Книжевен гоБЛЕН

Кој се плаши од колажи?

Минатата недела на Инстаграм се појави профилот @skopjecollagecollective, иницијатива за заедничарско колажирање. Брзо-брзо направивме договор со Марко Трпески и Филипа Сара Попова, овонеделниот ГоБЛЕН да го изведеме како интервју и да го извезат во диптих. 

 

Прашува: Наташа Атанасова
Одговараат: Марко Трпески, графички дизајнер и колажист и Филипа Сара Попова, поетеса и колажистка


Од каде идејата за „Скопје колаж колектив“? Како се споивте вие двајца во овој проект?

Филипа: Се запознавме на работа! Јас работев како книжарка и копирајтер, а Марко правеше колаж-корици за книги. Еднаш му ги пофалив колажите и срамежливо признав (како на суд) дека и јас правам колажи. Тој веднаш се израдува, ме охрабри да продолжам и почнавме да разговараме на темата. Идејата за колективот не е оригинална. Таа се базира на веќепостоечки интернационални колективи кои функционираат на речиси ист принцип.

Марко: Коренот на иницијативата треба да го бараме во мотивот, а тоа е да се обидеме да уредиме едно виртуелно (засега) локално ќоше кое ќе биде заедничка галерија на сите кои хобистички, професионално, од љубов или нужност, од автотераписки причини или под присила изработуваат колажи. Како што е општо познато, секое уметничко движење/-изам, формално или неформало, функционирало во некаков колектив кој е аналитичко огледало на поединецот и суперспецијална призма која различностите ги претворала во кохезиона сила.

Зошто токму повик за правење колажи?

Марко: Иницијално за да потсетиме и да го посочиме колажот како една од многуте форми за изразување. И двајцата изработуваме колажи, вљубеници сме во книжевноста и уметноста, веруваме во моќта на симболот, со ишерет или директно често се обидуваме да исправаме „криви дрини“. Но, мислам дека е најважно што и двајцата идентификувавме слична потребата на заедницата – поттик за создавање уметност заради уметност, од љубов и нужност, како слободно изразно средство во свет што има тенденција да ги меша значењата и уметноста ја сведува на нарачана пропаганда.

Филипа: Колажите се најхаотични, бунтовни и возбудливи. Прво, тие го демократизираат уметничкиот процес. Второ, тие кршат важни граници како оние меѓу висока и ниска уметност, фикција и стварност, создавач и набљудувач. Трето, колажите се и погодни за сатира и општествена критика бидејќи често црпат материјали од јавните медиуми. Но, најубаво од сè е што тие охрабруваат создавање уметност преку слободни асоцијации и експеримент. Со други зборови, го одбравме колажот и бидејќи сме заљубени во него, но и бидејќи е најпогоден за искрено, растеретено и нецензурирано создавање. А целта ни е да ги размрдаме и обоиме луѓето околу нас.

Омилени колажисти? Од каде вие црпите инспирација и од каде би можеле да црпат инспирација сите што би сакале да колажираат?

Филипа: Од поновите дела омилени ми се картонските колажи на Toon Joosen и морбидните хибриди на Oona Oosen, а од постарите колажисти секогаш ќе ги сакам фотомонтажерите како John Stezaker. Бидејќи периодов работам аналогно, инспирацијата ја црпам од самите материјали (весници, списанија, архивски слики…), но и од други уметности како поезија, фотографија и музика. За да ве удри громот на инспирацијата, препорачувам да погледнете околу себе. Колажот е многу актуелен така што го има насекаде: билборди, реклами, маички… Исто така, најдобрите современи колажисти имаат активни профили на социјалните мрежи. Таму има и цели заедници за правење колажи (како што сакаме да создадеме ние), така што има многу извори за информации и инспирација. Добро место се и книгите за колаж, како и веб-страниците на светските музеи и галерии каде што може да се најдат убави статии.

Марко: Најмногу ми одговара естетиката и манирите кои со себе ги носи надреализмот затоа што ткаењето на идеите е колажно и полно со изненадувања без разлика на сликарската техника. Па, ќе посочам уметници кои не се стриктно колажисти, како Ернст, Магрит, Де Кирико, Дишан, Бретон, Бексински, Џакомети. Ако во почетокот се обидував да анализирам глобални проблеми и да интерпретирам општествени феномени, во последно време (колку ова конечно звучи) идеи црпам од интроспекцијата и се обидувам внатрешните процеси да ги поставам пред огледало дигитално или аналогно за да можат да видат како изгледаат во пижами. Јас се ставам во улога на медиум кој е тука технички да го потполни процесот. Инспирацијата е процес на вдишување… секој момент испишува слика/симбол во нашата потсвест, идејата на нашиот повик е да укажеме на колажот како една од можните форми за интерпретација на тие слики. Затоа, мојот совет за оние што сакаат да колажираат: секое вдишување претворајте го во слика.

Каков развој би сакале да видите за една година?

Марко: Би сакал да се видам како дел од отворена заедница која произведува интересни колажи и не и е страв ниту срам да ги покаже. Заедница која наместо инстант решенија ќе се ослони на осознавање на динамиката на процесот. Инаку, ептен сме на почеток и една година на рационалниот јас од оваа перспектива му се чини како долг период за проекции. Наместо дурбин, јас би користел микроскоп во случајов и би бил презадоволен со микропоместувања како што се прифаќање на проектот од заедницата.

Филипа: Јас сепак ќе искористам дурбин. За една година сакам да имаме голем број следачи и секој ден да пристигнуваат по 10 колажи. За една година, сакам редовно да организираме физички колаж-дружби, предавања, работилници, арт терапи сесии. Сакам и да охрабриме квалитетни срамежливи уметници да ги изложат делата во јавност, да им помогнеме на луѓе кои се бараат себеси креативно, но и да ги потсетиме безнадежните и тажни талкачи дека животот пак може да биде интересен, слободен и убав. Едноставно, да ги засечеме, размрдаме и обоиме нештата. Но, да се постигне и само 20% од сето ова, би била пресреќна. 😊

Leave a comment