Кубизам. Футуризам. Супрематизам (Олга Розанова)

Свеста на многумина под зборот „сликарство“ е навикната да подразбира претставувачка уметност – уметност на пренесување на видливото, конкретно забележаното; во сликата сите, пред сè, бараат секојдневна смисла.

Сликарството со векови одело по овој пат.

За претставувачкото сликарство „феноменот“ е содржина, а неговото пренесување – главна цел. Ќе направам паралела меѓу суштината на претставувачката уметност и суштината на беспредметната уметност, особено на супрематизмот.

Претставувачката уметност е родена од љубовта кон предметите.

Беспредметната уметност е родена од љубовта кон бојата. Тоа е сликарството, пред сè.

Ние предложуваме сликарството да се ослободи од робувањето на готовите форми на стварноста и да стане, пред сè, творечка, а не репродуктивна уметност.

Дивјакот што со восхитување црта на карпа контури на бик и елен, примитивистот, академскиот сликар, античките уметници и уметниците на ренесансата, импресионистите, кубистите, до некаде дури и футуристите, ги обединува едно исто: предметот. Природата ги интригира, ги восхитува, радува, тие се трудат да ја доловат нејзината суштина, се стремат да ја обесмртат.

Тие одат низ предметот, низ формата на природата, кон сликарството.

Видливиот свет е резиденција на нивните творечки души.

Импресионистите не ја отфрлиле композицијата затоа што биле рамнодушни кон нештата што ги претставувале, туку токму затоа што баш сè во природата им било еднакво драго и мило.

Деформирањето на формата до непрепознавање кај кубистите не произлегува од стремежот да се ослободат од природата, туку од стремежот да ја пренесат што е можно попотполно.

Во таа смисла, кубизмот е кулминациска точка на обожавање на нештата.

Навистина, тој ја убил љубовта кон секојдневниот изглед на предметите, но не и љубовта кон предметите, воопшто. Природата продолжила да биде спроводник на естетските идеи и јасно познатите идеи. Во делата на кубистите нема беспредметно творештво.

Нивната уметност се одликува со напори задачата за претставување на стварноста да се направи посложена. Нивниот протест против востановените рецепти на копирање на природата се вообличил во жестока бомба што ја разнела на парчиња веќе загниената метафизика на нивните современи претставувачки уметности, метафизика што изгубила поим за целта и техниката.

Кубистите тврделе дека творечката свест е реална онолку колку што е реално она на коешто реагира и дека субјективните тврдења на секого поединечно се многу повредни од кодексот на вообичаени мислења.

Дали треба да се продолжи со докажување на предностите на античката убавина над сите останати и во висина на човекот да се впишуваат 7 ½ глави и 19 средни прсти?

Дали треба да се покорува на правилата на воздушна перспектива на љубовта на нашиот несовршен вид?

Недовербата кон природата на нашиот вид, што природата го поима условно и стремежот целосно да се спознае суштината на нештата, ги присилиле кубистите да го прошират дијапазонот на начини на приоѓање кон нештата и нивно претставување. (Свест, искуство, допир, интуиција.)

Кубистот со тоа внел маса сликарски откровенија, го одредил заемниот однос на бојата и формата, разноликоста на фактурата.

Динамизмот на формата, што го спознал кубизмот, својот целосен израз го нашол во футуризмот, ја извадил бојата од рамките на тривијалните форми, далечни на супрематизмот.

Спојот на два света што го дава футуризмот – субјективниот и објективниот – единствен во уметноста според силината и острината на изразот – е пример што веројатно нема да се повтори.

Но, идејниот гностицизам – футуризмот – не дошол до плитката свест на мнозинството, коешто сè уште повторува дека футуризмот – неуспешниот скок во движењето на светската уметност – е криза на уметноста. Како до денес да постои некаква бедна безоблична уметност, а не мноштво нејзини лица според бројот на историските епохи.

Бидејќи, уметноста еволуира, како и сè на светот.

Но, заради исклучивоста на неговите тврдења, една групичка новинарски безделници и лаици го исфрли својот бес на футуризмот – бесмртниот споменик на епохата.

Футуризмот го изрази карактерот на современоста со најголема проникливост и целовитост.

Во нашата метална доба, чијашто душа ја сочинуваат иницијативите и техниката, футуристите техниката ја доведоа до генијална целовитост.

Футуристите го проширија поимот на средствата на претставувачкото сликарство надвор од границите на фабричките бои (Досекин, Мевес и др.), воведоа лепенки, релјеф, различни материјали, различни фактури.

Приврзаниците на единството на средствата не ги сфатија техничките достигнувања на футуризмот, бидејќи не можеа да го поврзат со идејната содржина на методот.

Суштината на динамизмот во кубизмот: да се „фатат“ неколку последователни изгледи на предметот, кои, слеани во еден, ќе го репродуцираат во траење. По пат на расчленување ќе се создаде чувство на единственост.

Суштината на динамизмот во футуризмот: преку расчленување да се предизвика чувство на самото чувствување на динамизот, а не негова фиксација.

Пред футуристите, уметниците го пренесувале движењето условно вака: израз на најголемо движење – положбата на формата на плохата платно паралелна на дијаметарот на платното; изразот на најголемиот статизам – положбата на формата на плохата платно паралелна на оваа последнава.

