Кристијана Раду: Добрата илустрација е во дијалог со текстот

Кристијана Раду е романска илустраторка, со чии илустрации се сретнав за првпат во сликовницата „Беззборовната Ела“, за која пишував лани тука.
Светот на Ела, во кој зборовите ја имаат својата полна тежина што ги држи да не го напуштат, Кристијана го има оживеано и збогатено онака како што умеат да го направат тоа добрите илустратори. Во ова интервју со неа разговараме за процесот на илустрирањето книги за деца, за талентот и напорната работа, за тоа што ја прави една илустрација во сликовница добра…
На твојата веб-страница пишува дека иако дизајнираш корици и работиш едиторијални цртежи, твојата главна страст е илустрирањето книги за деца. Кога и како почна да се занимаваш со тоа?
Одличната традиција на книги за деца што ја имавме до 1989 година беше прекината по падот на комунистичкиот режим и тој прекин траеше долго, околу дваесет години. Јас бев меѓу првите илустратори кои го скршија мразот.
Тоа се случи благодарение на Клубот на илустратори, асоцијација на илустратори на книги за деца, која ја основа уметницата Стела Лие. Таа е професорка на Универзитетот за ликовна уметност во Букурешт и ова беше група на колеги и пријатели со заедничка страст. Еден од првите проекти на Клубот беше објавувањето на книга која на едно место собра серија современи илустратори и писатели – Bookătăria de texte și imagini (Bookătăria е игра со зборовите „пекарница“ и „книга“).
Во оваа книга, јас бев споена со Грете Тартлер, позната романска поетеса. Нејзе навистина ѝ се допаднаа цртежите, па ме праша дали би ги илустрирала нејзините следни две книги. И така дебитирав, па со тие книги во моето портфолио се обратив кај други издавачи, кои продолжија да ми даваат работа.
Во твоите илустрации основен е цртежот, кој личи како да е цртан со рака, со вистински моливи и боици, а не дигитално. Дали е тоа така?
Претпочитам да работам со бои и со боички – ништо не може да го замени дијалогот со материјалот. Ја сакам неговата „тврдоглавост“ и борбата да го натераш да го каже тоа што го сакаш, новите можности на кои не би ни помислила, а кои се појавуваат од овој дијалог и напорот да се одржи посакуваната насока во пресрет на илјадниците неочекувано отворени патишта што ги нуди.
Колку за споредба, работата на таблет ми е студена. Сепак, користам дигитални алатки за да ги сечам и модификувам рачно нацртаните елементи и за да ја добијам крајната композиција.
Каков беше процесот за доаѓање до идејата за стилот на илустрациите во „Беззборовната Ела“ – за спојот на цртежи, букви и зборови?
На истиот начин работев и на „Ела“. Буквите ги цртав на рака, потоа ги сечев и ги поставував на хартијата со цртежот онаму каде што требаше. Ја фотографирав добиената композиција и ги скенирав буквите (ги има над триста!). На крај, ја реконструирав композицијата со скенираните букви во Фотошоп.
Навистина уживав да си играм со буквите и да ги цртам, наместо да пишувам со нив.
Со Викторија Патрашку имате соработувано за повеќе книги, што значи дека тука имало „клик“ 😊. На колку вкупно проекти имате соработувано и како обично се одвива таа соработка?
Обожавам да работам со Викторија, со која станавме блиски. Заедно работевме на „Беззборовната Ела“, а потоа на серијата „Зурало и Зурали“, која вклучуваше три книги: „Зурало и магичното тркало“, Песната на Зурали“ и „Бељаџијата Марио“, посветени на децата од сиромашната ромска заедница. Бев импресионирана од овие приказни и можеби и ми се најомилени од сите книги што досега сум ги илустрирала.
Се радувам кога илустрирам приказни на Викторија, затоа што таа има фасцинантен универзум на имагинација.
А процесот на работа е сличен, без разлика дали го познавам писателот лично или не. Предноста кога се познаваме е што можам да поставам прашања за некој детаљ или да проверам дали графичкото решение функционира од нивна гледна точка или да побарам дополнително мислење за некој елемент што се појавува во цртежот а го нема во текстот.
Дали повеќе соработуваш со домашни или со странски автори? Зошто?
Сè уште не сум соработувала со странски автори, но расположена сум ако има можност.
Што е тоа што ја прави добра една илустрација во сликовница за деца?
Верувам дека добрата илустрација раскажува дел од приказната кој може да биде „раскажан“ единствено преку слика. Добрата илустрација е во дијалог со текстот, не го репродуцира. Го подвлекува, му се спротиставува, го провоцира. Отвора нови хоризонти на значење а не ги затвора; акцентира одредена сцена, им вдахнува живот на ликовите.
Имам многу омилени илустратори, а списокот е еклектичен и постојано се менува и расте. Тука се: Изабел Арсено, Ли Џин-хи, Џоана Консехо, Карсон Елис, Кити Краутер, Албертин, Ани Бријар, Сара Лундберг, Ева Линдсторм, Венди Верниќ и би можела да продолжам до недоглед.
Колку талентот е дарба, а колку работа? И колку и како низ годините имаш работено за да го развиваш твојот (очигледен) талент?
Мислам дека двата термина, талентот и напорната работа, во голем дел се поклопуваат: „талентот“, всушност, е задоволството да се прави одредена активност или упорност сè додека не излезе како што треба. Задоволството ви помага да напредувате во непознатата територија и да откривате, што, пак, го одржува интересот да продолжите. А со продолжувањето станувате подобри и повеќе се внесувате во тоа што го правите, што ви се враќа како награда. И тоа е како магичен круг, кој ве тера да одите и одите и трудот во оваа состојба повеќе не изгледа како напорна работа, туку станува катарза.
Можеби најважната работа во мојот случај беше што уште од најмала возраст моите родители ме поттикнуваа да цртам. Кога тргнав на училиште, моите соученици бараа да им цртам, затоа што веќе имаше голема разлика меѓу нашите цртежи – моите беа многу позрели. Мислам дека тоа беше така затоа што од три години јас многу цртав. Во тоа помагаше и тоа што секој ден бев оставана дома сама по половина ден, затоа што моите родители беа на работа. Тие беа наставници, нивниот распоред беше исполнет и морав да седам сама, а други интересни работи за правење во тоа време немав.
Па така, си измислував нацртани приказни со многу ликови и настани. Животот што не го живеев, го креирав на хартија, со што, всушност, мислам дека многу потсетувам на Ела, малечкото девојче од приказната.
Наташа Атанасова
...
