Кризата на ентузијазмот
Александар Маџаровски, филозоф и книжевен јутубер
Да имаш ентузијазам, во неговото изворно значење, значи да бидеш вдахновен од боговите. Меѓутоа, денес и боговите не се толку ентузијастични и расположени да вдахновуваат. И тие сакаат да знаат каква корист ќе имаат? Дали ќе им се исплати инвестицијата, колкав ќе биде досегот, дали бројките ќе зборуваат за гледаност и импакт? Во време кога сѐ е пресметано и пресметливо, ентузијазмот е во криза. Веќе никој не е „будала“ да прави нешто од чист ентузијазам и за џабе.
Под влијание на динамиката и процесите на интернет и на социјалните мрежи, светот на креирање „содржини“, на вирални видеа, на создавање некаква платформа или апликација што ќе ти носи пари додека ти не правиш ништо, што ќе направи доларите да ти „легнуваат“ на сметка и кога спиеш, не е лесно да се посветиш на нешто што нема инстантно да ти донесе профит и сатисфакција. А особено не на нешто што го правиш од чисто задоволство и ентузијазам. Сѐ повеќе млади луѓе денес мислат и фантазираат како да се збогатат без никаков труд. Патот што треба да го поминеш, да се образуваш, па да почнеш да работиш, можеби да отвориш свој бизнис, па да го разработиш, па да станеш успешен, (ако воопшто успееш), нешто што често бара години, е заменет со идејата дека работите можат да се случат преку ноќ, дека само треба да ја најдеш вистинската формула, да ти текне праватa идеја, да станеш инфлуенсер, едноставно, да ти се позлати.
Човек е најмногу жив кога твори
Ова е време на нагласен индивидуализам и материјализам. Време на сопствено задоволство, на правење само на работите што те прават среќен, на „грижа за себе“, на бесмислено скролање на евтини содржини и потрага по нешта што ќе ни го „подобрат“ животот. Но, не постои вистинска исполнетост и среќа ако не го кренеш погледот од екранот и не се свртиш кон Другиот, сфаќајќи дека сите сме дел од целината и дека ако никој не може да живее и да биде среќен сам.
Ентузијазмот се возбудата, восхитот и занесот што ги чувствуваме кога правиме нешто што ни носи лично задоволство, но можеме да им го подариме и на другите. Колку и доминантната култура да нè учи на спротивното, сепак, човек е најмногу жив кога твори и кога дава, како и да изгледа тоа во пракса. Ние сме среќни само кога другите ги правиме среќни.
Иако ентузијазмот е во криза, сепак, не е мртов.
Неодамна бев на промоцијата на биографската книга за Горан Трајкоски – Готра, напишана и изработена од Тошо Филиповски, рокер-панкер, новинар, хроничар и примерен ентузијаст кој верува во тоа што го прави и упорно си го тера својот филм. Книга по книга, Тошо се бори да најде поддршка за она што верува дека треба и вреди да се издаде и, еве, стигна до петтата книга, професионално и одлично направена од секој аспект.
Постојат вакви примери од индивидуален карактер, при што, некој поединец (за тоа е пример и блогот на кој го читате овој текст) се залага и работи на нешто и има примери на поголеми здружени проекти како организирање книжевни, филмски и други фестивали на кои работат група ентузијасти. Прашањето не е дали на крајот се нашле спонзори и се одржале тие настани, туку самиот ентузијазам и убедувањето на организаторите дека треба и вреди да се стори тоа. Обично на крајот не станува збор за никаков или за минимален профит.
Кога го почнав каналот Читачот, на кој зборувам за книги и за книжевноста, покрај поддршката, имаше и луѓе што ме прашуваа, верувам добронамерно, „Што планираш понатаму?“, „Дали ќе ти се исплати?“, „Дали ќе земаш пари од Јутјуб?“ Меѓутоа, тоа не беше, а не е ни сега, идејата што ме води. Ако она што го правам се валоризира и монетизира, во ред, но, не може да биде мојот движечки мотив. Она што ме движи е желбата да го споделам моето читачко искуство со другите, да зборувам за тоа што го сакам, а ако на некого тоа му значи и можеби го поттикне да земе да го прочита конкретниот роман, тогаш сум ја постигнал целта.
Се чини дека во државава, во отсуство на сериозни културни и образовни стратегии, најубавите иницијативи не доаѓаат „од горе“ туку од поединците што имаат некаква визија која власта најчесто не ја препознава како вредна за поддршка. И тоа е во ред. Тоа не би требало да го спречи ентузијазмот зашто кога боговите ќе вдахноват тогаш сѐ изгледа возможно и вредно за трудот. Според мене, ентузијазмот на поединци и мали групи луѓе е една од ретките светли точки во земјава. Иако е во криза, тој не е мртов. Боговите сѐ уште не го кажале последниот збор.