Посматрачот не чувствуваше движење на сликата, само ја гледаше фиксацијата на движењето.

Условното сфаќање на односот горе-долу ја одредувало положбата на нештата во зависност од делувањето на законот за гравитација на нив и од погодноста за набљудување.

Ова практично расудување во светската уметност создало превласт на пластичната рамнотежа, на симетријата. Академски принцип на композиција: еден фокус во квадратната рамка, два, три итн. во издолжена, во зависност од особеноста на големината на платното и слично на тоа. Сликата била во функција на рамката, на онаа рамка што на столарот му била најлесна за изработка, но во којашто не било баш секогаш згодно да се смести уметничката замисла. Претставувајќи ја положбата на нештата во движење и од нивна гледна точка, футуристите веќе дале композиција од слободен карактер.

Поместувањето на нештата што итаат низ просторот ја урнало грижата за спокојната удобност и предизвикало асиметрична композиција, изградена на пластични дисонанции, за пристрасното око неочекувана, но длабоко реална во границите на својата смисла.

За супрематистите, сликата конечно престанува да биде во функција на рамката.

На формите што ги користиме, ние не гледаме како на реални предмети и не ги доведуваме во зависност од односот горе-долу на сликата, водејќи сметка за нивната реална смисла – тие немаат реална смисла.

Ние водиме сметка за нивната сликарска содржина, затоа што и преовладувањето на симетријата или асиметријата, на статизмот или на динамизмот – е последица на текот на творечката мисла, а не на однапред дадените расудувања на секојдневната логика. Естетската вредност на беспредметната слика е во целоста на нејзината сликарска содржина.

Сега ќе кажам нешто за односот кон бојата во претставувачката и во беспредметната уметност, за врската на бојата со фактурата и со формата и за односот на овие две уметности кон формата.

Бојата ја гледаме во колоритот на предметите, во прекршувањето на светлината (виножито, спектар). Но, бојата можеме да ја замислиме и независно од претставите за предметот и надвор од спектралниот поредок.

Во мислите гледаме зелено, сино, бело.

Оваа способност мисловно да предизвикаме бои може да се посматра како сеќавање на бојата што е извлечена од телото на нештата и што престанала да биде материјална.

На секоја обоена плоха оптички реагираме како на боја, но при посматрање на обоени предмети, ние ја гледаме оваа или онаа боја во сооднос на плохата што ја зазема (руменилото на ова јаболко, овие зелени покриви) и во врска со материјалната природа на предметите (нивниот материјал, квалитетот на пигментот и друго), со самото тоа материјализирајќи ја нематеријалната суштина на бојата, воопшто.

На пример, како да се одреди бојата на полираното дрво? Со бојата на црвената свила не може да се изедначи бојата на црвената волна, хартија и сл.

Бојата на зрелата праска или портокал не се создава само од својствата на нивните пигменти, туку и со испакнувањата и вдлабнувањата, со рапавоста или мазноста на нивната кора.

Фактурата на материјалот помалку или повеќе ја нарушува природата на бојата и претставува сурогат на чистото сликарство.

Претставувачкото сликарство, со оглед на тоа што како цел си ја поставува репродукцијата на стварноста, е мерило на количината и суштината на бојата со мерката и квалитетот на готовите форми и на својата фактура ѝ ја потчинува фактурата на подражаваниот предмет. Тоа е фактура што го имитира материјалот, што му пречело на сликарското творештво во коешто бојата е задача и цел, а не подражавање.

Вториот сурогат на сликарството е скулптуралната форма на нештата.

Бојата, вклучена во природата на нештата, е израз на нешто во материјата и го менува својот квалитет во зависност од формата и нејзиното осветлување.

Таа точка може да се посматра како плоха идентична на плохата на дискот, но неизмерно помала по големина. Во сите останати точки, пак, како што постепено се оддалечуваме од изворот на светлина, топката има сè потемна и понестабилна боја и не ја пренесува во изворниот облик.

Третиот сурогат на сликарството е воздушната атмосфера.

Овие сурогати ја менуваат првобитната суштина на бојата и ја претвораат во тон. Реалното сликарство има работа токму со тонот, а не со бојата. Реалното сликарство малку водело сметка за својствата на материјалот (на бојата) со којшто се служело.

Неоимпресионистите создадоа оптички колорит за пренесување на воздушната атмосфера, но тие своите закони ги применуваа на реалните форми, а бидејќи секоја измена на бојата со себе повлекува измена на формата, со силата на тој естетски закон тие ја уништиле и ја деформирале реалната форма. Меѓутоа, отфрлањето на овие форми не влегувало во нивната задача, па тие останале на полпат, не наоѓајќи начин за поврзување на обновениот колорит со обновената фактура.


Превод од српски: Наташа Атанасова


Извор: Rozanova, Olga. 2003. “Kubizam. Futurizam. Suprematizam.” во Doku­menti za razumevanje ruske avan­garde, Slo­bo­dan Mijušković, prir., Beograd: Geopoetika.


Насловна слика: „Град“ од Олга Розанова, детаљ во негатив

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?