешто што можеби најмногу ме радува во врска со книгата. Младите луѓе и во далечни земји се препознаваа во текстовите. Што докажува дека сите сме слични, без разлика дали живеете во предградие во Осло, на фарма во Унгарија или во центарот на некој македонски град. Тоа го прави светот некако помал и понекомплициран. Си наликуваме едни на други, и времето на младоста доаѓа од истото место, истите срца, без оглед на сè друго.

Какви беа реакциите на норвешката јавност кога се појави книгата?

Книгата беше добро примена во Норвешка и имав можност да патувам надолж и попреку низ земјата за да читам од неа и да разговарам со младите луѓе. Навистина беше прекрасно. Би сакала да можев да патувам и низ светот, ама имам чувство дека англискиот не ми е многу добар (и овие одговори беа преведени од норвешки на англиски), но ако се охрабрам, може да се пуштам низ светот со книгата под рака.

Дали младите луѓе со кои разговаравте Ви пишуваа отпосле? Како се чувствуваа тие во врска со објавените текстови? И колку тоа Ви беше важно?

Им го покажав текстот на некои од младите луѓе кои ги имаа најтешките приказни пред да ја објавам книгата. Се грижев нивните приказни да бидат пренесени со нежност и почит и сакав да видат дали сум успеала да го фатам вистинското чувство. Никој немаше забелешки, сите беа задоволни од нивната приказна. Интересно беше што некои од нив, на кои им ја дадов книгата без да им кажам која приказна беше инспирирана од нивните, ќе застанеа на нивната приказна и ќе речеа: „Ми се допаѓа овој дел, се препознавам во него“. Понекогаш беа изненадени кога ќе им кажев дека суштината на приказната е нивна, како и идејата. Не затоа што ја имав раскажано поинаку, туку затоа што чувствуваа наклонетост кон личноста во книгата додека кон себеси не се чувствувале така. Мислам дека научија по нешто од тоа. „Имам убава приказна, иако во реалниот живот малку ми е срам од неа“.

Се чини дека книгата немаше да биде толку магична, текстовите да не беа надополнети со прекрасните илустрации на Лиза Аисато, која во интервјуто со неа ми раскажа за тоа како дошло до вашата соработка. Потоа, таа ќе продолжи и на две други книги – „За зрелоста“ и „За староста“. Како ја доживуваш ти оваа соработка?

Отсекогаш сум ѝ се восхитувала на Лиса Аисато. Се вљубив во нејзините цртежи уште првиот пат кога ги видов. Допреа нешто длабоко во мене и сè уште го прават тоа. Честопати кога ќе ми стигне цртеж за некој текст, почнувам да плачам, затоа што Лиса раскажува цела нејзина приказна врз мојата и целосно нов израз се создава кога тие две работи ќе се спојат. Лиса има посебна нежност и посебен поглед на човечкото што ги прави нејзините цртежи универзални. Сите можеме да се препознаеме во нејзините маѓепсувачки потези. Лиса е набљудувач на светот, кој ни помага да ги видиме нашите слабости и нашите нежни страни и со тоа учиме да се сакаме себеси и оние околу нас. Лиса нè гледа, нè црта и нè преведува за да се разбереме подобро едни со други.

„За младоста“ на македонски се појави лани, а годинава, во декември, ќе биде промовирана во рамки на „YES фестивалот“. Дали имате некоја порака за македонските читатели што би можеле да ја пренесеме на промоцијата? 😊

Драги македонски читатели,

Колкава радост е што ја читате книгата што ја направивме Лиса и јас. Во ова наше време, нема ништо подобро од тоа да си ги читаме текстовите надвор од границите. Книжевноста денес е поважна од кога било, бидејќи без разлика на тоа колку несогласувања и конфликти има во светот, низ зборовите се потсетуваме дека во суштина сме многу слични. Сите сакаме да живееме мирни животи; сакаме да танцуваме, да се бакнуваме и да се смееме. Сакаме да запознаеме некој сличен на нас, но и да се спријателиме со некој кој воопшто не ни е сличен. Ви благодарам што ги читате моите приказни од далечниот север. Еден ден се надевам дека ќе ве посетам и дека ќе слушнам за вашите животи, соништа и надежи. Ако не грешам, веројатно се многу слични на мојот. Уживајте во читањето.


Насловна фотографија: Robert Rønning 

Наташа Атанасова

...

Leave a comment